Милан Кундера: „Љубовта може да се роди и од една метафора!“

На денешен ден, во 1929 година, се родил еден од највлијателните европски писатели на 20 век. Милан Кундера е еден од критички најпрославените автори и првиот значаен автор од источна Европа по падот на комунистичките режими. Тој е многу добро познат и на македонската читателска публика преку неговите дела: „Неподносливата леснотија на постоењето“, „Шега“, „Животот е на некое друго место“, „Книга за смеата и постоењето“, „Празник на безначајноста“, „Бесмртност“, Бавност“, итн.

jarvis_59f8a485498e089684eaa53e

Денес на блогот издвоив неколку интересни факти за неговиот живот и неколку убави мисли од неговите дела и на тој начин ќе го одбележиме раѓањето на овој голем и значаен европски автор.

~ Тој е роден во Брно, тогашна Чехословачка (денешна Чешка), а неговиот татко бил пијанист. Не само што неговиот татко го научил да свири на пијано, но тој исто така студирал музика и основи на музичка композиција.

~ Тој првично почнал да пишува поезија и во периодот од 1953 и 1964 година објавил три збирки поезија, но потоа се префрлил на драми и романи и во 1967 година го објавува својот прв роман „Шега“.

~ Тој ѝ се придружил на Комунистичката партија во 1948 година, но бил избркан во 1950 година, поради антипартиски активности. Дел од тоа искуство тој го споделува во романот „Шега“. Потоа повторно ѝ се придружил на партијата во 1956 година, но повторно бил избркан во 1970 година.

~ Во 1979 година престанал да дава политички коментари и да пишува за политичкиот и општествениот систем и решил повеќе да се посвети на филозофските идеи.

~ Милан Кундера обожава филмови, сѐ додека не се екранизации на неговите дела. Неговото најпознато дело „Неподносливата леснотија на постоењето“ во 1984 година беше екранизирано од страна на режисерот Филип Кауфман. И покрај одличните критики и прием кај публиката, Кундера бил толку разочаран од филмот што после тоа забранил кое било друго негово дело да биде екранизирано и претворено во филм.

image
~ Кундера првично пишувал на чешки јазик, но од 1993 година започнал да ги пишува своите романи на француски јазик. Од 1985 до 1987 година, тој ги превел сите свои дела на француски јазик.

~ Тој има освоено многу награди, а се шпекулира и дека неколку пати влегол во потесниот круг на кандидати за Нобеловата награда за книжевност.

~ Во едно интервју за списанието „Вилиџ Војс“, Кундера рекол: „Интимниот живот се сфаќа како лична тајна на човекот, како нешто вредно, нешто што не смее да биде пробиено, основата на идентитетот на еден човек.“

~ Ликовите на Кундера често се опишуваат како делови од неговата сопствена фантазија. Тој многу малку и оскудно пишува за нивниот изглед, наместо тоа остава самиот читател да си замисли како изгледаат ликовите.

~ Поради контроверзноста и политичките ставови во неговите книги, неговите книги почнале да исчезнуваат од полиците и тој се соочувал со цензура, а ја изгубил и неговата работа на универзитетот на којшто предавал, сѐ додека конечно не се преселил во Париз каде што живее и денес.

milan_kundera

Познати мисли од книгите на Милан Кундера:

~ „Борбата на човекот против власта е борбата на човекот против заборавот.“

~ „Љубовта може да се роди и од една метафора.“

~ „Двајца заљубени, изолирани од остатокот од светот, тоа е нешто преубаво.“

~ „Кога срцето говори, разумот смета дека е непристојно да приговара.“

~ „Кучињата се нашата врска со рајот. Тие не знаат за зло, за љубомора или незадоволство. Да седиш со куче на брдо за време на едно прекрасно попладне е исто како да си се вратил во Еден, каде неправењето ништо не било здодевно, туку значело мир.“

~ „Љубовта е копнеење по половината од себеси која сме ја изгубиле.“

~ „Нема ништо потешко од сочувството. Дури ни сопствената болка не е толку тешка како болката која човек ја чувствува со некого, за некого, болка која е зголемена од фантазијата и продолжена од стотици одекнувања.“

81y9s-uwiol._sl1500_
(ДВД изданието на екранизацијата на „Неподносливата леснотија на постоењето“)

~ „Кога силните беа премногу слаби за да ги повредат слабите, слабите мораа да бидат доволно силни за да си заминат.“

~ „Љубовта е како империја: Кога ќе згасне мислата на која е заснована, се гаси и таа.“

~ „Никогаш нема да можеме со сигурност да утврдиме во која мера нашите односи кон другите луѓе се последица на нашите чувства, љубов, омраза, добрина или злоба, а во која мера се предодредени од соодносот на силата меѓу поединците. Реалната добрина на човекот може да ја покаже својата чистина и слобода само во односот кон некој кој не поседува никаква моќ.“

~ „Човечкото време не се врти во круг, туку брза напред по права линија. Тоа е причината поради која човек не може да биде среќен, затоа што среќата е копнеж за повторување.“

~ „При зајдисонцето на разрешувањето, сѐ е осветлено од аурата на носталгијата, дури и гилотината.“

 ~ „Личноста која копнее да го напушти местото каде живее е несреќна личност.“

~ „Врескаме дека сакаме да направиме подобра иднина, но тоа не е вистина. Иднината е само големо празно без чувства, за кое никој не се интересира, но минатото е полно со живот и неговото лице толку многу нѐ нервира, нѐ разлутува, нѐ повредува, што сакаме да го уништиме или наново да го насликаме. Сакаме да бидеме господари на иднината само за да можеме да го смениме минатото.“

~ „Никогаш не можеме да знаеме што сакаме, затоа што живеејќи само еден живот, ние не можеме да го споредиме со нашите претходни животи, ниту пак да го усовршиме за нашите идни животи.“

~ „Таа имаше обземувачка желба да му каже, како повеќето обични жени: „Не ме пуштај, држи ме цврсто, направи ме твоја играчка, твој роб, биди силен!“ Но, тоа беа зборови кои не можеше да ги изговори. Единствената работа која ја кажа кога тој ја ослободи од прегратката беше: „Не си свесен колку сум среќна што сум со тебе.“ Тоа беше најмногу што нејзината резервирана природа ѝ дозволуваше да каже.“

~ „…наклонетите на радоста се најчесто најтажните луѓе…“

~ „Ништо не ги зближува луѓето побрзо од (макар и привидно и лажно) од тажното, меланхолично разбирање; таа атмосфера на смирено разбирање, што ги заспива сите стравови и бариери…“

~ „Од таа вечер сè се промени во мене; повторно постоев; веќе не бев жална празнотија, во која (како отпадоци во опустошена соба) се бркаа таги, префрлања и обвинувања; собата на мојата душа беше ненајдено исчистена и некој живееше во неа.“

~ „Клучните моменти во развојот на љубовта не се секогаш предизвикани од драматични настани, туку честопати од околности сосем незабележливи на прв поглед.“

~ „ …зародишот на несреќата е скриен токму во среќата…“

~ „Луѓето вообичаено се робови на прописи. Некој им рекол дека треба да бидат такви и такви и тие се обидуваат да бидат такви, па до смртта нема да дознаат за себе кои биле и кои се.“

~ „Човек првенствено треба да има храброст да биде свој.“

~ „Да се живее во свет во кој никому не му е простено, во кој сите се неискупливи, е исто како да живеете в пекол.“

Leave a comment