Што читаше Кафе и книги во април?

Дојде мај, а во тек е и Саемот на книга, па како и секој месец, денес ја објавувам листата со книги кои ги прочитав изминатиот месец. Можеби токму некоја од овие книги ќе ве инспирира и ќе си ја додадете на листата на посакувани книги и токму затоа овојпат решив да ги изоставам оцените и да се фокусирам само на генералниот осврт и впечаток од книгите, а од следниот месец ќе се врати и стариот систем на оценување. 😀

Некогаш сигурно сум одела по мека трева – Каролина Шути

Осврт: Оваа книга ја доби Наградата за литература на Европската Унија во 2015 година и со причина. Стилот е толку мек, убав, лесен, ве носи во некое минато време, со леснотија ве турка низ страниците и додека да трепнете вие веќе сте ја завршиле. Книгата има изразена меланхолична нота, па такашто сите кои сакаат книги кои имаат некаква неискажана и недокажана тага во себе, сигурно ќе им се допадне оваа книга. И покрај тоа што причините за таа тага и тој копнеж се познати, сепак голем дел од чувствата ги добиваме меѓу редови.

Маја е девојка која по смртта на мајка ѝ, оди да живее со татко ѝ во друга држава, а тој подоцна ја остава со тетка ѝ. Таа се бори со чувството на носталгија, се обидува да се сети на нејзиниот мајчин јазик кој веќе избледува во нејзиниот ум, додека се бори да го разбере животот, себеси и околината во која живее.  Така го запознава и Марек, постар човек кој исто така поминал низ тешки маки во животот и се чувствува отфрлено и осамено, па така тие двајца создаваат едно цврсто пријателство меѓу двајца луѓе кои само сакаат да припаѓаат некаде.

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ПАБЛИШЕР

Една од момците – Лорен Лејн

81_0_28_9__12__10_2017edna-od-momcite

Осврт: Ова е една од книгите кои се нарекуваат и „лимонада“ книги, но одлична е за досадно попладне и преморена глава, таман е за одмор. Кол Шарп е спортски новинар кој пишува за познатото списание за мажи „Оксфорд“ и е во исчекување да биде унапреден во уредник на спортската редакција. Но, непријатно е изненаден кога ќе дознае дека има конкурент, а уште поизненаден е кога излегува дека има конкурентКА, Пенелопе.

Пенелопе е нова во Њујорк, но навистина сака спорт и ужива во овие моменти од нејзиниот живот. Додека таа полека почнува да се навикнува на животот во Њујорк, таа и Кол започнуваат една чудна професионално-пријателска врска и ривалството со текот на времето омекнува.

Оваа книга е супер доколку сте преморени од работа и единствено нешто што сакате е да избегате од секојдневието и да се опуштите или што би рекле старите, „да го пуштите мозокот на пасење“. Стилот на пишување е лесен, разигран, така што нема да ви треба многу да навлезете во приказната.

ИЗДАВАЧКА КУЌА: САКАМ КНИГИ

Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња – Елена Фавили и Франческа Кавало

51_42_5_11__16__5_2018784_54_46_10__15__5_201863_prikazni-za-dobra-nokj-za-buntovni-devojcinja

Осврт: И покрај тоа што е книга за деца, јас сепак не ѝ оддолеав на оваа книга. 😀 Се работи за книга во која се собрани приказните за 100 неверојатни жени, со одлични илустрации и одличен текст. Во оваа книга можете да најдете дел од биографиите на Марија Кири, Џејн Остин (мојата омилена), Клеопатра и други моќни, силни и влијателни жени од историјата (па и сегашноста). Неодамна излезе и вториот дел, т.е продолжението со уште нови моќни жени.

Целта на оваа книга е да ги запознае девојчињата од рана возраст со најразличните професии и дека жените можат да бидат сѐ што ќе посакаат и е алтернатива на секојдневните и вообичаени бајки кои им ги читаме пред спиење. Најубава варијатна е да се прави и комбинација и од двете. Јас уживав и покрај тоа што не сум дете, а верувам дека и на вашите деца би им се допаднале илустрациите, корицата и самата содржина.

ИЗДАВАЧКА КУЌА: АРС ЛАМИНА

Leave a comment