Самите сме свесни дека живееме во брзо и динамично време и дека постојано нешто ни го одвлекува вниманието и за жал често и немаме време да читаме баш поради тоа. Пред извесен период, на блогот објавив статија која тврди дека можеме да прочитаме 200 книги доколку го искористиме времето кое непотребно го трошиме на социјални мрежи.
Денес на блогот ви претставувам еден многу интересен, длабок текст на Мејрид Смол Стејд, која е поетеса, книжевен критичар и која пишува есеи и живее во Минесота, САД. Таа за страната „Париз Ривју“ напиша една интересна анализа за тоа што е читањето и како се вклопуваат книгите во ова наше бучно и празно секојдневие. Прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу можете да најдете и линк кој ќе ве одведе до оригиналниот текст.

„Читам за да се прочитам себеси“ напишал Свен Биркертс во „Елегии за Гутенберг: Судбината на читањето во електронска доба“. Книгата на Биркетс која година ќе наполни 25 години од нејзиното издавање, се состои од 15 есеи за читање, за спознавање на себеси, за преклопувањето на овие две работи и за тоа како и двете работи се под закана да бидат загрозени од модерната технологија.
Како што културата околу него започнала да се менува со појавата на интернетот, Биркертс се плашел дека квалитетите кои долго биле чувани и поткревани од страна на печатењето, се под закана да се распаднат: меѓу нив и приватноста, валидирањето на индивидуалната свесност и свесноста за историјата – не само фактите за неа, туку и чувството за нејзиниот континуитет, за нашето место меѓу вековите и космосот.
Тој напишал: „Книжевноста има значење не само како содржина која може да биде издвоена и сумаризирана, туку и како искуство. Се работи за арена на учество. Преку процесот на читање, ние излегуваме од нашата вообичаена временска ориентација, која е одбележана од расеаност и површност, во царството на долготрајноста.“
Пишувајќи во 1994 година, Биркертс стравувал дека расеаноста и површноста ќе победат. „Долготрајната состојба“ во која влегуваме преку вртење на страниците ќе се изгуби во свет полн со зголемена брзина и постојано вмрежување и со тоа ќе се изгуби и нашата способност да извадиме значење од наративите, измислени, но и проживеани. Намалувањето на книжевноста и значителното читање, пишувањето како производ на еден фокусиран ум, за возврат ќе го намали себепознавањето, правејќи нѐ сѐ помалку способни да ја сфатиме широчината на нашиот свет и длабочината на нашиот свет.

За Биркертс, како и за многу читатели, помислата на оваа загуба е уништувачка. Додека тој може да ја замисли оваа мрачна блиска иднина, тој сепак во поголемиот дел оддолеал на мазохистичкиот порив да ја замисли премногу конкретно и наместо тоа се фокусирал на сегашноста, во која, барем уште некое време, тој чита и пишува.
Неговата збирка, и покрај насловот, помалку личи на елегија за книжевноста, а повеќе на обид да ја одложи нејзината смрт, елоквентно пишувајќи за неговиот сопствен читателски живот и отпорот кон електронските уреди. Биркертс нѐ потсетува дека тој живот вреди да се живее, тој живот е посакуван и најважно од сѐ, сѐ уште е возможен. Стоејќи очи во очи со она што можеме да го изгубиме, тој зборува за она што сѐ уште можеме да го добиеме.
25 години подоцна, дали тој, дали ние, успеавме да го спречиме уништувањето? Или најголемите негови стравови сепак се остварија? Тешко е да се процени. Сѐ повеќе независни книжарници се отвораат, во споредба со бројката на книжарници кои ставаат клуч на врата. Продажбата на печатени книги е во пораст, но заработката на писателите е во пад. Сѐ помалку луѓе читаат од задоволство, за разлика од порано.
Некои од промените кои Биркертс ги виде на хоризонтот, како појавата на е-книги, можностите за хипертекст, излегоа дека имаат многу помало влијание отколку очекуваното, но други предвидувања излегоа морничави и вистинити: лесните, заразни дистракции на екраните кои ни ги проголтуваат нашите часови.

А можеби најголемата опасност за книжевноста не е некоја нова технологија, туку старата добра човечка алчност во својата последна, најголема форма: он-лајн купување. Во последните 25 години, Амазон ужива во плодовите и вредностите на капитализмот, особено оние поврзани со леснотија и ниски цени, заканувајќи се да го монополизира не само книжевниот свет, туку и светот општо.
Биркертс напишал: „10-15 години од денес, светот ќе биде сосема поинаков од овој кој денес го помниме, сосема различен од она што денес го искусуваме. Ќе пливаме во имплулси и информации, микрoчиповите ќе ни даваат понуди кои нема да можеме да ги одбиеме.“ И навистина, малкумина од нас ги одбија. Со сѐ побрзото нормализирање на новата технологија, од „паметните“ телефони, сѐ до гласовни асистенти, нашата способност да ја одбиеме истата е сѐ помала. Изборот кој е поставен во „Елегиите за Гутенберг“, изборот помеѓу прифаќањето и скептицизмот, повеќе воопшто не делува како избор: новата генерација се раѓа во прегратката на дигиталниот свет.
Јас истовремено сум, но и не сум дел од оваа нова генерација. Јас сум родена во 1988 година, две години пред развивањето на HTML. Јас немав компјутер дома сѐ до средината на основно училиште, а немав телефон сѐ додека не наполнив 18 години. Го памтам болното свиркање на „dial-up“ поврзувањето, дури и ако се работи за блед спомен. Фејсбук се појави кога завршував средно, а Твитер се проби на дигиталната сцена кога веќе бев на факултет. Златните мигови на моето детство совршено се совпаѓаат со избледувачката светлина на светот пред интернетот. Интимно знам дека таков свет постоел и дека имал свои предности.

Биркертс, сеќавајќи се на моќта која книгите ја имале врз него додека бил млад, вели: „Преку читањето и живеењето, јас постепено се направив себеси доказ против целосната восхит од авторите. Сепак, толку се живи моите сеќавања од таа итност, тоа чувство на важност, што сѐ уште будалесто се надевам дека повторно ќе се случи.“
Возвишената состојба која ја носи само книгата, во која човек „активно е присутен во секој момент, поврзувајќи и создавајќи“ е она што читателите го бараат и Биркертс додава: „Тие сакаат заплет и лик, секако, но она што тие навистина сакаат е возило коешто ќе ги одведе до читачка состојба на умот.“ Оваа состојба е под закана од интернетот кој постојано се шири. Дали ветувањето на книгата за подлабоко присуство може да не оддалечи од потребата за инстантните задоволства од лајковите и споделувањата?
Тој потоа продолжува и вели: „Годините поминати работејќи во книжарници ме убедија дека оваа фундаментална состојба постои и кај другите.“ Биркертс како млад работел во една книжарница „Граници“. 4 декади подоцна, јас редев книги во книжарницата „Литерати“, само неколку улици подалеку од „Граници“. Полиците од „Граници“ биле купени и одново наместени од газдите на „Литерати“ за секцијата „Белетристика“, па дури и луѓето кои ги разгледуваа и купуваа книгите беа истите. На ист начин ја наведнуваа главата додека ги разгледуваа насловите, го имаа истиот надежен досег на прстите додека посегнуваа по некоја книга и ги разгледуваа првите книги.

(…)Интернетот и социјалните мрежи тврдат дека ја намалуваат осаменоста, иако често имаат спротивен ефект. Тешко е да се пронајде некаква припадност, не затоа што не го заземаме истиот физички простор, туку затоа што не го заземаме истиот умствен авион: не ги читаме истите вести, дури не се ни смееме на истите мемиња. Нашите телефони и компјутери на секој од нас ни носат персонализиран, т.е алгоритамско пресметан, сет од наслови, ангедоти, шеги и фотографии. Дури и рекламите кои ни се појавуваат не се истите реклами кои му се појавуваат на нашиот сосед, на пример еден пар чизми со недели ми се појавуваа на различни веб страни. Ние ова бескрајно нематеријален материјал го нарекуваме „тајмлајн“, иако реално можеме да најдеме многу малку суштина или „материјал“.
Аргументот на Биркертс (истовремено и мој) не е дека книгите ја отстрануваат осаменоста. Да тврдиме дека е така, значи да ја изгубиме битката уште од старт, бидејќи тоа е нешто коешто е „цел“ на секоја веб-страна или апликација. Не, моќта на уметноста, а многу книги сѐ уште се уметност, а не забава, лежи во тоа што истовремено нѐ насочува навнатре и нанадвор. Припадноста која ја бараме, гледањето во насловите, не е поврзана со другите, дури ни со оние, живи или мртви, кои ги напишале зборовите кои ги читаме, туку со себеси. Нашите најпрекрасни капацитети кои толку лесно ги забораваме.
На почетокот на „Елегиите за Гутенберг“, Биркертс ја сумаризира дефиницијата на историчарот Ролф Енгелсинг за интензивното читање како заедничка практика на повеќето читатели пред 19 век, кога книгите, кои ги имало малку на број и биле многу скапи, често биле читани на глас и тоа повеќе пати. Кога материјалите за читање, не само книги, туку и весници, списанија, итн., станале распространети, во неодамнешните векови се забележала и појавата на распространетото читање: ние ги читаме тие материјали еднаш, најчесто брзо, и продолжуваме понатаму.
Биркертс си измислува сопствени услови: длабоката, посветена практика на „вертикално“ читање била заменета со „хоризонтално“ читање, односно едноставно поминување низ површината. Оваа промена вртоглаво се забрзува во споредба со времето кога Енгелсинг првпат пишувал за тоа во 1974 година, со времето кога Биркертс го пишувал тоа во 1994 година, па и со времето кога јас, вчера, го напишав пасусот погоре.

Хоризонталното читање владее. Она што јас го правам кога ќе се уклучам на Твитер е помалку слично со читање книга и повеќе личи на средбата која ја имам со инструкциите на некој рецепт, бидејќи ги читам и ги впивам информациите, а не добивам просветлување. Тоа е начин да ти помине времето, а не да живееш во него. Читањето, реалното читање, читањето за кое Биркертс толку страсно пишува, го привлекува нашиот вертикален сензибилитет и „онаму каде што не наоѓа длабочина, тоа ја создава.“
Јас го избришав мојот профил на Фејсбук и сѐ помалку минувам време онлајн. Како што си доаѓаат годините, сфаќам дека ми се јавува едно чувство, кое не е минливо, туку веќе преминува во хронична состојба, а тоа е што значително се навраќам на длабокото читање од моето детство. Книгите се други, мојот капацитет за впивање на информациите не е ист како некогаш, но сѐ уште можам да го најдам, како невидлива белешка меѓу страниците, она што Биркертс го наречува „времето за себе… длабоко време, време кое трае, време кое есенцијално е обележано од нашата несвесност за него.“
Подарокот што ни го дава читањето, подарокот што ни го дава средбата со каква било уметност е тоа што тоа потрошено време не ме остава во моментот кога ќе ги тргнам очите од книгата, тоа останува да тлее, уште една минута, а понекогаш и цел ден. Биркертс вели: „Има нешто повеќе од дефинициска слабост која ме тера да му соопштам на мојот пријател дека ја читам „Добриот војник“ додека одиме по улица. На некој начин, јас ја читам книгата додека одам, спијам или додека одам да купам млеко во продавница.“

За жал, ова е важи и за хоризонталното читање. Се случува предолго време да поминам пред екранот полн со пиксели и сфаќам дека и тоа искуство тлее со часови. Екранот се појавува пред моите затворени очи, моите мисли вибрираат на фрекфенцијата на содржината. Понекогаш, додека сум под туш дебатирам со замислените тролови на интернет.
„Кога едно дело те принудува да се нурнеш во него, често исто така ја има и моќта да прогонува од далечина“. Ова го вели Биркертс и да ви кажам ептен посакувам ова прогонување да важеше само за одлични дела. Но, не е така: духовите се пробиваат низ зборовите на екранот, духови на бесмислици и празни муабети, духови на омраза и идиотизам, духови на (ооо колку многу!) лошо пишување.
Во своите пишувања, Биркертс вели: „Но, можеби, кога потребата ќе биде доволно силна, ќе посегнеме по зборот напишан на страницата и делата кои нѐ враќаат во полето во кое е моќта на длабокото време. Книгата – и мојот оптимизам, кој може да го почувствувате, не е непоколеблив – ќе се смета за прибрежиште, како начин да се исклучиме и да отидеме во простор осветлен од субјективитет“.
На еден чуден начин, сега, во 2019 година, мојот сопствен оптимизам е силен. Некако ми е јасно дека потребата е доволно силна, силна е на начин на којшто секогаш била силна и секогаш ќе биде, а тоа е таа потреба за расцутеното, телесно задоволство од читање нешто извонредно, потреба од начинот на кој ми покажува и со отворени дланки ми го нуди она што секогаш било тука.

„Нема мудрост без резонирање“, вели Биркертс. „Резонирање е природен феномен, сенка на внесување заедно со чинот на дејство и може да се развива само во длабокото време.“ Но, овие денови, времето се чини многу плитко, особено имајќи предвид како еден хорор едвај завршува за да биде веднаш проголтан од следниот и имајќи ги предвид утринските наслови кои секојдневно ги читаме.
Проаѓаат недели и може да се случи да ги видиме пријателите само преку филтерите на Снепчет или на Инстраграм и таканаречените „сториња“ кои исчезнуваат по некое време. Нема дури ни наклонетост за постојаност: ние постојано правиме „рифреш“ на секој отворен прозорец или таб. А што чекаме? Што се надеваме дека ќе најдеме?
Совршено добро знаеме, затоа што се сеќаваме, иако можеби многу бледо, на внатрешната состојба која задоволува повеќе од некаква нервоза, повеќе од прстите кои кликаат, и знаеме дека не е тука. Тука, на интернет, е простор кој реално не се наоѓа никаде, празно време. Рамна и непробивна површина. Но, со книгите, ние нурнуваме, ние сме вовлечени, ние сме вплеткани, со тело и душа.
Биркертс нѐ уверува: „Ние во нашите раце држиме начин да му се спротиставиме на моментумот на времињата. Ние можеме да се спротивставиме на тенденцијата да бидеме вовлечени и да истражуваме; можеме да ја обновиме, дури и привремено, претпоставка дека постои кохерентност, иако таа препоставка полека исчезнува. Убавината на вертикалното читање е тоа што не мора да се расправа и да се докажува себеси. Тој е самоодржлив, тој е исполнување.“
