Денес на блогот читаме македонска поезија. Одамна ги немам споделено стиховите на великанот Гане Тодоровски, па решив да ја споделам оваа прекрасна песна.
Пречек – Гане Тодоровски
На бессоницата умората е траг,
исчекувањето со немир ја преполнило.
Па сепак, окото и увото се праг
на надежта, што она ја засолнила
од сомненијата – тој тивок, злобен враг.
Приквечерината ја чувствува ко лост
што треба долго да го крева сама.
Немирите во срцето се гост
а ноќта – бескрајна и штура штама.
Не, таа ноќ ќе биде само мост
по кој ќе мине чекор задржан, жив,
по кој ќе мине надеж долго чувана,
да сретне сјај во денот смолкнат, сив,
да сретне радост толку очекувана
и… Него, меѓу нив.

