Се наближува Саемот на книга, па така се зголемува и листата со посакувани книги (барем кај мене, а верувам и кај вас). Доколку уште размислувате за тоа кои книги да ги купите, а немате некаква идеја, можеби интересно би било да го видите новиот проект на Издавачки центар ТРИ кој го спроведуваат заедно со Европската Унија, а кој има за цел да ни ја приближи европската книжевност и да ја внесе во нашите домови.

Проектот „Во нашите тајни животи: Европски семејни приказни“ вклучува десет исклучителни книги од десет европски земји кои секако се преведени на македонски јазик. Сите 10 книги се различни по стил и жанр, но заедничката врска е темата на семејниот живот и неговото влијание врз современиот европски идентитет.
Овој проект има три главни цели:
1) Настојува да го поддржи циркулирањето на висококвалитетна европска литература и да ја промовира јазичната разновидност на европските народи преку преведување дела од јазиците кои се помалку застапени во програмите на македонските издавачи. Со вклучување на автори кои никогаш не биле преведени на македонски јазик, проектот сака да ја зголеми меѓународната разновидност на квалитетни дела.
2) Да го поддржи преведувањето на помалку застапените жанрови, вклучувајќи збирки раскази, драми и литература за деца и млади.
3) Да се зголеми пристапот до овие книжевни дела проширувајќи ја традицијата на објавување и дистрибуирање книги во нашата земја, со посебно внимание на објавување и дистрибуирање на е-книги.
Кои дела се застапени и вклучени во овој проект?
~ „Џонатан Стрејнџ и г. Норел“ – Сузана Кларк
~ „Срце од мастило“ – Корнелија Функе
~ „Театар: Книга 1“ – Флоријан Зелер
~ „Слики од животот на М.“ – Светлана Жухова
~ „Островот Крах“ – Ина В’лчанова
~ „Нема, и нека не ни има“ – Едина Сворен
~ „Стаклените деца“ – Кристина Улсон
~ „Земјата што ја газиме“ – Хесус Караско
~ „Да купиме поет“ – Афонсо Круш
~ „Снегулки“ – Калија Пападаки
Повеќе информации за проектот можете да најдете тука, а доколку некоја од книгите ве заинтригира, можете да дознаете повеќе на овој линк.
Ако се двоумите и не знаете која книга да ја изберете, можете да започнете со „Островот Крах“ на Ина В’лчанова, која е писателка од Бугарија, а романот ја доби Европската награда за литература во 2017 година. Оваа книга е лесна за читање и одлично оди со попладнево кафе и беше мој избор за време на празниците!

