Книга на неделата: „Проблемот Спиноза“ од Ирвин Јалом!

„Психијатријата е чудно поле затоа што, за разлика од другите медицински области, вие никогаш целосно не завршувате. Вашиот најголем инструмент сте самите вие, а работата околу себеразбирањето е бескрајна. Јас сѐ уште учам.“

„Слободниот човек се однесува чесно, не измамнички. Само слободниот човек е искрено корисен за другите и може да создава искрени и вистински пријателства. И апсолутно е прифатливо, од највисоката сила на Природата,  за луѓето да го користат чистиот разум за да определат како да живеат на начин кој ќе им дозволи да се развиваат.“

~ Ирвин Јалом, „Проблемот Спиноза“

Ирвин Јалом е еден од модерните писатели кој секогаш привлекува особено внимание, токму заради неговиот пристап и стил на пишување. Интересниот микс на белетристика и психологија е она што го прави уникатен и читателот се врзува за приказната и сака да чита уште. Во Македонија тој е многу популарен, особено во последните години, а на нашата читателска публика ѝ е познат најмногу преку книгите „Кога Ниче плачеше“, „Џелат на љубовта“ и „Лекување со Шопенхауер“, сите во издание на Издавачки центар ТРИ.

Овојпат тој се „враќа“ во Македонија преку новиот роман „Проблемот Спиноза“, кој дефинитивно ви го препорачувам, затоа што освен неговиот прекрасен стил на пишување, приказната е навистина уникатна. И покрај тоа што животите на филозофот Барух Спиноза и нацистичкиот идеолог Алфред Розенберг воопшто не се допираат на ниту еден можен начин и се одвоени од цели 300 години, во оваа книга тие се испреплетуваат на неочекуван и восхитувачки начин и тоа е она што оваа книга ја прави толку посебна. Тргнувајќи и користејќи ги историските факти за нивните животот, Јалом ги обединува нивните животни околности во еден динамичен и повеќеслоен роман истражувајќи ги прашањата на идентитетот и потрагата по свое место во светот.

Незаборавна психо-филозофска драма во која нема да знаете каде завршува историската вистина, а каде почнува фикцијата!

Leave a comment