Оригиналниот, рачно напишан, ракопис на „Госпоѓа Даловеј“ на Вирџинија Вулф минатиот месец за првпат беше објавен и сега е достапен на сите обожаватели на оваа книга и творештвото на Вирџинија Вулф, откривајќи ги бројните промени кои Вулф ги направила во процесот на пишување. Ракописот, т.е нацрт-верзијата е верно репродуциран и испечатен во форма на книга.
Ракописот е објавен под капата на париските издавачи „СП Букс“ и содржат есеи на Хелен Вусоу, експерт за творештвото и животот на Вулф, како и на писателот Мајкл Канингхем, кој го напиша романот „Часови“ кој се заснова на животот на Вирџинија Вулф и бил инспириран од ликот на госпоѓа Даловеј.

Првиот нацрт и оригиналниот запис, кој е запишан во три тетратки и бил напишан со виолетово мастило некаде помеѓу јуни 1923 година и октомври 1924 година, покажува дека таа го променила првичниот наслов, кој бил „Часови“ и направила промени во првата реченица од книгата, која денес е една од најпознатите воведни реченици во историјата на книжевноста и која гласи: „Госпоѓа Даловеј рече дека сама ќе ги купи цвеќињата.“
Во првичниот ракопис можат да се видат и нејзините забелешки на маргините, вклучувајќи коментари како „ми дојде една прекрасна идеја дека ќе пишувам сѐ што сакам да напишам“ и тоа ја покажува нејзината првична намера да направи нејзиниот главен лик, Клариса Даловеј, да си го одземе сопствениот живот.
Во ракописот може да се види и како таа цртала маргини со пенкало на секоја страна во тетратките и на кои таа ги запишувала: датумот, бројот на зборови, лични забелешки и потсетници за нејзините есеи.

(Фамозната прва реченица, која подоцна се појавува во процесот на пишување)
Овој ракопис открива и алтернативно започнување на приказната, опишувајќи ги ѕвоната и храмовите во Вестминистер, кое било повторно разгледано во втората тетратка и променето во реченицата која денес сите ја знаеме и исто така се покажува нејзиното двоумење во однос на насловот на книгата, бидејќи во првата тетратка таа ја именува како „Часови“, во втората тетратка се мисли помеѓу „Часови“ и „Госпоѓа Даловеј“ и во третата конечно се одлучува за името.
Во еден запис во својот дневник во октомври 1922 година, Вулф вели дека таа планирала да напише роман за тоа како „госпоѓа Даловеј ја гледа вистината“, роман во кој нејзината хероина требала да се самоубие, но во нејзините тетратки, писателката ја развива приказната за воениот ветеран Септимус Ворен Смит, лик кој всушност накрај ќе изврши самоубиство, наместо Клариса Даловеј.

(Првичната замисла на Вулф за воведната реченица на романот)
Во 1941 година, по смртта на Вулф, нејзиниот сопруг Леонард Вулф го подарил ракописот на нејзината пријателка (а според многу историски извори и љубовница) Вита Саквил – Вест, која го чувала ракописот до нејзината смрт во 1962 година.
Леонард Вулф ги опишал тетратките во кои таа пишувала и рекол дека тие биле составени „обоени, украсени италијански хартии“ кои таа многу ги сакала. Една година по смртта на Вест, ракописот бил купен од страна на Британскиот музејски оддел за ракописи, кој сега е дел од Британската библиотека.

Инаку, доколку сте љубопитни и сакате да ѕирнете во нејзиниот ракопис и нацрт-верзија, пред да имате можност да го разгледате печатеното издание, треба да знаете дека „Британската библиотека“ веќе со години им дава можност на љубителите на книгите да ѕирнат во нејзиниот ракопис и истото можете да го направите на овој линк.
