Рајнер Марија Рилке, величествениот германски поет, кој бил роден во 1875 година во Прага, пишува за смртта и умирањето, за болката и страдањето, за сѐ што е човечко, а на човекот не му е туѓо. Извонреден поет, новоромантичар, од своите долги преписки зад себе ја има оставено славната „Писма до младиот поет“, кои го упатуваат младиот поет што да прави, како да се одржи и зацврсти, како да му гледа на ужасот директно во очи.
Неговото поетско творештво може да се подели на три периоди: субјективен, објективен и субјективно-објективен период. Тој е поет кој се интересира за човековата сензуалност, разум, чувствителност. Големо значење ѝ придава на уметноста, односно поврзаноста на уметноста и поезијата. Какво значење има уметноста за нас и што е poesis?

Рилке пишува за смртта, за сопствената смрт, не за безличната смрт. Смета дека животот и смртта растат заедно. Смртта расте во нас, отсекогаш сме биле доволно возрасни за да умреме. Истовремено со животот расте и смртта. Тој е поетот кој го одбележа 20 век, кој сметал дека стиховите се искуства, а песната е постоење.
Неговата етичка порака, чиста и оправдана гласи: „Да сакаш е добро: тоа е можеби најтешкото нешто кое ни е зададено, она последно искушување и испит, работа за која секое друго дејство всушност само нѐ подготвува.“
Од одговорите кои Рилке му ги дава на Франц Ксавер Капус, можеме да го согледаме светот низ очите на големиот германски поет:
За уметничкото дело: „Едно уметничко дело со ништо не може помалку да се досегне како преку критичките зборови: притоа секогаш доаѓа до повеќе или помалку среќни недоразбирања. Сите работи не се така разбирливи и изречени како би можеле најчесто да нѐ убедат; повеќето случувања не можат да се искажат, тие се одигруваат во просторот во кој ниту еден единствен збор никогаш не стапнал и барем уметничките дела, тие мистериозни суштества чии животи траат заедно со нашиот живот кој изминува, можат да бидат изразени “
„Постои само едно единствено средство. Задлабочете се во себе. Истражете ја причината која ве тера да пишувате: Запрашајте се дали таа ги раширила своите корења во најскриената длабочина во вашето срце, признајте си себеси дали би морале да умрете кога пишувањето би ви било ускратено.“
За уметникот: „Во себе да носиш онолку колку што е потребно за развој, па потоа да дадеш плод – тоа е сѐ. Да дозволиш секој впечаток и секој зачеток на некакво чувство целосно да се заврши во тебе, во темнината, во неизреченото и со длабоко каење и трпение да го почекаш часот на раѓање на една нова светлина: само тоа значи уметнички да се живее, во поимање, како и во создавање.“

За родителите и растењето: „Затоа што оние кои вам ви се блиски – се далеку, велите вие, тоа покажува дека кругот околу вас почнува да се шири. И ако вашата близина е далечна, тогаш вашата далечина е веќе под ѕвездите и многу голема; радувајте се на своето растење и развој, во кој не можете никого да поведете со себе и бидете добри кон оние кои заостануваат и бидете сигурни и спокојни пред нив и не ги мачете со своите сомнежи и не ги плашете со својата доверба или со својата радост, особено оние кои не можат да ги разберат. Со нив барајте некоја едноставна и верна заедница, која неминовно не мора да се промени ако и вие самите се промените; сакајте го животот кој постои во нив, животот во туѓ облик и бидете трпеливи кон луѓето кои стареат и се плашат од самотија и осаменост, во која вие имате доверба. Избегнувајте да додавате нови конфликти во оваа драма која секогаш е напната помеѓу родителите и децата; таа троши многу од силата на детето и ја исцрпува љубовта на родителите која делува и грее дури и кога не разбира.“
За осаменоста: „Повлечи се во себе и не сретнувај никого со часови – тоа мораме да умееме да го постигнеме. Да се биде осамен како што сме биле осамени во детството кога возрасните се движеле околу нас, преокупирани со работи кои изгледале важни и големи само затоа што возрасните ги правеле и оставале впечаток на голема зафатеност и затоа што од целото нивно дејствување не сме сфатиле ништо. Добро е да се биде осамен, затоа што осаменоста е тешка; околноста дека нешто е тешко нам мора да ни биде причина повеќе за да твориме.“

За љубовта: „Добро е и да сакаш: затоа што љубовта е тешка. Да сакаш како човек што сака човек: тоа е можеби најтешкото нешто кое ни е зададено, она последно искушување и испит, работа за која секое друго дејство всушност само нѐ подготвува. Затоа младите луѓе кои се почетници во сѐ, сѐ уште не умеат да сакаат: тие мораат да го научат тоа. Со целото битие, со сите силе, сосредоточени околу своето осамено, вознемирено срце чии удари се стремат да растат, мораат да научат да сакаат. Да сакаш, пред сѐ, воопшто не претставува она што се нарекува „да исчезнеш, да се предадеш и да се спојуваш со друго битие (зашто какво би било спојувањето на непречистеното и незавршеното, сѐ уште несреденото?)“; тоа е возвишен повод за поединецот да созрева, да стане нешто во себе, да стане еден свет, свет за себе за љубов, тоа е големо, нескромно барање кое му се поставува, нешто што го одбира и го определува за големи достигнувања.“
За светот: „Својот живот мораме да го замислуваме и да го примаме широко, колку можеме; сѐ, па дури и нечуеното, мора да биде возможно во него. Тоа во основата е единствената храброст која се бара од нас: да се биде храбар за најнеобичното и најчудното нешто што може да ни се случи на нашиот животен пат. Немаме причини да негуваме недоверба кон нашиот свет, затоа што тој свет не е против нас. Ако во него има ужас, тоа е нашиот ужас, ако има бездни, тие бездни ни припаѓаат нам, ако има опасности, тогаш мораме да се обидеме да ги засакаме.“
За животот: „Дозволете вашиот живот да оди по својот тек. Верувајте ми: животот е во право, во секој случај.“
