Сите ги знаеме поволностите од читањето, а и досега на блогот неколкупати биле спомнувани и научните докази за поволностите од читањето. Некои од тие поволности се: надоградување на знаењето, подобар вокабулар, истражување и откривање нови светови во белетристиката или другите форми на книжевност, но, за жал, многумина не веруваат дека можат да најдат време за книга.
Работни и приватни обврски, како и обврски околу семејството и домот, лесно можат да ги обесхрабрат луѓето од читање и тие често не ни започнуваат некоја книга од страв дека нема да ја завршат. Но, за среќа, дури и „ситно“ читање може да направи многу.

Според д-р Наоми С. Барон, професорка по лингвистика на Американскиот универзитет во Вашингтон, поставувањето на целта да читаме по 15 страници дневно може да ни помогне при остварување на многу работи. Реално, не бара голема посветеност, бидејќи повеќето луѓе можат да прочитаат 15 страници за 30 минути или помалку, а тоа може да ја направи идејата за читање помалку „страшна“. Уште поважно, ова создава навика за читање. Исто како и вежбањето или свирењето на музички инструмент, постојаноста е важна.
Ако некоја книга ви паднала во око и планирате да ја земете во рака само кога ќе имате еден слободен час за да ја читате, тогаш може да го одложувате читањето и со денови, па дури и недели. Со тоа што ќе создадете рутина, ќе бидете подобри во одржување на фокусот и разбирање на главната тема, заплетот и ликовите во книгата. Ова особено можат да го разберат оние кои почнале книга, па ја оставиле и ѝ се вратиле на приказната после еден месец.
При пронаоѓањето време за секојдневно читање, подеднакво важно е и да се даде акцент на страниците, вистински физички страници, а не дигитален текст. Држењето на печатена книга со вистински страници во вашите раце ќе ви помогне во осигурувањето дека навистина паметно го трошите вашето време, концентрирајќи се само на содржината која ја читате.
![]()
Ако тоа го правите преку дигитални канали за читање, вие сигурно ќе паднете на искушението на сите дистракции кои доаѓаат со електронските уреди. Ќе го проверите мејлот, ќе проверите што има на Фејсбук или како завршиле натпреварите во фудбалските лиги, ќе си изберете филм за пред спиење, итн. Фаќањето книга во рака ги отстранува тие пречки и ве остава да се фокусирате, а тоа за возврат ви помага подобро да помните и да задржувате информации и детали во главата.
Има и други поволности од држењето книга во рака: чувство на успех или некакво постигнување. Кога 15 страници ќе ви поминат низ прсти, тоа ви дава не знаење која е вашата цел и ви го регистрира вашиот прогрес. Физички можете да ја видите вашата посветеност и постигнување, и во страниците кои сте ги поминале, но и во страниците кои следуваат.
Ветете си дека ќе читате 15 минути дневно. Тоа не е некоја преголема обврска и не бара преголема посветеност, но дефинитивно ќе ви донесе огромни поволности.
