Целиот свет синоќа беше сведок на тоа како 850 години собрани во едно прекрасно и грандиозно здание отидоа во неповрат. Иако веднаш имаше најави за реконструкција, а и чувме вести дека голем број од бесценетите уметнички дела и артефакти се зачувани, сепак факт е дека никогаш повеќе нема да биде исто.
Пред два месеци ја прочитав „Богородичната црква во Париз“ и бев воодушевена од описите на Иго, се заљубив во градбата читајќи ги тие прекрасни описи. Додека ги гледав ужасните слики и видеа од пожарот, цело време во глава ми се вртеше Квазимодо, кој беше прогонуван, отфрлен од сите, изложен на подбив, исмејување и омаловажување, осамен до болка и за кого тие ѕидови беа единствениот извор на мир и среќа, неговото засолниште и заштита од суровиот свет и ужасните луѓе. Цело време во глава ми се вртеше неговата љубов кон камбаните и неговата среќа кога ќе го потегнеше ѕвоното, иако не можеше да го чуе.
Во чест на оваа прекрасна градба, денес на блогот споделуваме македонска поезија, песна на Ацо Шопов, токму во чест на Богородичната црква во Париз, а истовремено, прочитајте го и овој прекрасен текст на off.net, повторно поврзан со безвременската книга на Виктор Иго.
Notre Dame – Ацо Шопов
Богохулно, грешно и без срам
сека вечер мислам покрај Сенa:
што би сторил да e Notre Dame
чудом млада и убaва жена?
Да си в Париз, да си тaка сам
и самота така да те кине…
Дал’ и онa, би сакал до знaм,
рaмнодушно мене ќе ме мине?
O не, нема!.. Штом огрее ден
ќе ме втаса крај мирната река:
„Поведи ме во Boulogne i Vincennes,
столетија јас тебе те чекам.”
Како тогаш ќe ce сетам млад,
каква сила и пркос ќе сетам!
И сигурно – и во овој град
јас ќе бидам најнежен поета.
Ho попусто – сонот си e сoн,
a животот други далги влече.
Нема каде: преку Babylone
да одлутам на Pigalle и вечер.
И тргнувам без надеж, без моќ.
Сена плиска под лотките леки…
Барем да сум само една ноќ
едно кубе на нејните плеќи!
(„Слеј се со тишината“, 1955)

