Драги љубители на книги, верувам дека и вие, како и јас, секогаш се радувате на нови изданија и нови книги, особено ако се од вашиот омилен жанр. А уште повеќе сум сигурна дека и вие, како и јас, се радувате на секоја можност лично да се запознавате со писатели и писателки и да се фотографирате за спомен или да добиете посвета на вашата книга.
Доколку се пронајдовте во погорните редови, тогаш овој настан е совршен за вас. На 17 јуни (понеделник), во „Јавна соба“, со почеток од 18 часот ќе имате можност да ја запознаете Хилдур Кнутсдотир, една од најпознатите и најоригиналните исландски писателки за деца и млади, која на покана на издавачот „Паблишер“ доаѓа во Скопје за да го промовира својот роман „Зимски распуст“, но и да се запознае со младата публика во Македонија.

Кнутсдотир (1984) е сестрана авторка која објавува и драми, сценарија и кратки раскази. Почнала да пишува во своите тинејџерски години.
Нејзината прва новела „Косење“ е објавена во 2011 година, а по неа следува „Пророштво“. Мрачниот роман за тинејџери „Зимски распуст“ излегува од печат во 2015 година и наскоро ги добива Исландската книжевна награда и Наградата за најдобра книга за деца на градот Рејкјавик. Кај нас се објави како дел од едицијата „Калеидоскоп“, проект поддржан од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
„Зимски распуст“ е возбудлив трилер за млади и возрасни. Приказната почнува во последниот училиштен ден, пред зимскиот распуст. Родителите планираат романтичен викенд, а Берглјот и нејзиниот помал брат Браги се радуваат на слободните денови што ќе ги поминат со своите пријатели. Но, работите ненадејно се менуваат и тие мора да заминат со татко им на одмор во нивната планинска куќичка. Лути поради нарушените планови, не можат ни да претпостават дека тој зимски одмор ќе им биде најнеобичниот – и најкрвавиот во животот. Користејќи ја својата бујна имагинација, Кнутсдотир нè пренесува во една морничава хорор-приказна, толку живо раскажана што имаме впечаток дека и самите сме учесници во неа.

Се гледаме во понеделник во „Јавна соба“, а тука можете да го погледнете и официјалниот настан и да следите новости!
