Утре, 26 јули, се одбележуваат 56 години од катастрофалниот земјотрес кој го покоси Скопје. По тој повод, Издавачкиот центар „ТРИ“ организира два одлични настани, кои особено ќе ги интересираат помладите.
За првиот настан, „ТРИ“, во петок, со почеток од 09:00 часот, ќе ја организира првата авантуристичка тура низ градот – „Зачекори во Здраво Скопје“, инспирирана од интерактивниот водич „Здраво Скопје“ од авторското дуо Кокидо. Во соработка со „Музеј на Град Скопје“, од каде доаѓа подготвен водич за да ги едуцира најмалите, и јавното претпријатие „ЈСП – Скопје“, кое обезбеди панорамски автобус за учесниците, предвидено е децата да го доживеат градот во едно несекојдневно и авантуристичко издание.

Карванот ќе посети 10 значајни и автентични локации, а ќе биде проследен со многу изненадувања, игри и забава. Зборно место е Фонтаната во Градскиот парк, а крајна дестинација е Музејот на Град Скопје. Целта на оваа авантура низ Градот е преку едукативна, забавна содржина најмалите да го запознаат градот од спомените на возрасните и да ја почувствуваат вистинската магија на Скопје. Оваа тура е прва од низата настани во организација на Издавачки центар ТРИ посветени на главниот град.
Вториот настан во организација на „ТРИ“ во петок е „Обој го Скопје“ – креативна работилница посветена на главниот град. Работилницата ќе започне во 19 часот во Градскиот парк, кај Школка. Оваа креативна работилница е инспирирана од боенката за возрасни посветена на главниот град – „Скопје 091“ на Васил Шемкоски-Шемко.

Работилницата се организира како дел од настанот „Самерленд“ во оганизација на Град Скопје. На овој музички и креативен спектакл, освен богатата програма, сите посетители ќе имаат можност да си ги набават изданијата на Издавачки центар ТРИ за Скопје по специјални цени.
Не ги пропушајте овие одлични настани!
