Што читаше Кафе и книги во март?

Март си замина, полека дојде април, а со тоа веќе и навлеговме убаво во пролетта. Април е мојот омилен месец, такашто едвај чекам да го исполнам со многу книги, кафе и насмевки, а се надевам и вие ќе имате месец исполнет со книги. Во продолжение прочитајте кои книги ги прочитав во март и инспирирајте се за вашето следно четиво!

Триумфална капија“ – Ерих Марија Ремарк

Издавачка куќа: „ТРИ“
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е една од оние книги кои длабоко навираат во душата на човекот и кои даваат прекрасен увид на времето во коешто се напишани. Ремарк во оваа книга ни ја раскажува приказната на Равик, политички емигрант кој живее во Париз и нелегално работи како хирург. triumfalna_kapijaТој избегал од Германија токму кога Хитлер целосно ја запоседнува Германија и има генерално песимистички и меланхоличен пристап кон животот.

Тој живее во хотелот „Интернационал“ кој на некој начин е засолниште за емигранти од сите држави низ Европа: Русија, Шпанија, Италија, Германија, итн. Тој сосема случајно ја запознава Јоана и иако е недоверлив и не си дозволува себеси да се опушти и да верува во љубов, сепак животот има начин како да му покаже дека не може вечно да се штити и дека дури и во најмрачните моменти од човековата цивилизација, човековата душа може да најде нешто чисто, нешто што ќе му даде надеж, а тоа е љубовта.

Се работи за една длабока и прекрасна книга, која не се чита во еден здив, бидејќи ова е една од книгите во кои длабоко се навлегува, во која секоја страница е темелно разработена и на неверојатен начин се објаснува состојбата на човековата цивилизација. И иако тематиката и дејството се случува непосредно пред Втората светска војна, сепак голем дел од темите се многу актуелни и денес, а тоа кажува колку е оваа книга безвременска. Топло ви ја препорачувам!

Куќа на убавината“ – Мелба Ескобар

Издавачка куќа: „Матица“
Оцена: 2.5/5
Осврт: Клер е жена во поодминати години која после долги години во Париз се враќа во родната Богота за да ги помине во мир своите пензионерски години и воедно отвора своја ординација и работи како психолог. Таа еден ден случајно поминува покрај еден козметички салон и се запознава со Карен, со која подоцна развива и пријателска врска. Таа постојано оди таму и дознава многу работи за живо609_45_8_12__2__5_2018kukjaтот на Карен кои подоцна ни ги раскажува на нас, читателите.

Сите жени во овој козметички салон на еден или на друг начин се поврзани меѓу себе, а една од централните теми е убиството на тинејџерката која била кај Карен на третман и Карен е една од последните луѓе кои ја виделе жива. Ова е класичен трилер во кој има многу заплети, многу ликови и мистерии, а навлегува и во темата за политичка корупција, моќ и избегнување одговорност.

Во суштина самата замисла е многу интересна, мене малку ми пречеше менување на стилот на нарација, еднаш раскажува Клер, еднаш Карен, еднаш некој друг (непознат) наратор, еднаш Лусија, еднаш мајката на Сабрина, еднаш Сабрина и така во круг. Што и генерално не е некој проблем, ниту пак е прва книга во која се случува ваков тип на различни наратори, но проблемот е што тука не ја збогатува приказната, само создава некаков тип на конфузија.

Мислам дека самата писателка некако си го нема пронајдено стилот на пишување и многупати експериментира за време на раскажувањето на приказната, во обид да си го пронајде стилот. Генерално, моите забелешки се во насока на тоа како е напишана приказната и стилот на пишување, иако замислата и самата приказна се интересни.

Доколку сте љубител на трилери и сакате мистериозни приказни, оваа книга одлично ќе ви легне, одлична е за пред спиење или за некое саботно попладне.

„Кралевите на мамбото свират љубовни песни“ – Оскар Хиуелос

Издавачка куќа: „Арс Студио
Оцена: 4/5
Осврт: Повеќето од вас сигурно ја знаат оваа приказна олицетворена преку Антонио Бандерас и Арманд Асанте во филмот „Кралевите на мамбото“, филм кој ни ја даде безвременската песна „Beautiful Maria of My Soul“. Се работи за прекрасно напишана книга, страстна, полна со чувства, меланхолија и носталгија. 56440127_685802131836587_1622809850415153152_nПотсетник на едно време кое повеќе го нема, а книгата е така напишана, што и вие самите ќе се соживеете со носталгијата на Сесар Кастиљо и ќе посакате и вие да се вратите во 50-тите години на 20 век и тоа во Њујорк, иако не сте го живееле тој период и не сте ни биле во Њујорк.  

Оваа книга ја има добиено Пулицеровата награда за книжевност (фикција) во 1990 година и тоа со право. Сите сцени се живописно опишани, а вие како читател можете да ја почувствувате секоја радост, секоја болка, секоја испеана нота, а додека „Кралевите на мамбото“ свират и вие можете во главата да ги слушнете сите инструменти.

Сесар и Нестор пристигнуваат во САД во потрага по подобар живот и започнуваат музичка кариера, свирејќи во различни локали и создаваат добар круг на познаници. Сесар е екстровертен, сака луѓе, жени, алкохол, слава, а Нестор е меланхоличен, тажен, носталгичен и тагува по својата Марија од Хавана. Токму од таа меланхолија и тага се раѓа и нивниот најголем хит „Убавата Марија од моето срце“. Книгата е раскажана од гледната точка на Сесар, кој веќе остарен и во залезот на својот живот, седи во неговиот омилен хотел од младоста и се навраќа на најубавите, но и најтажните моменти од неговиот живот.

Со задоволство ви ја препорачувам оваа книга, јас навистина уживав, а ме инспирираше и повторно да го погледнам филмот!

Leave a comment