Јохан Волфганг Гете бил германски писател, политичар, поет, научник и филозоф, во светската книжевност можеби најпознат и преку делата „Фауст“ и „Страданијата на младиот Вертер“. Тој е еден од најистакнатите претставници на европскиот неокласицизам и романтизам на крајот на 18 и почетокот на 19 век и ја стекнал својата книжевна слава до својата 25 година. Покрај успехот на разни полиња, не му недостасувале ни жени во животот. Сите тие на него оставиле длабока трага и сите во различни периоди биле дел од неговото книжевно творештво.

Кога наполнил 16 години, татко му го испратил да студира право во Лајпциг. Неговата прва бесмртна љубов е Ана Катарина Шонкопф. Гете ѝ посветил 15 песни и четири приказни. Со месеци се борел за нејзиното внимание кое на крај и го добил. Сепак, врската траела кратко. Ана и Гете биле од различни општествени кругови, па нивните родители бил против нивната врска и потенцијален брак. Освен тоа, Гете бил премлад за Ана. Таа имала 19 години, а тој 16. Кога Ана го напуштила и се омажила за друг, Гете паднал болен. Покажувал знаци на депресија и туберколоза и поради тоа морал да го напушти Лајпциг и да се врати дома.

(Ана Катарина Шонкопф)
Цела година и шест месеци се опоравувал од првата љубов пред да може да продолжи со студирањето. Тој ги продолжува студиите, но во Стразбур. Таму се заљубува во Фредерика Брион. Меѓутоа, таа врска траела околу една година и тој ја напуштил исто како што Ана го напуштила него. Тој се враќа во Франкфурт додека Фредерика останува со скршено срце. Фредерика никогаш не се омажила. Тој заради неа долго време чувствувал грижа на совест. Ова чувство толку долго траело, што тој и во длабока старост се сеќава на неа и ја украсува со ореолот на најчиста поезија во „Dichtung und Warheit“. Во завршните акорди на Фауст, таа е претворена во Гретен, пример за прошка и женственост која го прима Фауст односно Гете во светлоста на вечниот живот.
(Фредерика Брион)
Во 1772 година, на некој бал, Гете ја запознава Шарлота Баф, која има 23 години. Во тој момент се создава една невозможна љубов. Шарлота била верена за Кристијан Кестнер уште од 1768 година. Сепак, Гете не престанал да ѝ се додворува, па дури еднаш и ја бакнал. Овој љубовен триаголник го инспирира, па така Шарлота станува бесмртна благодарение на Гете, бидејќи таа е инспирацијата за ликот Лота од романот „Страданијата на младиот Вертер“, приказна за несреќната љубов на еден млад човек. Романот излегол во 1774 година и станал едно од неговите најуспешни дела. Тоа е всушност и периодот кога тој станува навистина популарен и успешен. Луѓето почнуваат да се облекуваат како Вертер, а се забележал и пораст на самоубиства по издавање на книгата и ова е причина поради која книгата била забранета во Англија.

(Шарлота Баф)
Гете, сега веќе успешен, ја запознава Ана Елизабета „Лили“ Шонеман. Лили била преубава девојка која имала 16 години и која потекнувала од богато банкарско семејство. Сега кога веќе е познат, Гете се смета за добра прилика и сѐ е поинаку од времето кога живеел во Лајпциг. Лили и Гете прават веридба, но по неколку месеци Гете ја раскинува веридбата затоа што се чувствува непријатно во нејзините кругови и не сака да се врзе. Токму тогаш добива повик од војводата Карл Август во Вајмар. Секако, тој ја прифаќа поканата, војводата одлично го прима и му дава одлично место во државната служба, луксузна куќа и благородна титула и всушност во тој момент тој станува Јохан Волфганг фон Гете. Во тој период се создаваат познатите стихови „Кој јава толку доцна низ ветерот и ноќта“ односно баладата „Баук“.

(Лили Шонеман)
Следна, а некои велат и најголемата љубов на Гете, била Шарлота фон Штајн. Шарлота целосно се разликува од типот на жени во кои тој обично се вљубувал. Ладната дворска дама била седум години постара од него, мајка на седум деца и многумина велат дека за време на нивната врска дошло до само еден единствен бакнеж. Нејзиниот сопруг Хосијас фон Штајн (најверојатно) не реагирал на додворувањата на Гете, затоа што браковите во тие кругови најчесто биле од економска и финансиска природа. Врската пукнала во 1786 година кога Гете тргнал на пат низ Италија, а кога се вратил немало некои надежи дека може да се поправат работите. Сепак, многумина велат дека оваа врска била само параван кој ја криел вистинската љубов и чувства кои Гете ги негувал кон војвотката Ана Амалија.

(Шарлота фон Штајн)
После патувањата, тој се вратил во Вајмар. Гете веќе не бил толку млад и почнува врска со куќната помошничка Кристијана Вулпијус. Таа му е невенчана сопруга и од тој див брак се раѓа и неговото единствено дете, синот Август. Гете со неа имал уште четири други деца кои умреле многу рано. Општеството ја отфрлало, па така таа била врзана само за куќата. Тоа се менува кога после 18 години конечно се венчаваат (1806 година). Од периодот со Кристијана Вулпијус се создаваат „Римските елегии“, најбезгрижните и најеротските стихови на Гете.

(Кристијана Вулпијус)
Гете и натаму се заљубувал – некогаш тоа траело подолго, некогаш пократко. Некогаш среќно, некогаш несреќно. Многумина од тие љубовни авантури завршувале во неговите дела како „Западно-источен диван“ или „Избор кон сличноста.“
