Што читаше Кафе и книги во јули?

Одморите и летото се во полн ек, а тоа значи дека имаме и повеќе време за читање. Доколку се мислите што да читате на вашиот одмор, погледнете ја рубриката „Кафе и книги“ препорачува, како и оваа објава, традиционалната објава со предлог книги, листа составена од книгите кои ги прочитав изминатиот месец.

Да купиме поет“ – Афонсо Круш

da-kupime-poet_1

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е најдобрата книга која ја прочитав месецот. Кратка, слатка, но многу моќна. Приказната е многу симпатично и шармантно напишана и на почетокот можеби ќе ви треба време за да се навикнете на стилот, но откако ќе навлезете ќе уживате во секој ред и во секоја порака.

Во едно замислено општество, сите пресметуваат во бројки, сантими, сѐ е ужасно прецизно и сите се опседнати околу „додадената вредност“ на работите која е изразена во материјални добра. Во едно такво општество, можете да си купите уметник, поет, скулптор, исто како да купувате домашно милениче. Една девојка го замолува своето семејство да ѝ купат поет и тие ѝ ја исполнуваат желбата. Најпрво таа се чуди како тоа тој не носи брендирана облека и се чуди како е возможно да пишува песни кои не вредат ништо, но како што поминува времето таа почнува да учи од него и се забележува себеси како се променува.

Книгата е сатира за времето во коешто живееме, полна со иронија и хумор, а се чита и за е ден ден. На крајот на книгата има одличен пролог кој дава едно сумирање на гледиштата на писателот и која е полна со длабоки пораки за поезијата, културата и нивното место во денешниот свет.

Омилена мисла од книгата ми беше оваа: „Брчките се лузни од емоциите што ги преживуваме во текот на животот.“ Дефинитивно топло ви ја препорачувам!

Ништо“ – Јане Телер

nisto_2

ИЗДАВАЧКА КУЌА: Паблишер
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга предизвика вистински бум во Европа, а на одредени места во Данска беше и забранувана.

Секој од нас размислува за тоа која е смислата на животот, која е поентата на нашето постоење и што е она што треба да го направиме. Оваа книга ги поставува сите овие прашања, но и покажува до каде се луѓето подготвени да одат за да покажат дека нивните животи имаат значење и дека животот има смисла. Во оваа книга тоа е доведено до апсурдност и екстремност, покажано преку група на деца, млади луѓе кои сакаат да му докажат на нивниот соученик Пјер Антоан дека сепак постои некаква вредност во животот.

Пјер Антоан се качува на дрво и решава да се откаже од сѐ, затоа што според него ништо не вреди и дека сѐ е бесмислено и дека секако сите ќе умреме еден ден. Неговите соученици се вџашени од ова и решаваат да му докажат дека греши преку тоа што секој од нив решава во еден куп да остави нешто што навистина многу му значи. Но, до каде се подготвени да одат? Интересна книга, навистина ви ја препорачувам, брзо се чита. Има шокирачки моменти, но сите служат за да ја докажат поентата на книгата.

Млеко и мед“ – Рупи Каур

capture222

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3/5
Осврт: Ова е една од поетските збирки која предизвика огромен интерес и за кратко време стана еден од најголемите бестселери, а Рупи Каур доби значајно место во поетскиот свет. Во оваа збирка таа истражува различни теми кои се многу чувствителни, но и лични.

Некои од темите во песните се навистина специфични и лични, поврзани со авторката, но има и песни во кои и обичниот читател може да се препознае, универзални пораки за болката, љубовта, загубата и страдањето. Во оваа поетска збирка забележителни се и пораките на Каур за женските права, начинот на кој се гледа жената во општеството.

Многу ми се допаднаа пораките и некои од песните навистина ме допреа, мојата забелешка е повеќе во начинот на кој се презентирани пораките. Поетскиот стил не ми легна, но сепак со читање на оваа збирка може да пронајдете многу пораки кои навистина ќе ве допрат и ќе ве легнат.

Од љубов до омраза“ – Кристен Хигинс

531_46_19_8__24__6_2014lh

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт: Ако планирате да одите некаде на море, ова е одлична книга за на плажа. Лесна „лимонада“, одлична за летни мрзливи денови покрај море. Приказната е малку клише, но добра е за разонода, а и бргу се чита.

Самохраната мајка Паркер Велс цел живот имала удобен живот, затоа што нејзиното семејство секогаш имало пари. Но, кога нејзиниот татко е уапсен за проневера, таа губи сѐ, освен една мала, трошна куќа во едно мало градче. Таа мора да ја среди куќата додека нејзиниот син е на летен одмор со татко му, затоа што мора да ја продаде и да купи стан за да има каде да живеат.

Напомош ѝ доаѓа Џејмс, адвокатот на нејзиниот татко, кој таа не го може да го поднесе, но нема друг избор освен да ја прифати неговата помош, а во процесот и учи како да биде понезависна и поснаодлива. Интересна книга, ако барате нешто да ме разоноди во овие топли денови, оваа книга е добар избор за вас!

Leave a comment