Што велел Буковски за заедничките работи помеѓу доброто пишување и добриот живот?

„Јас немам некаква идеологија, јас само набљудувам. Јас не држам никакви страни, освен страната на човековиот дух, која после сѐ делува прилично површно, како некој продавач, но тоа најчесто значи дека се работи за мојот дух, а тоа значи дека се работи и за твојот, бидејќи ако јас не сум вистински жив, како можам да те видам?“

~ Чарлс Буковски, „Белешките на валканиот, стар маж“

Во „Белешките на валканиот, стар маж“, неговата неделна колумна за малиот, андерграунд весник „Отворен град“, стациониран во Лос Анџелес, Чарлс Буковски станал нешто како филозоф за обичниот човек, пишувајќи за длабоки работи помеѓу сите диви вулгарности, докажувајќи дека сепак имал некаква идеологија, исто како што имал и различни теории и тези, како и многу различни мислења. Тој држел страни кога станувало збор за книжевноста: страната на Селин, Достоевски и Ками, наспроти страната на Фокнер, Шекспир и Џорџ Бернард Шо („најпреувеличената фантазија на сите времиња“).

bukowski-750

Кај Буковски немало простор за пристојна почит или блага наклонетост. Кај него, животот бил или љубов или омраза. Ако го натерате да почне да зборува за некоја тема, сите тие чувства би излегле на површина, како и неговите идеи за најважните теми: животот, смртта, пиењето, сексот и секако, пишувањето. Во едно интервју кое можете да го видите подолу, Буковски е прашан дали се плаши од смртта. Тој вели: „Не, всушност, јас речиси се чувствувам добро со приближување на смртта.“ Ова станува медитација на повторувањето и досадата и за „сокот“ кој е потребен за добриот живот и доброто пишување:

„Видете, колку подолго живеете, работите почнуваат да се повторуваат… Ме разбирате? Одново и одново ги гледате истите работи… па така малку се уморувате од животот. Па така, кога смртта доаѓа, речиси ви доаѓа да кажете: океј, бејби, време е, добро е.“

Овој одговор го води водителот кон „Под вулканот“ на Малком Лори, а тоа пак од друга страна го поттикнува Буковски да почне со своите препознатливи кенкави критики, како еден вид на вовед во неговата теорија за прозата која може да се сумира во само три зборчиња: „БИМ, БИМ, БИМ!“ – звукот што го прави за да ја покаже брзината на добро напишана реченица. Доброто пишување треба да има „темпо“, „живот“ и „светлина“. Тој вели: „Секоја реченица, мора да биде полна со сладок сок, тие мора да бидат полни со моќ, тие мора да прават да посакате да ја свртите страницата, бим, бим, бим!“ Пишувањето како она на Лори е „преопуштено“. Премногу подготовки, а премалку резултати.

Тој можеби звучи пресурово кон Лори, но повеќето писатели му се здодевни на Буковски. Откако со страници ја градат тензијата, „кога ќе стигнат до големото чувство, тогаш тоа едноставно недостасува“. Буковски никогаш не бил суптилен, но никој не може да каже дека во неговото пишување нема „сок“ или големо чувство. Напротив, тој е привлечен за многу млади писатели (особено машки писатели), затоа што неговата проза и неговата поезија се толку наелектризирано живи. Тој има ограничен број на теми, најчесто сведени на неговите сопствени мисли, чувства и пијани случки. Сепак, гласот со кој нѐ пренесува низ неговите насилно смешни приказни и неволји, делува како да е способен за неограничена креативност.

Буковски вели: „Пишувањето никогаш не смее да биде здодевно.“ Тој има поставено висока граница и ја има достигнато. Како писатели, ние не треба да го живееме неговиот живот, ниту да го правиме истото. Но, сите мора да бидеме „вистински живи“ во нашиот сопствен пат и да правиме нашите реченици да прават БИМ БИМ БИМ. Тој вели: „Секоја реченица, мора да има посебен живот, сама по себе.“

Во продолжение погледнете дел од интервјуто.

Извор.

Leave a comment