Што читаше Кафе и книги во јуни?

Пристигна јули и веќе длабоко сме навлезени во летото. Лето е прекрасно годишно време за читање книги и книгите и се одличен начин да заборавиме на жештините. Во јуни прочитав навистина одлични книги и уживав во секој момент од читањето. Погледнете ја традиционалната месечна листа со прочитани книги и одберете си некој наслов!

Мојата генијална другарка“ – Елена Феранте

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5

Осврт: Долго време се подготвував да ја читам книгата, но секогаш некако ми остануваше на листата на непрочитани книги. Откако ја прочитав, навистина ми е жал што сум чекала толку долго да ја прочитам и одвај чекам да ги прочитам и другите книги од серијалот. Елена Феранте пишува на начин кој сосема ќе ве вовлече во светот на Елена и Лила, но истовремено ќе ве потсети и на сопственото детство и младешки години.

Книгата започнува кога Елена, веќе во поодминати години, добива повик од синот на Лила велејќи дека мајка му исчезнала. Во тој момент, Елена започнува да се навраќа на нивното пријателство кое почнува во 50-тите години на минатиот век, во едно сиромашно маало во Неапол. Овие две девојчиња имаат едно чудно, необично пријателство, на моменти дури и ривалство, но нивните патишта постојано се испреплетуваат, но и разминуваат во исто време.

Она што ме фасцинираше најмногу кај книгата е начинот на кој приказната се гради и преку приказната на овие две девојчиња, многу длабоко се навлегува во целиот процес на растење. Без оглед на тоа што можеби вашата приказна од детството е сосема различна од таа на Елена и Лила, сепак сфаќате дека сите оние чувства од младоста, збунетоста, бунтовноста, стравот, љубовта и сите останати чувства се универзални и сите ги чувствуваме додека растеме, без оглед на тоа дали сме растеле во Неапол или Скопје. Топло ја препорачувам книгата и со нетрпение чекам да го прочитам продолжението.

Тета Тула“ – Мигел де Унамуно

472_16_6_9__4__12_2018teta20tula

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Мигел де Унамуно е одличен раскажувач. Без оглед на тоа дали навлегува во длабоки филозофски и религиозни прашања („Трагичното чувствување на животот“) или романи како „Тета Тула“, начинот на којшто тој ја обликува приказната и текот на пишување е едноставно феноменален.

Оваа книга е одлична и од аспект на тоа дека е издадена во 1921 година, а има навистина силни, прогресивни и модерни пораки особено во одбрана на жената и нејзината положба во општеството, но тоа го прави на многу ненаметлив начин преку кој самиот читател доаѓа до одредени заклучоци. Книгата го следи животот на Гертруда, која е строга, принципиелна и се води според сопственото чувство за правичност, дури и кога е на нејзина штета. Откако нејзината сестра починува, таа решава целосно да се посвети на нејзините деца кои остануваат без мајка и целосно им се посветува на нив, истовремено носејќи ја одлуката да остане сама. Навистина ви ја препорачувам книгата, одлична е!

Свила“ – Алесандро Барико

svila

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Одамна ми ја препорачуваа оваа книга и веќе подолго време читав одлични препораки за овој роман и едноставно морав да го прочитам и навистина, сите препораки беа сосема на место. Освен тоа што името на книгата е поврзан и со главната дејност на главниот лик, сепак името „Свила“ сосема е соодветно и како опис на пишувањето на Барико. Едноставно додека читате имате такво некое убаво чувство, баш како чувството кога ќе допрете свила.

Прекрасно пишува, толку убаво ја пренесува приказната, што дури и вие физички можете да го почувствувате копнежот по нешто што главниот лик го сака, но не може да го име, како и целокупната негова емотивна состојба. Во 1861 година, главниот лик Ерве Жонкур патува во Јапонија, во потрага по „свилени буби“. Тој таму престојува кај еден многу мистериозен и интересен човек и таму се сретнува со една исто толку мистериозна жена која не може да ја извади од главата дури и кога ќе се врати дома, но од друга страна, тој ја сака својата сопруга и се чувствува заробен од сопствените мисли и чувства. Како што ќе се развива приказната, така и вие како читател сосема навлегувате во чувствата на Ерве и почнувате да посакувате приказната да заврши на одреден начин. Прекрасна книга, а и навистина е кратка, ќе ја прочитате за еден ден!

Сеќавањето на Шекспир“ – Хорхе Луис Борхес

151_57_42_10__9__4_2016sekavaneto-na-shekspir

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 5/5
Осврт: Борхес е еден од најголемите мајстори на пишаниот збор, секогаш луциден, секогаш слоевит, длабок, секогаш поттикнува на размислување, нѐ носи во нови светови и ни отвора нови хоризонти.

„Сеќавањето на Шекспир“ е всушност збирка од неговите последни четири раскази. Секој расказ е посебен и уникатен и секој нив на свој начин го обработува и неговиот сопствен начин на справување и размислување на теми како смртноста, сеќавањето на минатото, спомените кои ги имаме, бесконечноста, итн.

Сите четири раскази се прекрасни, а мене можеби највеќе впечаток ми остави расказот кој го носи насловот на оваа збирка, т.е „Сеќавањето на Шекспир“. Топло препорачувам да ја прочитате книгата, јас ја прочитав во еден здив.

Дипломец“ – Чарлс Веб

60339757_1435493719933415_8773204651861344256_n

Издавачка куќа: ТЕМПЛУМ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Не верувам дека не постои човек кој не слушнал за филмот „Дипломец“ со Дастин Хофман или барем за фразата „Госпоѓо Робинсон, дали се обидувате да ме заведете?“. Ако ништо друго, сигурно сте ја слушнале оваа неверојатно позната песна која произлезе од филмот.

Книгата ја обработува забранетата врска помеѓу Бенџамин, млад дипломец и госпоѓа Робинсон, сопруга на деловниот партнер на таткото на Бенџамин. Бенџамин е тукушто дипломиран дечко кој е западнат во длабока апатија и не гледа смисла ниту во својата диплома, ниту во добрите оцени, ниту во иднината. Неговите родители се загрижени за него, а тој е едноставно рамнодушен на сѐ и постојано нервозен. Тој влегува во врската со госпоѓа Робинсон без многу размислување, но потоа сфаќа дека направил огромна грешка, особено кога ќе сфати дека многу му се допаѓа нејзината ќерка.

Книгата е одлично напишана, ја прочитав во еден здив, реално заслужува оцена 5/5, но морав да одземам пола оцена поради тоа што главниот лик ми беше неподнослив на моменти, но тоа нема врска со квалитетот на приказната, туку моето видување на главниот лик. Доколку имате можност прочитајте ја книгата и потоа погледнете го и филмот. Инаку, додека ја читав книгата, песната „Mrs. Robinson“ цело време ми се вртеше во глава, па дури и сега додека го пишувам овој осврт, па на крај одлучив и да го објавам и видеото тука. 😀

Leave a comment