Вечерва е промоцијата на книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска!

Конечно дојде петок и пред нас е викендот полн со можности за читање. Но, петок е и одличен ден за културно-уметнички активности и настани, па така, вечерва,  ќе се случи промоцијата на книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска, која е во издание на издавачката куќа „Авант прес“.

Промоцијата ќе се одржи во галерискиот простор на Младинскиот културен центар, на 12.04.2019, со почеток од 20 часот.

Осврт кон книгата ќе дадат проф. д-р Елизабета Шелева и проф. д-р Александар Прокопиев.

56551755_1065745150290506_1938875372741328896_o
(фото: Авант прес)

Според најавата на официјалниот настан на Фејсбук:

„Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е интермедијална студија која на компаративен начин го обработува третманот на книжевноста и културата во неколку македонски медиуми во подолг временски период.  Освен историскиот след и континуитетот во застапеноста на културните рубрики, делото ги отвора и прашањата за загрижувачката негрижа кон културата денес.

Книгата дава и хронолошки преглед на егзилот/селењето на книжевноста и културата воопшто од старите (канонизирани) кон новите медиуми и неминовното менување на светот со појавата на интернетот. Во поглавјата посветени на таа промена, едно од клучните прашања е она што го поставуваше познатиот Умберто Еко „Дали интернетот ќе ја убие книгата?“, на кое студијата дава неколку можни одговори и тези.

Главниот научен метод што го избира авторката е компаратистиката, а главните податоци за медиумите се прибирани преку дирекни интервјуа со десетина уредници и новинари.

За авторката:

aleksandra
(фото: Макфакс)

Александра Јуруковска е новинар и книжевен критичар. Родена е 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. На истата катедра во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите.
Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија: Радио Бус, Македонско Радио – Радио Скопје, Наша ТВ, Студент ФМ 92.9- радиото на УКИМ. Од 2016 е новинар и водител во ТВ АЛФА.
Новинарското искуство го надградува низ повеќе професионални обуки и програми во Дојче Веле, Радио Канада и Институтот Медиапан во Сараево.
Во 2017 и 2018 била шеф на прес-центарот на Струшките вечери на поезијата и модератор на фестивалските панел-дискусии. Истата година е гостин-уредник и на престижната европска платформа за поезија Версополис и нејзиното е-списание www.versopolis.com
Јуруковска е еден од основачите и уредниците на порталот www.cooltura.mk.
Нејзините новинарски текстови, критики, рецензии и есеи за литературата и театарот се објавувени во сите позначајни специјализирани списанија и магазини за култура и литература во Македонија: „Синтези“, „Наше писмо“, „Културен живот“, „Театарски гласник“, „Спектар“, „Литературен збор“, „Разгледи“, „Современост“ како и на порталите: eckermann.org.rs, www.blesok.com, www.reper.net, www.balkani.eu, www.javno.com. Учестувала на повеќе научни конференции и дискусии од областа на културата и медиумите.
Од 2008-2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ е нејзина втора книга.

Ова е одличен настан за сите љубители на книжевноста! Не се двоумете да го посетите настанот!

Leave a comment