„Зоки Поки“ од Оливера Николова е една од најомилените книги на сите деца и оние кои некогаш биле деца. Сите пораснавме со оваа лектира која уште од првиот момент ве маѓепсува и ве внесува во авантурите на Зоки Поки и Лидија.

Оваа книга за деца првпат е објавена во 1963 година, што значи дека цели генерации деца се пораснати со редовите од книгата, а освен тоа, кигата е преведена и на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик. Но, она што е за изненадување е што никогаш досега не била направена екранизација! Но, судејќи според најавите, сето ова ќе се промени и наскоро ќе добиеме телевизиска серија!
ТВ-серијата ќе ја режира Александар Поповски во продукција на „Кино Око“, ќе се снима во текот на летото. Според најавите, предвидено е снимање на десет епизоди според внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.

Како што е наведено во статијата на Макфакс, тимот на ТВ-серијата работи на последните подготовки за снимањето и најавува кастинг на кој ќе се бираат актери-деца кои ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки и сите останати ликови.
Кастингот, кој е отворен за сите деца на возраст од 6 до 9 години, ќе се одржи на 17 и 18 мај, од 10:00 до 17:00 часот во основното училиште „Јан Амос Коменски“ – Скопје.
„Кастингот, кога се работи за актери деца, е долг процес, така што во моментов можам да кажам дека сите деца на возраст од 6 до 9 години се потенцијални Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки…“ – вели продуцентот на серијата, Роберт Насков.

Режисерот Александар Поповски и продуцентот Роберт Насков се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки“ не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу различни генерации, туку и поради недостиг на домашна ТВ-програма за деца. Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ-проект што ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време.
„Зоки Поки“ е прв заеднички проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов“ во 2013 година. Последен ТВ-проект на Насков и „Кино Око“ е ТВ-серијата „На терапија“, која е првата македонска ТВ-серија снимена според странска лиценца.
Доколку сте заинтересирани за кастингот и потребни ви се повеќе информации, можете да ја контактирате Киријана А. Николоска и тоа на телефонскиот број 070/538-467 или на мејлот: casting@zokipoki.mk
За повеќе информации за серијата, следете ја веб-страната ZokiPoki.mk.
