Достоевски: „Луѓето стигнаа дотаму што натрупаа повеќе предмети, а имаат малку радост!“

Фјодор Достоевски е еден од моите омилени писатели. Тој во една страница кажува повеќе мудри работи отколку некои луѓе во целиот свој живот. Во моментов ја читам „Браќа Карамазови“ и ме воодушевува секоја страница, секоја мисла и секој дијалог. Додека го завршував вториот том, налетав на еден прекрасен пасус кој мислам дека е прекрасен и решив да го споделам на блогот. Каква длабочина, каква прекрасно навлекување во човековата душа и целиот свет.

5xicxsegdzm-df8aaf5bddd9594452060b1a85fc9971

„Сфаќајќи ја слободата како множење и брзо задоволување на потребите, луѓето ја расипуваат својата природа, зашто во себе создаваат многу глупави желби, навики и секакви измислици. Живеат само за да си завидуваат едни на други, за угодување на телото и за горделивост.

Да имаш ручеци, приеми, кола, чинови и робови-слуги, тоа се смета за толку неопходна потреба што поради тоа се жртвуваат и самиот живот, честа, па дури и човекољубието, само за да се задоволи таа потреба, дури и се убиваат ако не можат да ја задоволат. Кај оние што не се богати го гледаме истото, а сиромашните незадоволувањето на потребите го задушуваат со пијанство. Но, наскоро, место со вино, ќе се опиваат со крв, кон тоа ги водат.

Јас ве прашувам: слободен ли е таков човек? Познавав еден „борец за идеја“ кој сам ми раскажа: кога во затворот го лишиле од тутунот, бил толку разочаран од тоа што за малку не отишол да ја издаде својата „идеја“ само за да му дадат тутун. А таквиот вели: „Одам да се борам за човештвото.“ Каде може да оди таквиот и за што е способен? Единствено можеби за некој избрзан чин, а нема многу да издржи.

И тогаш не е чудно тоа што место во слобода, паднавме во ропство, а место во служба на братољубието и човечкото обединување, напротив, паднавме во подвоеност и осаменост, како што ми зборуваше, кога бев млад, мојот таинствен гостин и учител.

И затоа во светот сѐ повеќе и повеќе се губи мислата за служење на човештвото, за братството и човечката заедница и навистина таа мисла веќе ја пречекуваат дури и со подбив, зашто, како ќе се откаже од своите навики, каде ќе отиде тој заробеник штом толку навикнал да ги задоволува своите безбројни потреби што ги измислил сам? Тој е осамен и зошто би го интересирала целоста? Луѓето стигнаа дотаму што натрупаа повеќе предмети, а имаат малку радост.“

Siberian Prison That Once Housed Author Dostoevsky Now Welcomes Tourists

Потоа, како што продолжив со читање, по неколку страници налетав на уште еден прекрасен дел кој сметам дека е прекрасен и дека треба што почесто да се споделува:

„Браќа, не плашете се од човечките гревови, сакајте го човекот и во неговиот грев, зашто таа слика на божествената љубов е врв на љубовта на земјата. Сакајте ги сите Божји суштества, и целоста и секое зрно песок. Сакајте го секое ливче, секој Божји зрак. Сакајте ги животните, сакајте ги растенијата, сакајте го секое нешто. Ако го сакаш секое нешто и тајната Божја ќе ја сфатиш во нештата.

А штом ќе ја сфатиш еднаш, потоа неуморно ќе ја запознаваш сѐ понатаму и сѐ повеќе, секојдневно. И најпосле ќе го засакаш целиот свет со целосна, вселенска љубов. Сакајте ги животните, ним Бог им дал никулец на мислата и непоматена радост. Не нарушувајте им ја, не мачете ги, не одземајте им ја радоста, не противете ѝ се на мислата Господова.

Човеку, не издигај се над животните: тие се безгрешни, а ти со својата величина само ја гнојосуваш земјата со своето појавување на неа, зад себе ја оставаш својата гнојна трага – ах, речиси секој од нас! Посебно сакајте ги децата, зашто тие се безгрешни како ангели и живеат за да нѐ радуваат нас, заради чистење на нашите срца, како некој патоказ за нас. Тешко и горко на оној што ќе му направи зло на дете.“

Извор: Достоевски, Фјодор. „Браќа Карамазови“. Скопје: Магор, 2016, том 2

Leave a comment