Херн Беј е едно малку познато градче кое се наоѓа на нешто повеќе од 95 километри од Лондон. Но, ова градче доби на публицитет откако весникот „Гардијан“ напиша за необичниот „криминалец“ кој започнал да кине страници од книги кои се наоѓаат во една добротворна книжарница. Оваа мистериозна личност најпрво ги кине страниците, а потоа ги враќа назад на полиците.
Рајан Кампбел, директорот на добротворното здружени „Демелца“, во разговор со „Гардијан“, изјавил: „Не се трудам да глумам Шерлок Холмс околу целата оваа работа, но има нешто посебно околу методот на кинење, бидејќи тој (или таа), хоризонтално ги кине страниците, а понекогаш откинува само половина од страницата.“

И покрај тоа што ова и не е најефикасниот начин за да се уништи читањето, со оглед на тоа дека личноста која ги кине страниците ги враќа назад во книгата, сепак навистина е жално и ужасно за продавница која се потпира на љубезноста и дарежливоста на луѓето кои со купување на книга од книжарницата всушност донираат средства на добротворната организација.
Кампбел вели: „Книгите кои ги имаме во книжарницата ни ги донираат луѓе кои сакаат да им помогнат на деца со неизлечиви болести и тоа што оваа личност го прави е исто како да зема пари од кутија за донации.“
Со оглед на тоа дека не е толку необично да налетате на половна книга на која ѝ недостасуваат страници, луѓето не забележале веднаш, но веруваат дека ова се случува веќе неколку месеци. „Киначот на книги“ (како што го/ја нарекуваат) ги таргетира полиците кои се оддалечени од касата и има дури и омилен жанр за вандализирање: „вистински крими-приказни“.
Инаку, ова не се однесува само на оваа книжарница, истиот шаблон на кинење го забележале и луѓето кои работат во локалната библиотека, т.е забележале дека одредени нивни изданија се искинати на истиот начин, па сега полицијата ги набљдува и двете места. Локалните жители исто така ја набљудуваат ситуацијата, патролирајќи книжарници и библиотеки, со надеж дека ќе го пронајдат виновникот.
Кампбел вели: „Јас сум малку загрижен за оваа личност. Те тера да мислиш малку повеќе околу тоа што ѝ се случува на оваа личност и зошто чувствува потреба да прави такво нешто и што ѝ се случува во животот.“
