27 март е Светски ден на театарот! Театарот е една од најпрекрасните форми на уметност која навлегува длабоко во човековата душа и анимира различни аспекти од нашиот ум и чувства.
Одлуката за одбележување на Светскиот ден на театарот е донесена во далечната 1961 година со одлука на 9. Светски конгрес на Интернационалниот театарски институт – ИТИ на УНЕСКО, а од наредната година тој се слави на 27 март – датумот кога е отворена сезоната на „Театарот на нациите“ во Париз.

(фото: „Животот е прекрасен“, извор)
Интернационалниот театарски институт ИТИ е основан во 1948 од УНЕСКО и е најважната меѓународна невладина организација во областа на изведувачките уметности. ИТИ настојува да ја промовира интернационалната размена на знаења, да го стимулира творештвото и да ја зголеми соработката меѓу театарските луѓе и заемното разбирање со цел да се зајакне мирот и пријателството меѓу народите.
Секоја година на Светскиот ден на театарот се организираат различни настани и традиционално, на гледачите на претставите кои се играат на овој ден, им се чита Меѓународната порака која се преведува на многу светски јазици ширум светот.
Жан Кокто е автор на првата Меѓународна порака во 1962 година, а годинава автор на Меѓународната порака е театарскиот режисер и драмски автор Карлос Селдран, додека пак автор на македонската порака е драмскиот автор Југослав Петровски.
Во меѓународната порака на Карлос Селдран се наведува:
„Кога сфатив дека театарот е држава сама за себе, голема територија која го покрива целиот свет, во мене се роди една решителност која исто така беше и едно остварување на слободата: ти не мораш да одиш некаде далеку, ниту пак да се поместиш оттаму каде што си, не мораш ниту да трчаш, ниту пак да се придвижиш. Публиката е онаму каде што живееш ти. Ги имаш на своја страна колегите кои што ти се потребни. Таму, надвор од куќата, ја имаш целата таа матна, непробојна дневна реалност. Потоа, ти работиш од таа очигледна неподвижност за да го формираш најголемото патување воопшто, да ја повториш Одисејата, патувањето на Аргонаутите; ти си неподвижен патник кој не прекинува да ја забрзува густината и ригидноста на својот реален свет. Твоето патување е пат кон мигот, кон моментот, кон неповторливата средба пред твоите врсници. Твоето патување е кон нив, кон нивното срце, кон нивната субјективност. Ти патуваш во нив самите, во нивните емоции, во нивните сеќавања кои те будат и те мобилизираат.“

(Фото: „Не сега драга“, извор)
Југослав Петровски во македонската порака вели:
„Најдобра театарска претстава е онаа претстава што на крајот, секој од гледачите, дома, во себе, ќе си понесе сосема поинаков „петти елемент“. Што би значело дека најдобра претстава е онаа кога секој дома ќе си замине со потполно различна, само своја катарза, само свој „петти елемент“.“
Среќен Светски ден на театарот! Да го славиме на најдобар можен начин, со редовно купување карти и посетување на претставите. Македонија има прекрасни претстави, актери, актерки, режисери, костимографи, сценографи и уште многу прекрасни театарски работници. Да ги поддржуваме и почитуваме во секоја прилика!
Денес, доколку сакате да го прославите Светскиот ден на театарот, во Скопје можете да ги погледнете следните претстави:
МНТ: „Животот е прекрасен“, 20:00
Театар Комедија: „Не сега драга“, 20:00
Драмски театар: „Луди за љубов“, 20:00
МКЦ: Да го поздравиш и да ми го бациш, 21:00
Честит Светски ден на театарот!
