Бил Гејтс ви препорачува 5 книги за ова лето!

Како што знаете, Бил Гејтс често сака да ги споделува своите омилени книги со пошироката јавност и тоа најчесто го прави двапати годишно (пред почеток на летото и на крајот на годината). На блогот секогаш се трудам да ги објавам неговите препораки, затоа што најчесто се работи за книги кои се навистина интересни, длабоки и од кои многу може да се научи. Во продолжение прочитајте ги неговите препораки и размислувања, кои во оригинално издание на англиски јазик можете да ги прочитате тука.

summer-books_2019_homepage-hero_1200px_v3

Отсекогаш сум сакал да одберам еден куп книги за да ги носам со мене на одмор. Многу често се случува да земам многу повеќе книги отколку што реално можам да прочитам на едно патување. Мојата филозофија е дека подобро е да имам повеќе за читање, отколку да имам премалку.

Ако вие сте како мене, веројатно почнувате да размислувате за вашата летна листа за читање и верувајте дека овие книги кои можете да ги видите не можам доволно да ги пофалам и препорачам.

Ниту една од нив не е од оние книги за кои повеќето луѓе мислат дека се „лесно четиво“. Но, сите се занимаваат со идејата за нарушување, но не на истиот начин на кој мислат луѓето кои се занимаваат со технологија. Во последно време ме привлекуваат книги за пресврти (дури едната има и таков наслов), без оглед на тоа дали се работи за СССР по Болшевичката револуција, САД за време на војна или за глобалната реевалуација на нашиот економски систем.

Ако барате нешто што е поблиску до типична летна книга, би ви ја препорачал „Резултатот „Роузи““ (Ако ги немате прочитано првите две книги од трилогијата, летниот одмор е одлично време да почнете!). Исто така не можам да не ја препорачам нова книга на Мелинда (неговата сопруга, м.з), „Моментот на кревање“. Знам дека сум субјективен, но ова е една од најдобрите книги кои ги прочитав оваа година.

Еве ја мојата летна листа:

Пресврт“ – Џаред Дајмон

Јас сум голем обожавател на сѐ што Џаред има напишано, па така истото важи и за неговата најнова книга. Книгата истражува како општествата реагираат за време на криза. Тој користи серија од фасцинантни студии на случај за да покаже како нациите се справувале со егзистенцијални предизвици како граѓанска војна, надворешни закани и несреќи во општата смисла на зборот. Да, звучи малку депресивно, но јас ја завршив книгата со уште поголем оптимизам за нашата способност да ги решаваме проблемите од оној кој го имав пред да ја прочитам книгата.

5 литри“ – Роуз Џорџ

Ако ви се гади од крв, оваа книга најверојатно не е за вас. Но, ако сте како мене и ако оваа тема ви е интересна, многу ќе уживате во оваа книга од една британска новинарска која има лична поврзаност со темата. Јас сум голем обожавател на книги кои длабоко навлекуваат во една одредена тема, па така, „5 литри“ (се однесува на количеството крв во телото на просечен човек) беше баш во мојата зона. Таа е полна со интересни факти кои ќе придонесат да имате уште поголема почит кон крвта.

Забелешка: Оригиналното име на книгата е „9 Pints”, но решив слободно да го преведам насловот за да соодветствува повеќе на нашиот јазик и мерни единици

Кавалер во Москва“ од Амор Тоулс

Се чини дека сите што ги знам ја прочитале оваа книга. Конечно се приклучив во клубот откако мојот зет ми прати примерок од книгата и навистина ми е драго што ја прочитав. Книгата на Тоулс за еден гроф кој е осуден на домашен затвор во еден хотел во Москва е забавна, интелигентна и неверојатно брза книга. Дури и ако не сакате многу да читате за Русија како што јас сакам (ја имам прочитано секоја книга од Достоевски), „Кавалер во Москва“ е неверојатна приказна во која секој може да ужива.

Претседатели на војната“ од Мајкл Бешлос

Мојот интерес за сите аспекти од војната во Виетнам е главната причина поради која ја фатив оваа книга во рака. Додека ја завршам, научив не само за Виетнам, туку и за 8 други конфликти во кои САД влегле во периодот од крајот на 19 век и 70-тите години на 20 век. Широкиот дијапазон на Бешлос ви дава можност да извлечете важни лекции за претседателско лидерство.

Иднината на капитализмот“ од Пол Колер

Последната книга на Колер поттикнува на размислување за тема која е многу актуелна за многу луѓе. Иако не се согласувам во сѐ со него, бидејќи мислам дека неговата анализа на проблемот е подобра од неговите предолжени решенија, неговата историја како економист за развој му дава паметна перспектива за правецот во кој се движи капитализмот.

Погледнете го и видеото:

Leave a comment