Алан де Ботон е филозоф, писател, есеист, човек кој многумина го препознаваат како нараторот од видеата на School of Life. Тој е и основач на каналот кој постојано објавува интересни видеа за човековиот живот, душа, желбата за поврзување, итн. Кај читателска публика во Македонија е познат и по книгата „Огледи за љубовта“.
Тој во книгата „Страст за постоењето: Писма до младиот читател“ придонесува со едно свое писмо за тоа зошто читаме. Оваа книга е составена од 121 илустрирани писма до децата за тоа зошто читаме и како книгите нѐ обликуваат, а писмата се напишани од најразличен профил на луѓе: уметници, писатели, научници, музичари, претприемачи и филозофи.
Подолу прочитајте ги прекрасните и инспиративни зборови на Алан, кои не се сомневам дека ќе ве инспирираат веднаш да ја прегрнете книгата која е до вас!

Драг читателу,
Немаше да ни бидат толку потребни книгите доколу сите околу нас нѐ разбираа. Но, не нѐ разбираат. Дури и оние кои нѐ сакаат понекогаш погрешно нѐ разбираат. Тие ни кажуваат кои сме ние, но изоставаат работи. Тие тврдат дека знаат што ни е потребно, но забораваат прво да нѐ прашаат. Тие не разбираат што чувствуваме и понекогаш ние не можеме да им кажеме како се чувствуваме, затоа што и ние самите не ги разбираме нашите чувства. И тука настапуваат книгите. Тие ни објаснуваат и нам, но и на другите, прават да се чувствуваме помалку чудно, помалку изолирано и помалку осамено.
Ние можеби имаме многу добри пријатели, но дури и со најдобрите пријатели на светот, има работи што речиси никој не ги сфаќа и разбира. И тоа е моментот кога треба да се завртиме кон книгите. Тие се пријатели кои нѐ чекаат да дојдеме кога нам ќе ни биде потребно тоа и тие секогаш ќе бидат искрени со нас и ќе ни зборуваат за она што навистина е важно. Тие се совршен лек за осаменоста. Тие можат да бидат наши најдобри пријатели.
Искрено Ваш,
