Како што веќе пишував на блогот, „ТРИ“ ова лето имаат одлични понуди во рамките на својот Летен фестивал. Во рамките на фестивалот имаат интересни понуди, особено пакетите „3 книги за 499 денари“ и „5 книги за 499 денари“. Минатата недела си се подновив со три одлични книги за 499 денари и навистина имав „добар улов“ и едвај чекам да почнам да ги читам.
Почнувајќи од денес, „ТРИ“ имаат нови одлични наслови во рамките на овие две акции. Овие акции се особено добри за оние кои се подготвуваат за своите летни одмори и кои бараат нови книги кои ќе им го разубават одморот.
Новите наслови кои се дел од акцијата „3 книги за 499 денари“ се: „Високите планини на Португалија“ од Јан Мартел, „Онлајн девојка на турнеја“ од Зои Саг, „Сеиобо таму долу“ и „Меланхолија на отпорот“ од Ласло Краснахоркаи, „На крајот од денот“ од Казуо Ишигуро, „Патувањето на еден слон“ од Жозе Сарамаго, „Горе е тивко“ од Гербранд Бакер, „Лов на тигар“ од Џејмс Патерсон, „Тивката жена“ од А.С.А Харсон и „Абадон уништувачот“ од Ернесто Сабато.

Доколку ме прашувате мене, од оваа акција, јас би ви ги препорачала овие три книги:
„На крајот од денот“ – Казуо Ишигуро
Оваа книга ви ја препорачувам со цело срце. Ако не сте го читале Ишигуро досега, време е да започнете, особено имајќи предвид дека е добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2017 година и дефинитивно заслужува да биде Нобеловец. Оваа книга е толку меланхолично прекрасна, самиот стил на пишување едноставно нежно ве поттурнува во насока и самите да почнете да размислувате за вашиот живот и каења во животот, иако сум сигурна дека не сте батлер од 20 век во Велика Британија. Но, Ишигуро толку длабоко навлегува во човековите чувства и ум, што секој читател успева да извлече нешто за себеси во процесот. Прекрасна книга, уживав во секој миг додека ја читав.
„Тивката жена“ – А.С.А. Харисон
Доколку сте љубител на драматични и тензични приказни, „Тивката жена“ е книга за вас. Како што и се наведува во самиот опис на книгата, се работи за една приказна „за една љубов во виорот на распаѓањето, за една двојка влетана кон пропаст, за жена што е подготвена на сè за да го задржи она што ѝ припаѓа; приказна за тајните што демнат закопани во несвесното и што можат да имаат кобни последици врз сегашноста.“
„Меланхолија на отпорот“ – Ласло Краснахоркаи
Оваа книга со нетрпение чекам да почнам да ја читам, иако веќе поодамна ја имам во мојата библиотека, но чекав малку подолго за да можам посериозно да ѝ се посветам на книгата. Приказната е многу оригинална, а Краснахоркаи има многу интересен стил на пишување и ве заробува во светот кој сака да ви го долови.

Новата „тура“ од акцијата „5 книги за 499 години“ ги содржи следниве наслови: „Гробна тишина“ од Арналдур Индридасон , „Беатриче и Вергилиј“ од Јан Мартел, „Црвено око“ од Јонас Хасен Кемири, „Бог ми е сведок“ од Макис Цитас, „Пат“ од Мигел Делибес, „Краток водич за долг живот“ од Дејвид Б. Агус, „Забава може да почне“ од Николо Аманити, „Проектот Лазарус“ од Александар Хемон, „Ноќна работа“ од Јахим Топол и „Мостот Сан Луис Реј“ од Торнтон Вајлдер.
Доколку се двоумите, јас би ви ги препорачала следниве наслови:
„Забава може да почне“ – Николо Аманити
Оваа книга е одлична за оние кои сакаат трилери, мистерии и „мозгалици“. Целото дејство се случува на една ултраексклузивна забава на која присуствува „секој што е некој“ во Италија. Но, целата забава се движи кон тоа да стане „од играчка-плачка“ и во процесот открива многу интересни детали и прегледи на животот на ликовите и оние кои учествуваат во целата таа „брканица“.
„Беатриче и Вергилиј“ – Јан Мартел
Јан Мартел направи вистински бум со „Животот на Пи“, а и оваа книга ќе ве обземе и нема да сакате да ја испуштите од рака. Книгата ја следи приказната на еден млади писател кој одеднаш почнува да добива мистериозни писма кои содржат раскази, кои раскажуваат приказна за мајмунот Вергилиј и магарето Беатриче. Како што се развива дејството, така и ние откриваме неверојатни сознанија…
„Пат“ – Мигел Делибес
Главниот лик во оваа книга е Даниел Бувот, кој се подготвува да оди во градот за да го продолжи своето образование. Како и сите деца, тој е возбуден од можноста и шансата што му се укажува. Ноќта пред да замине, тој легнува да спие, но во глава му се вртат различни случки и спомени кои полека ни се прикажуваат нам како читатели… Преку неговите спомени, ние навлегуваме подлабоко во човечката психологија и тоа како секојдневниот живот не е толку досаден и необичен колку што нам ни изгледа.
„Бог ми е сведок“ од Макис Цитас
Оваа книга ја има добиено Европската награда за литература и има одлични критики! Како што е наведено во самиот опис за книгата; „Оваа животна приказна ја раскажува Хрисоваландис, педесетгодишен маж на работ на пропаста, кој неодамна останал без работа и кој се бори со влошеното здравје. Длабоко набожен, наивен и емотивно незрел, сиот свој живот им бил жртва на луѓето околу себе. Неговиот злобен газда најмногу уживал да се изживува со него, жените во неговиот живот го сакале само поради парите, а татко му и сестрите ‒ со кои сè уште живее ‒ го презираат и го понижуваат. Напуштен од сите, талкајќи за последен пат по улиците на Атина на Бадник, со само еден куфер в рака, полуживата фигура на Хрисоваландис е одраз на чудовишноста на едно сурово општество што неизбежно го отфрла.“
„Мостот Сан Луис Реј“ од Торнтон Вајлдер
Она што навистина ме радува е тоа што во последниве неколку години, во Македонија забрзано се преведуваат и издаваат добитници на Пулицерова награда, особено книги издадени во 20-ти и 30-ти години на минатиот век, книги кои претходно или не беа воопшто преведени или беше навистина тешко да се најдат. Ова е една од тие книги и со нетрпение чекам да ја прочитам и затоа ви ја препорачувам и вам. Во рубриката на блогот, „Кафе и книги препорачува: Книги кои добиле Пулицерова награда“, оваа книга беше вклучена и препорачана. На линкот можете да прочитате повеќе за делото, а инаку, книгата го добива Пулицерот во 1928 година.
