Драги љубители на книги, денес почнува 31. издание на Меѓународниот саем на книга кој ќе се одржи во ВИП Арена „Борис Трајковски“!
Повеќе од 60 издавачи од Македонија, Унгарија, Србија, Косово, Албанија, Данска се дел од Саемот на книгата кој ќе се одржува од 8 до 14 мај во периодот од 10:00 до 20:00 часот.

Во соработка со Скопски Саем, Унгарија и унгарската книжевност ќе бидат во фокусот на 31-от Меѓународен саем на книгата. Како земја во фокус, Унгарската амбасада во Скопје на посебен штанд ќе ги претстави унгарските книжевни дела објавени на македонски јазик во последниве години. За време на саемот, покрај врвните унгарски книги, ќе биде изложена и изложба на илустрации од современи унгарски детски книги.
Освен тоа, на Саемот на книга, нашите издавачки куќи наговестуваат богата саемска понуда, многу дружење и многу поволни цени за љубителите на книги!
Важна информација за сите посетители:
По повод одржувањето на Саемот на книга, во соработка со ЈСП, се воведуваат две нови линии 100 и 200. Линија 100 ќе сообраќа од населба Ново Лисиче до ВИП Арена Борис Трајковски, додека линијата 200 ќе сoобраќа од населба Дексион до ВИП Арена Борис Трајковски.
Се надевам дека си ја направивте листата со посакувани книги и се разбира, се гледаме таму! Доколку немате идеи околу тоа што да читате, разгледајте ја рубриката „Кафе и книги препорачува“, можеби токму тука ќе си го најдете вашето следно четиво!
