Денес започнува 58. издание на „Струшките вечери на поезијата“!

Денес, со традиционалното садење дрво и поетско читање во чест на добитникот на признанието „Златен венец“, кое годинава оди во рацете на романската поетеса Ана Бландијана, како и традиционалното отворање на манифестацијата со поетско читање на легендарната „Т’га за југ“, ќе се отвори 58. издание на „Струшките вечери на поезијата.“.

68810229_2278353715593461_7518113967001042944_o

„Струшките вечери на поезијата“ е една од најстарите и најпознатите манифестации во Македонија, ширум позната и признаета меѓу поетите ширум светот. „Златниот венец“ го имаат добиено многу реномирани и звучни имиња како: Маргарет Атвуд, Ален Гинзберг, Пабло Неруда, Тед Хјуз, Јосиф Бродски, како и нашите Блаже Конески и Матеја Матевски, а од регионот, од позвучните имиња, ова признание го имаат добиено Десанка Максимовиќ, Мирослав Крлежа, Јанис Рицос.

На овој линк може да ја прочитате програмата, па и да посетите некој од настаните, а доколку не сте во можност да бидете лично присутни, следете ја Фејсбук страната на Струшките вечери на поезијата и бидете во тек со сите новости, настана и информации.

Годинава има навистина интересни и звучни имиња и повеќе од 30 поети кои ќе присуствуваат на манифестацијата, а освен тоа, покрај „Златниот венец“ како најпрестижна награда, традиционално ќе бидат доделени и наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“, а ќе биде доделена и наградата „Стојан Христов“, награда за најдобра поетска книга од поет од дијаспората.

Ќе има претставување на поетски портрети (на добитниците на наградите, но и ќе се уважат нашите легендарни поети како Матеја Матевски, Влада Урошевиќ и Богомил Ѓузел), поетски читања, дружби. Бидете таму и не пропуштајте ја оваа легендарна манифестација!

 

Leave a comment