Досега неколку пати сум пишувала за „Алиса во Земјата на чудата“, особено интересни факти поврзани со книгата. Денес на блогот можете да прочитате каков бил патот од создавање до издавање на книгата!
Приказната зад „Алиса во Земјата на чудата“ започнува со креативниот, разигран ум на Чарлс Л. Доџсон (човекот кој стои зад псведонимот Луис Керол). Доџсон имал вроден талент за раскажување и тој обожавал да измислува нови приказни за да ги забавува неговите пријатели. Едно летно попладне во 1862 година, Доџсон пловел по текот на Темза од Охсфорд до Годстоу со неговиот пријател Хенри Џорџ Лидел и најстарите ќерки на Хенри, Лорина, Алис и Едит.

Токму за време на ова „златно попладне“, Доџсон првпат ја срочил приказната за Алиса и нејзините авантури, инспириран од малата Алиса Лидел која побарала од Доџсон да им раскаже приказна за да им биде интересно. Целото семејство било толку воодушевено од приказната што Алиса го замолила Доџсон да ја запише некаде приказната. Му биле потребни две и пол години за целосно да ја заврши приказната, но токму од ова попладне минато во спонтано раскажување се родила „Алиса во Земјата на чудата“.

На 19 октомври 1863 година, Томас Комб, директорот на „Кларендон прес“ го запознал Доџсон со издавачот Александер Макмилијан во Охфордс. Макмилијан неодамна ја објавил „Водените бебиња“, книга за деца на Чарлс Кингсли, која била многу добро прифатена од јавноста. Насетувајќи сличен потенцијал во приказната на Доџсон, Макмилијан се согласил да ја објави приказната на Доџсон под неговиот псевдоним Луис Керол. Тие постигнале договор со кој Карол платил за печатењето и маркетингот, додека Макмилијан добил одреден процент од продажбата. Ова го означило почетокот на една долга и успешна соработка и однос меѓу нив двајца: Макмилијан ќе ги издаде сите останати книги на Карол, како и книгите кои ги објавил под свое име, а кои биле поврзани со математика, геометрија и логика.
Откако неколку предлози за наслов биле одбиени, меѓу кои „Алиса помеѓу самовилите“ и „Златниот час на Алиса“, книгата конечно била објавена во 1865 година како „Алиса во Земјата на чудата“. Целиот тираж бил распродаден за многу кратко време и така „Алиса во Земјата на чудата“ станала огромна книжевна сензација, обожавана и од возрасните и од децата.

Но, прекрасното раскажување на Керол не било единственото нешто коешто ја заробило фантазијата на читателите: цртежите, кои многу мудро се вметнати во самиот текст, им дале живот на приказната и ликовите во неа и тие станаа дел од културниот феномен и наследство на книгата. Цртежите се дело на Џон Тениел, главниот карикатурист за политичкото списание „Удар“, чие творештво било многу ценето од страна на Керол. Нивната соработка ни ја има подарено легендарната слика за Алиса која и до ден денес е дел од колективната свест и фантазија.
До ден денес, не се случило „Алиса во Земјата на чудата“ да биде надвор од продажба и е преведена на најмалку 176 јазици. Ова е приказна за безвременската радост на чистото раскажување и заедничката страст и визија на писателот и издавачот.
