Контроверзната данска писателка Јане Телер доаѓа во Скопје за да го промовира романот „Ништо“!

Во рамките на едицијата „Калеидоскоп“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, во Скопје гостува данската писателка Јане Телер. Авторката ќе го промовира својот роман „Ништо“ во издание на издавачката куќа „Паблишер“.

Промоцијата ќе се одржи во „Јавна соба“, на 25 јуни (вторник), со почеток во 19 часот. Одлична можност лично да се запознаете со авторката и да дознаете повеќе за нејзината инспирација! Во светот на романот ќе ве воведе проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Романот „Ништо“ почнува со неочекуваната изјава на главниот лик, седмоодделенецот Пјер Антоан, дека „не постои ништо што значи нешто“, оти животот е бесмислен и нема потреба да се грижиме за ништо: за училиштето, пријателите, семејството… Сакајќи да му докажат дека нема право, неговите другари тргнуваат во потрага по смислата на животот откажувајќи се од најзначајните работи. Секое нивно наредно барање станува сѐ посурово и настаните добиваат морбиден пресврт. Но, дали откажувајќи се од најсаканите работи потврдуваме дека навистина ништо не е важно?

64805712_374216073230441_309403001552896000_n

Јане Телер е современа данска писателка која во своите дела секогаш се фокусира на подлабоките животни прашања и човековата цивилизација, обработувајќи теми како религиозниот и политичкиот фанатизам, европскиот идентитет, уметноста, етичките перспективи на современиот човек. Нејзините дела секогаш предизвикуваат исклучително внимание поради контроверзноста и актуелноста, а за нивниот висок квалитет зборуваат големиот број книжевни награди и преводите на над 25 јазици. За својот прв роман за млади во 2001 година ја доби престижната награда за Најдобра книга за деца што ја доделува Министерството за култура на Данска, како и наградата Либилит во 2008 година.

Она што е навистина фасцинантно за оваа писателка е тоа што порано работела како советник за разрешување конфликти за ЕУ и за НАТО, главно во Африка. Денес пишува романи и есеи, но и кратки раскази – како и различни дела за млади – секогаш фокусирајќи се на подлабоките животни прашања и човековата цивилизација и често предизвикувајќи контроверзни и жешки дебати.

Со својот прв роман за млади „Ништо“, Телер предизвика револуција во овој жанр. Во својот препознатлив стил, таа ни раскажува една модерна бајка за самата суштина на животот, во која главните ликови – седмоодделенци – тргнуваат во потрага по неговата смисла откажувајќи се од работите што најмногу им значат. Но, дали со тоа ќе успеат да потврдат дека навистина ништо не е важно?

Тука погледнете го и официјалниот настан и следете ги сите новости.

Leave a comment