Во средината на 20 век, најголемите писатели на американската книжевна сцена биле Вилијам Фокнер и Ернест Хемингвеј. И двајцата биле меѓународното признати, двајцата биле мајстори за пишување и двајцата имаат добиено Нобелова награда за литература.
Фокнер бил роден во Мисисипи и пишувал алегориски историски записи за Југот и имал стил кој бил и елиптичен и предизвикувачки. Неговите дела ги краси употребата на „тек на свесноста“ и употреба на повеќе различни светогледи. Тој обожавал да пишува долги реченици и го држи рекордот (барем според Гинисова книга на рекорди) за најдолгата реченица во книжевноста. Земете го вашиот примерок на книгата „Абсалом! Абсалом!“, отворете го шестото поглавје и ќе ја најдете.
На спротивната страна, Хемингвеј ја мразел долгата проза карактеристична за Викторијанската ера и своите дела и приказни ги раскажувал преку кратки и навидум едноставни реченици. Неговите приказни се вртат околу сурови, оштетени, космополитски луѓе кои живеат на егзотични места како Париз.

Ако напишете „Фокнер и Хемингвеј“ во агрегаторите за пребарување, сигурно ќе налетате на една од најпознатите размени во книжевноста. Фокнер за Хемингвеј: „Тој никогаш не бил познат по употребувањето на збор кој би можел да го натера читателот да фати речник во рака.“ На ова, Хемингвеј возвратил: „Кутриот Фокнер. Дали навистина мисли дека големите чувства доаѓаат од големи зборови?“ Леле! Според записите, Фокнер немал намера да го навреди Хемингвеј, но Хемингвеј сметал дека реченицата е навреда. Ова бил најогорчениот и најлут инцидент во комплицираниот однос на двајцата писатели.
Иако Фокнер и Хемингвеј никогаш формално не се сретнале, тие постојано се допишувале и едниот бил свесен за талентите на другиот и обратно. И тие негувале еден натпреварувачки дух, особено Хемингвеј, кој бил многу понесигурен отколку што го мислиме, особено поради неговиот „мачо“ имиџ.
Иако постојано велел дека Фокнер е „најдобриот меѓу нас“ и се воодушевувал на неговите природни способности, сепак му замерувал на тоа што се служел со трикови. Во една прилика, тој му пишал на Харви Брејт, познат книжевен критичар за „Њујорк Тајмс“: „Ако треба да ја напишеш најдолгата реченица на светот за да ѝ дадеш печат на книгата, тогаш следно нешто е да го најмиш Бил Вик и да употребуваш џуџиња.“
Од друга страна, Фокнер не заостанувал многу зад Хемингвеј. Во разговор со „Њујорк Хералд Трибјун“ еднаш кажал: „Мислам дека тој е најдоброто нешто што го имаме.“ Во друга прилика, тој се намуртил кога некој уредник спомнал да го контактира Хемингвеј за да го напише предговорот за „Преносливиот Фокнер“ во 1946 година. Тој кажал: „Мислам дека е лошо да го побараме да напише предговор за мое дело. Тоа е како да викнеш еден тркачки коњ во средина на трката да рекламира друг коњ во истата трка.“
Кога Харви Брејт го замолил Фокнер да напише осврт на фамозниот роман „Старецот и морето“ во 1952 година, тој одбил. Сепак, по неколку месеци ја добил истата молба од Универзитетот „Вашингтон и Ли“ за нивниот книжевен журнал. Фокнер попуштил и дал стегнати пофалби за романот во еден осврт долг еден пасус. Прочитајте го во продолжение:
„Најдоброто од него. Времето може да покаже дека е најдоброто дело кое некој од нас го напишал, мислам на него и неговите современици. Овојпат, тој го открил Бог, Создавателот. Сѐ досега, неговите мажи и жени самите се создаваа себеси, самите се обликуваа од сопствената глина. Нивните победи и порази беа во нивните раце, само за да си докажат самите на себе или едни на други колку силни можат да бидат. Но, овојпат, тој пишува за сожалувањето, за нешто кое таму некаде ги создало сите нив: старецот кој мораше да ја фати рибата, а потоа да ја изгуби, рибата која требаше да биде фатена, па изгубена, ајкулите кои мораа да му ја украдат рибата на старецот. Тој ги создаде сите, тој ги сакаше сите и тој ги сожалуваше сите. Добро е. Фала му на Бога што сѐ што нѐ создаде, сака и жали Хемингвеј и мене, го спречи да го допира ова уште подалеку.“
Подолу може да погледнете и едно неверојатно излагање на истражувачот Џозеф Фрускионе за тоа како Фокнер и Хемингвеј се натпреварувале и влијаеле еден на друг. Тој е автор и на книгата „Фокнер и Хемингвеј: Биографија на едно книжевно ривалство.“
