Многумина се запознаети и слушнале за Доли Партон, која е американска кантри музичка легенда, но малкумина знаат за нејзиниот активизам и поддршка на писменоста кај децата преку нејзината „Библиотека на фантазијата“. Секој месец, оваа непрофитна програма испраќа бесплатни книги на повеќе од милион деца – од бебиња до деца на претшколска возраст.
Лани таа ја посети Конгресната библиотека за да прослави многу важен јубилеј: доставувањето на книгата со која се достигнала границата на 100 милиони донирани книги. Тоа воопшто не е лошо за програма која Партон ја има започнато пред околу две децении како мал, локален напор да им помогне на децата во округот во кој растела во Тенеси.

Таа изјавила за „НПР“: „Никогаш не мислевме дека работата ќе стане толку голема. Јас само сакав да направам нешто убаво за мојот татко и за мојот роден крај, а можеби и за неколку од околните окрузи. Но, некако самата работа си зема залет, претпоставувам дека така требало да биде.“
Инспирацијата на Партон за „Библиотека на фантазијата“ е длабока и лична: нејзиниот татко, Роберт Ли Партон. Како и многумина од неговата генерација, тој рано започнал да работи за да му помогне на своето семејство.
„Мојот татко немал шанса да оди во училиште. Тој не знаеше да чита и да пишува и тоа беше голем хендикеп за него. Сепак, тој беше многу паметен човек и беше многу интелигентен. Но, тато мислеше дека тоа беше нешто што не може да го научи откако станал возрасен, па затоа никогаш не се ни обиде да научи да чита и да пишува и се срамеше од тоа. А јас не сакав тато да се срами и да се чувствува посрамен.“

Партон била решена на децата од округот Севиер да им даде нешто што нејзиниот татко никогаш го немал: ран пристап до книги. Таа ја запознала „Библиотека на фантазијата“ во 1995 година и го вклучила и нејзиниот татко. Тој успеал да го доживее почетокот и раниот развој на програмата пред да почине во 2000 година.
„Тој слушаше како децата ми велат „Тетката со книгите“ и многу се смееше и се шегуваше за тоа. Се гордееше и дека е вклучен и имаше чувство дека помогнал во создавањето на нешто специјално.“
Од своите скромни почетоци во источен Тенеси, „Библиотека на фантазијата“ денес допира до деца низ целата територија на САД, но и до децата во Канада, Австралија и Велика Британија.
Програмата е достапна во заедници каде локален партнер се здружил со Библиотеката на фантазијата. Партнери можат да бидат непрофитни организации, државни институции или државен библиотекарски систем, ова само како за пример. Секое дете до петгодишна возраст може да добие книга. Локалните партнери плаќаат околу 25 долари по дете, а тоа ја покрива цената на книгата и доставата.
Во програмата учествуваат и учители и експерти кои ги одбираат книгите кои се соодветни за децата за секоја година од нивниот живот.

Има многу родители кои отворено зборуваат и ја фалат оваа програма. Урета Тод и нејзиниот 4-годишен син, Август, ја читаат „Старата мечка и нејзиното мече“, една од книгите кои ги добиле преку програмата. Таа вели дека нејзиниот син со радост чека да ја добие неговата книга во поштенското сандаче секој месец, особено бидејќи го има неговото име на пакетот. Освен тоа, голем е изборот на книги. „Нѐ изложува на книги кои можеби сосема би ги заборавиле.“ Некои од тие книги се и „Само уште еднаш“, двојазична (англиски-шпански јазик) детска книга и „Јас сум виножито“, детска книга на Доли Партон, која користи бои за да им помогне на децата да зборуваат за нивните чувства.
Уште еден интересен пример доаѓа од Аљаска, каде 5-годишниот Џек Прајс веќе „дипломирал“ од програмата. Неговата мајка, Наташа Прајс, која се зачленила во програмата уште додека лежела во болница по пораѓањето, вели: „Јас му читав на син ми речиси секој ден од неговиот досегашен живот“. Таа вели дека многу ѝ се допаѓа тоа што книгите доаѓаат со предлози за родителите за тоа како дополнително да се вклучат и тие и децата, преку различни прашања и активности.
Таа вели: „Фактот дека секој месец ни доаѓаше книга стана прекрасна традиција во нашето семејство. Многу беше тажно кога ја добивме последната книга, која беше за тоа како да се подготвиме за градинка, затоа што знаевме дека повеќе нема да добиваме книги.“ Сега кога Џек почнал да оди во градинка, Прајс вели дека „гледа директна поврзаност помеѓу тоа што му читала секој ден и неговите вештини за разбирање на она што денес го чита.“

Науката е на нејзина страна. Човечкиот ум многу брзо се развива за време на првите неколку години од животот. И истражувањата покажале дека доколку им читаме на нашите деца, не само што ќе поттикнеме писменост и љубов кон книгите, туку дека тоа има и трајни когнитивни и образовни поволности.
Доли Партон вели: „Исто така им помага на децата да градат знаење и да ги прошируваат своите хоризонти. Ако можете да читате, дури и ако не можете да си дозволите да се школувате, вие можете да продолжите и да научите сѐ што сакате да научите. Постои книга за сѐ. Затоа мислам дека е многу важно да ги поттикнуваме децата да читаат, да сонуваат и да планираат подобар живот и подобра иднина.“
Нејзините амбиции за „Библиотека на фантазијата“ не застануваат тука:
„Ние се стремиме до милијарда книги, барем додека сум жива. Знаете, јас сум голем сонувач“ – рекла таа со голема насмевка, карактеристична за неа.
