Филозофот Сенека е познат по неговата реченица: „Долго време размислувај дали ќе му го подариш своето пријателство на одредена личност. Но, откако ќе одлучиш да бидеш пријател со некого, прими го пријателството со сето срце и душа.“
Една од најголемите таги во животот е кога човек ќе изгуби пријател. Без оглед на тоа за каква загуба се работи: смрт, далечина, напуштање на лојалноста и љубовта – сепак се работи за неверојатна тага. Истовремето, тоа е една од најнеизбежните работи во животот, бидејќи сосема е извесно дека секој од нас во одреден момент во животот ќе загуби некој пријател.

Авторот на „Малиот принц“, Антоан де Сент – Егзипери прекрасно ја има опишано дезориентираноста на таа неизбежност во „Ветер, песок и ѕвезди“ – збирка од негови автобиографски белешки, филозофски анализи и поетски размислувања за природата на постоењето, збирка објавена околу почетокот на Втората светска војна и 4 години пред издавањето на „Малиот принц“.
Имајќи го на ум неговиот живот како пилот, Сент – Егзипери со несентиментална благост размислува за заедничкото искуство од губење на колеги-пилоти во несреќи или војни. Во еден пасус кој навлегува во универзалното чувство од загубата на пријател, без оглед на околностите, тој пишува:
„Малку по малку… ни светнува дека никогаш повеќе нема да ја слушнеме смеата на нашиот пријател, дека оваа градина засекогаш е заклучена за нас. И во тој момент започнува нашето вистинско тажење, кое можеби нема да нѐ распарчи, но сепак е горчливо. Затоа што, реално, ништо не може да го замени тој придружник. Стари пријатели не можат туку-така да се создадат. Ништо не може да се спореди со богатството на заеднички спомени, со тешкотиите кои заеднички биле издржани и надминати, со караниците и смирувањата и сите великодушни чувства. Сосема е залудно наутро да засадиш желад, а да очекуваш веќе попладнето да седиш во дабова сенка.
И така, животот продолжува понатаму. Со години ние го садиме и одгледуваме семето и се чувствуваме богати. И потоа доаѓаат други години кога времето си ја врши својата работа и нашата плантажа станува ретка и тенка. Еден по еден, нашите пријатели си заминуваат и нѐ оставаат без нивната сенка.“

По три години, Сент – Егзипери, ќе ни ја понуди најпоетската утеха која постои, единствената утеха која постои за оваа егзестенцијална тага и тоа во последните страници на „Малиот принц“. Во последната сцена, малиот принц, кој се подготвува да се врати на неговата планета, му се обраќа на тажниот пилот кој не сака да го загуби него и неговата златна насмевка:
„Сите луѓе имаат свои ѕвезди, но тие не се иста работа за сите луѓе. За некои луѓе, кои се патници, ѕвездите се водилки. За некои луѓе, тие не се ништо повеќе од мали светилки на небото. За академиците, тие се проблем. За мојот бизнисмен, тие беа богатство. Но, сите овие ѕвездите се неми.
Ти, и само ти, ќе ги имаш ѕвездите како никој друг…. Јас ќе живеам во една од ѕвездите и во една од ѕвездите јас ќе се смеам. И кога навечер ќе гледаш во небото, ќе ти се чини дека сите ѕвезди се смеат… И кога твојата тага ќе биде утешена (времето ги ублажува сите таги), ти ќе бидеш задоволен што си ме познавал. Ти секогаш ќе бидеш мој пријател. Ти ќе сакаш да се смееш со мене. И понекогаш ќе го отвориш твојот прозорец само за тоа задоволство… И твоите пријатели соодветно ќе бидат вчудоневидени кога ќе те гледаат како се смееш додека го гледаш небото!“

Неколку месеци подоцна, неговите пријатели се соочуваат со неизмерна тага, заедно милионите луѓе кои ќе го засакаат преку неговите книги, бидејќи тој самиот станува еден од исчезнатите пилоти, исчезнувајќи некаде над Медитеранското море.
