„Папокот на светот“ на Венко Андоновски доби свое издание на српски јазик!

Венко Андоновски е еден од најистакнатите и најдокажаните македонски автори. Неговите книги се вистински бестселери и тој има навистина многу читатели кои со нетрпение чекаат и се радуваат на секое ново издадено дело.

Изминатиот период беше одличен за Венко Андоновски. Тој ја промовираше својата нова книга „Припитомување на кучката“ во издание на „ТРИ“, а беше номиниран и за престижната Толстоева награда во Русија.

Дополнително, успесите на Венко Андоновски не запираат тука. Познатиот српски издавач „Лагуна“ ги доби правата да ја издаде „Папокот на светот“ на српски јазик.

Pupak-sveta-1-1024x737
(Извор на сликата: Фокус)

На веб-страната на „Лагуна“, романот е веќе достапен за продажба. Како што се наведува на веб-страната, исто како и на самата корица, се работи за „современ класик на македонската книжевност“. Освен тоа, на задната страна на корицата се цитира извадок од предговорот на руското издание на романот кој вели: „Без сомневање, Андоновски може да се нарече и гениј, жив класик и книжевен џин, а романот може да се спореди и со делата на Умберто Еко и Милан Кундера.“

Според информациите, издавачката куќа „Лагуна“ ќе ги преведе и издаде и останатите романи на Венко Андоновски.

Честитки, да се надеваме на одлична продажба и нови преводи!

Извори:
Фокус
Издавачка куќа „Лагуна“

Leave a comment