Елена Феранте: Зошто секогаш сум на страната на кучките?

Елена Феранте е една од најпознатите италијански писателки во денешно време и таа направи вистински бум со својата приказна за пријателството на Елена и Лила и за брзо време се искачи на сите листи на најпродавани книги, насекаде низ светот. Македонската читателска публика ја препознава по романите „Мојата генијална другарка“ и „Приказна за новото презиме“, односно првите два романа од приказната за Елена и Лила (останатите со нетрпение ги очекуваме, барем јас. :D)

Додека барав некои интересни информации за неа, случајно го пронајдов овој текст кој ми го привлече вниманието, особено поради тоа што таа е позната по својата приватност и не сака да привлекува внимание надвор од своите романи. Во текстот таа зборува за положбата на жените во светот и зошто таа секогаш ќе биде на страна на феминизмот. Текстот е многу интересен, па затоа и денес на блогот имате можност да го прочитате во целост.

25535320443_dda39b273d_o

Го чувствувам тоа како обврска, затоа што сум свесна за ситуацијата на жените: Таа е и моја, ја гледам кај другите и знам дека секоја жена секој ден вложува огромен, исцрпувачки напор. Сиромашни или богати, неуки или образование, убави или грди, славни или непознати, мажени или немажени, вработени или невработени, со деца или без нив, бунтовни или покорни – сите сме длабоко обележани од начинот на кој постоиме во светот, кој, дури и кога го нарекуваме свој, во својот корен е обележан од илјадници години машка доминација.

Жените живеат во постојани противречности и исцрпувачко „ринтање“. Целиот свет е кодиран во склад со машките потреби: дури и нашата долна облека, сексуални пракси и мајчинство. Мораме да бидеме жени усогласени со улогите и моделите кои ги прават мажите среќни, но мораме да им се спротиставуваме, да се натпреваруваме со нив на јавни места, додека истовремено ги правиме поголеми и подобри отколку што се и внимаваме да не ги навредиме.

Една млада жена која ми е многу драга еднаш ми кажа: „Имав проблем со мажите додека не се научив на вистинската мерка.“ Научила да не биде премногу убава, премногу паметна, премногу внимателна, премногу независна, премногу великодушна, премногу агресивна, премногу фина. Женското „премногу“ предизвикува насилни машки реакции, а и непријателството од другите жени кои секојдневно се борат меѓу себе за трошки од масата на мажите. Додека пак машкото „премногу“ предизвикува општо воодушевување и со себе носи положба на моќ.

Group of happy friends hugging.

Женската моќ не само што е загушена за ред и мир во светот и во домот, туку и самите си ја загушуваме. Дури и денес, по сто години феминизам, не можеме во целост да бидеме свои и да припаѓаме самите на себе. Нашите мани, нашата суровост, нашите злосторства, нашите доблести, нашето задоволство и самиот наш јазик се послушно запишани во машката хиеархија и се казнувани или фалени во зависност од кодовите кои всушност и не ни припаѓаат нам и затоа и нѐ исцрпуваат. Во таквата состојба лесно е да станеш тешка за другите, а и за себеси. За да покажеме кои сме и додека работиме на својата независност – ние немилосрдно внимаваме на самите себе.

Затоа и чувствувам блискост кон сите жени и се препознавам себеси и во најдобрите и во најлошите. Дали е возможно, ме прашуваат луѓето, баш никогаш да не сум запознала вистинска кучка? Секако дека познавам такви жени: книжевноста, а и секојдневниот живот се полни со нив. Но, кога сѐ ќе се собере и одземе – јас сум на нивна страна.

Leave a comment