Пабло Неруда е можеби најистакнатиот поет на 20 век и еден од најпознатите поети на сите времиња. Неговите стихови и ден денес постојано се споделуваат и читаат, а е и добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1971 година. Денес на блогот можете да погледнете едно прекрасно анимирано видео на Ted-Ed, кое дава краток и едноставен приказ на ликот и делото на Пабло Неруда.
Претходно на блогот веќе пишував за револуционерниот дел од поезијата на Неруда, во објавата „Што можеме да научиме од поезијата на отпорот на Неруда“. Овој текст е одлично надополнување и ви препорачувам да го прочитате откако ќе ја прочитате оваа статија, затоа што дава уште подетален преглед на неговите револуционерни денови. Најпрво прочитајте го транскрипотот на видеото преведен на македонски јазик, а потоа погледнете го и видеото:

Пабло Неруда ја објавил својата прва збирка поезија кога имал 19 години. Тој исто така ја доби Нобеловата награда за книжевност, спасил 2000 бегалци, поминал три години во политичко прогонство и се кандидирал за претседател на Чиле.
Романтичар и револуционер, Неруда е еден од најистакнатите поети на 20 век, истовремено и еден од најпристапните, но и најконтроверзните. Оригинално напишани на шпански јазик, неговите песни често го користат директниот јазик и секојдневните искуства за да остават долготраен печат.
Неруда се родил како Рикардо Елизер Нефтали Рејес Басоалто во 1904 година во едно мало градче во Чиле. Неговиот татко не сакал Пабло да стане поет, па така кога тој наполнил 16 години, започнал да пишува поезија под псевдонимот Пабло Неруда.

Поемите во неговата рана збирка „Дваесет љубовни песни и една песна за очајот“ се нежни и аналитични, освелувајќи ги суптилностите на љубовта и маѓепсаноста. На пример, во „Сонет VI“, тој пишува: „Твојот спомен е создаден од светлина, од дим, од мирна бара/таму далеку зад твоите очи, вечерите блескаа“ (шпански: “Tu recuerdo es de luz, de humo, de estanque encalma!/ Más allá de tus ojos ardían los crepúsculos.“)
Понатаму, тој го истурал своето внимание во песни кои искажувале воодушевување и почит кон секојдневни предмети. Голем дел од 225. кратки песни во неговата збирка „Сите Оди“ се посветени на збир на мали, навидум неважни предмети кои нѐ опкружуваат: од пар врвки за чевли, до бостан. Кромидот е „уште поубав и од птица со заслепувачки пердуви“, додека пак туната на пазарот е „торпедо од длабочините на океанот, проектил кој пливал, а сега пред мене лежи мртов.“
И покрај неговиот ран книжевен успех, Неруда се мачел со финансиите и бил поставен на дипломатска служба во држави како Бурма, Индонезија, Сингапур и Шпанија. Во 1936 година, додека Неруда работел во конзулатот во Шпанија, избувнала граѓанската војна и владата била преземена од фашистичка воена диктатура. Неруда организирал евакуација на бегалци од Шпанија во Чиле, притоа спасувајќи 2000 животи.

Во период од преку 20 години, Неруда го опфатил и раскажал своето искуство во странство во поезија од три тома, збирка наречена „Престој на Земјата“. Голем дел од овие поеми биле експериментални и надреални, спојувајќи епски пејсажи, надприродни тематики и чувство на копнеж со политичка дискусија и одговорноста на поетот да се бори против неправда.
Во „Да расчистам неколку работи“, тој со жалење зборува за прогонувачките детали од деструкцијата предизвикана од Шпанската граѓанска војна. До крајот на неговиот живот, Неруда останал посветен на револуционерните идеали. Неговите политички заложби довеле кон тоа да помине неколку години во прогонство пред да се врати во Чиле во 1952 година.
Додека бил во прогонство, тој ја објавил влијателната „Сеопшта песна“. Оваа книга се обидува да ја раскаже целата историја на Латинска Америка преку поезија, допирајќи сѐ: од флората и фауната, до политиката и војните, но пред сѐ им оддава почит на обичните луѓе кои стојат зад нејзините цивилизациски постигнувања.

Иако продолжил да патува, откако се вратил од прогонство, останал да живее во Чиле до крајот на својот живот. Во 1970 година, на 66 години, Неруда се кандидирал за претседател на Чиле пред да се повлече во корист на Салвадор Аљенде и му станал близок советник. Но, во 1973 година, Аљенде бил тргнат од власт преку воен државен удар од генералот Аугусто Пиноче. Неруда умрел во болница по неколку недели.
Поради околностите и периодот на неговата смрт, која се случила многу бргу по државниот удар, почнале да се шират озборувања дека умрел од тага, а некои оделе и дотаму дека бил убиен, но болничките записи укажувале на тоа дека причината за смртта била рак.
Денес, стиховите на Неруда се рецитираат на протести и маршови насекаде низ светот. Како и голем дел од неговиот живот, поемите на Неруда ги спојувале романсата и револуцијата преку потенцирање на секојдневните моменти за кои човек вреди да се бори.
Погледнете го одличното анимирано видео подолу:
