Ах, септември! Еден од моите омилени месеци. Септември секогаш е емотивен месец за сите. Некои првпат седнуваат во училишни клупи, некои се враќаат назад во старите клупи, некои се префрлаат во повисоките фази на своето образование (средно, факултет), некои едноставно само се потсеќааат на деновите кога и тие биле ученици. А некои (како јас :D) се радуваат на фактот дека есента се ближи. Август беше топол месец, па имав и повеќе време и простор за читање додека се криев од жештините. Еве што читаше Кафе и книги во текот на изминатиот месец!
Инспирирајте се и прочитајте некоја од овие книги!
„Последната девојка“ – Надија Мурад

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е една од најмоќните книги кои ги имам прочитано во последно време. Приказната на Надија е едно сведоштво за злосторствата кои се случуваат низ светот, за маките и страдањата на илјадници луѓе, за омразата која уништува држави, народи, семејства, луѓе.
Надија е една млада девојка родена во ирачкото село Кочо, во кое живееле Језидите, кои таму се населиле многу одамна и кои живееле во согласност со своите традиции и обичаи. И сѐ било нормално до моментот кога Исламската држава (или oзогласено наречените ИСИС) влегува во селото и засекогаш ги уништува животите на сите луѓе со кои доаѓа во контакт. Сите соништа на Надија паѓаат во вода во моментот кога гледа како ИСИС ги убива сите мажи во селото, како ја одвојуваат од нејзината мајка и ја носат да биде сексуална робинка и да биде силувана од секој кој доволно ќе плати за тоа.
Надија успева да преживее и да ја раскаже својата приказна и да се бори против злото на ИСИС и против геноцидот кој се случува пред очите на светот. Затоа и беше една од добитничките на Нобеловата награда за мир во 2018 година. Топло ви ја препорачувам оваа книга. Длабоко ќе ве потресе, но и ќе ви ги отвори очите и ќе ви покаже какви се судбините на луѓето низ светот. Можеби има милион вакви приказни, но за жал, не успеваат сите да ја раскажат својата приказна. Затоа Надија зборува, за, како што вели таа, „да биде последната девојка“ која ќе проаѓа низ хоророт низ кој прошле таа и нејзиното семејство.
„Желбата да се биде како сите други“ – Франческо Пиколо
Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Многу ми се допадна оваа книга. Интересна, допадлива, одличен стил на пишување, но истовремено е и длабока. Читателот всушност се впушта во разговор со Пиколо и гледаме длабоко рефлектирање и размислување за сопствената состојба на ум, за сопствениот развој, а притоа сето тоа има некоја лесна и хумористична нота која одлично е запакувана во сето тоа.
Истовремено, имаме можност да ја погледнеме италијанската политичка и општествена сцена на малку поинаков начин. Пиколо навлегува малку подлабоко и нѐ учи, нѐ образува на некој начин иако го прави тоа поаѓајќи од сопствената идеолошка матрица. Но, тој истовремено е доследен и искрен и во својата критика на „неговиот“ табор, на оние кои му се слични по душа и идеологија.
Во секој случај, навистина уживав во книгава и топло ја препорачувам.
„Серотонин“ – Мишел Уелбек

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Мишел Уелбек дефинитивно сѐ уште го има жарот во себе да ве испровоцира, да си речете: „Леле што читам?“, иако неговите дела веќе навлегуваат во една друга фаза на развој каде сѐ поочигледна е желбата на неговите ликови да се оттуѓат од општеството. Иако ова не е нешто ново во неговите дела, во „Серотонин“ мислам дека најмногу доаѓа до израз.
Неговиот јунак решава да даде отказ, да се откаже од станот и релативно удобниот живот и да живее нешто налик номад, да троши пари додека ги има, без да има план каде ќе оди и што ќе прави. Тој прочитал дека некој човек доброволно исчезнал, па и тој решава да го направи истото. Додека патува, размислува на себе, своето минато и своите грешки, девојките со кои бил, подемите и падовите на неговиот живот. Тој е свесен дека е во депресија, па затоа и оди кај доктор кој му препорачува апчиња за депресија кои имаат одредени негативни ефекти и тоа дополнително прави тој да анализира и размислува.
Ова е најновата книга на Уелбек. Можеби не е неговата најдобра, но е провокативна и поставува интересни тези за машко-женските односи, љубовта и сексот. 3.5 за Мишел Уелбек е како 10 за некои други книги. 3.5 е во однос на неговите претходни дела, но се работи за добра и солидна книга!
„Часови по секс“ – Даниел Грант
Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Искрено, на почеток бев скептична околу книгава, мислев дека ќе биде клише приказна колку да ми помине времето.
Но, се изненадив кога открив дека страниците самите си летаат и дека приказната е навистина интересна. Да, на моменти има некои клише моменти, но е одлична за оттргнување од секојдневните обврски.
Џејмс Кенеди е популарен дечко, згоден, има одлична работа, но некако има проблем кога станува збор за сексот. Тогаш, во неговиот живот влегува девојка која премногу му се допаѓа и сфаќа дека мора да преземе нешто во врска со неговите способности во кревет. Но, како да го направи тоа е вистинското прашање кое го мачи!
„Трнлива вистина“ – Ејлин Гоуџ
Издавачка куќа: КУЛТУРА
Оцена: 2/5
Осврт: Не ја гледајте толку оцената колку освртот, секој има различен начин на бодување и оценување, а и вкус за книги. Оваа книга ќе им се допадне на оние кои сакаат семејни драми, испреплеткани приказни и судбини и доколку постојано и редовно го читате овој жанр, верувам дека ќе ви се допадне и оваа книга.
Рејчел и Роуз се две жени кои имаат неверојатно испреплеткан живот. Судбината решила тие да имаат некаква поврзаност уште од моментот на нивното раѓање и сите останати околности. Но, Роуз знае нешто за кое Рејчел е целосно несвесна и тоа прави Роуз да биде уште попотиштена. Освен тоа, синот на Роуз и посвоената ќерка на Рејчел се заљубени и размислуваат за заеднички живот, но како и сѐ останато во животот на овие две жени, особено Роуз и ова оди рака по рака со многу тешкотии. Ова е приказна за две семејства и нивната неверојатна испреплетеност, но и нивната тешка судбина која сепак има и свои добри моменти.
