Марк Твен: „Никогаш немало праведна војна, никогаш чесна, од страна на поттикнувачот на војната!“

„Мистериозниот странец“ на Марк Твен е последното негово дело, кое е постхумно објавено во 1916 година. Иако читателската публика го обожава Твен и неговите прекрасни дела како „Авантурите на Хаклбери Фин“ или „Авантурите на Том Соер“, „Мистериозниот странец“ е малку познато дело дури и помеѓу најголемите почитувачи на неговото дело.

Изминатиот викенд имав можност да го прочитам ова ремек дело, за кое повеќе ќе пишувам во следното издание на „Што читаше Кафе и книги…?“, традиционалната листа со книги кои сум ги прочитала во изминатиот месец, но денес сакав со вас да споделам еден извадок од книгата кој навистина ме импресионираше и кој уште еднаш ни ја пренесува генијалноста на Твен да проникне во природата и состојбата на човечкиот род.

basic-fall-girl-1200x600

Уживајте во овие редови кои се надевам дека ќе ве замислат и ќе ве поттикнат на размислување исто онолку колку што ме поттикнаа и мене:

„Тоа е целата вистина. Го знам јас твојот род. Сочинет е од овци. Со него владеат малцинства, а ретко кога, или најчесто никогаш, мнозинството. Луѓето ги потиснуваат сопствените чувства и верувања и ги следат оние неколкумина, коишто креваат најголема врева. Понекогаш, тие бучни неколкумина се во право, а понекогаш не се, но толпата секогаш ги слуша.

Поголемиот дел од луѓето, диви или нецивилизирани, се добродушни и се воздржуваат од нанесување болка на своите собраќа, но не се осмелуваат да го покажат тоа во присуство на агресивното и немилосрдното малцинство. Помисли само како е тоа. Едно добродушно суштество шпионира друго и внимава на тоа лојално да помага во неправдите, од кои и двете се ужаснуваат. Зборувајќи како експерт, знам дека 99% од твоите собраќа во срцето беа против убивањето на вештерки, кога еден грст побожни лудаци, уште во далечното минато, први почнале да ја практикуваат таа глупост.

mysterious-stranger-e1494553352574

А знам дека дури и денес, по толку столетија на предрасуди, кои се пренесувале од татко на син и по сето тоа глупаво учење, секој дваесетти човек, поради убедување, навистина учествува во измачувањето на вештерките. Но, сепак, судејќи по надворешниот изглед на нештата, сите ги мразат вештерките и сакаат да ги убијат.

Еден ден, грст луѓе ќе застанат на другата страна и ќе кренат уште поголема врева, можеби тоа ќе го стори само еден смел човек чиј глас одлучно ќе загрми и за една недела сите овчички ќе се свртат и ќе тргнат по него и ловот на вештерки наеднаш ќе замре.“

„Монарсите, аристократите и религиите, сите тие се базирани на огромниот недостаток на вашата раса, на недовербата на секој поединец кон својот ближен и на желбата на секој човек, поради безбедност или удобност, другите да имаат добро мислење за него. Тие институции секогаш ќе постојат, секогаш ќе цветаат, секогаш ќе ве угнетуваат, навредуваат и понижуваат, затоа што вие секогаш ќе бидете и ќе останете робови на малцинството. Никогаш немало земја, во која поголемиот дел од народот, во дното на душата, бил верен на која било од овие институции.“

Ми беше непријатно да слушам како нашиот род го нарекува овци, па реков дека мислам дека тоа не е така.

mysterious-stranger-8

„Сепак, тоа е вистината, јагне мое“, рече Сатаната, „погледнете се самите себеси во војна – какви овци сте и колку сте смешни!“

„Во војна? Зошто во војна?“

„Никогаш немало праведна војна, никогаш чесна, од страна на поттикнувачот на војната. Јас можам да гледам милион години напред и од ова правило во текот на сите тие столетија има само половина дузина исклучоци. Бучниот грст, како и секогаш, на цел глас ќе бара војна. Оние на пиедесталот, на почетокот, претпазливо и внимателно ќе се спротистават. Огромен дел од народот ќе ги истрие сонливо очите и ќе се обиде да разбере зошто треба да има војна и искрено и навредено ќе каже: „Војната е неправедна и нечесна и не ни е потребна.“

Потоа оној грст луѓе ќе викне уште погласно. Неколкумина чесни луѓе, на спротивната страна, ќе докажуваат и изнесуваат причини против војната, со збор и со перо, и на почетокот, ќе ги слушаат и ќе им ракоплескаат, но тоа нема долго да трае, оние другите ќе ги надвикаат и наскоро групите коишто се против војна, ќе бидат сѐ помали и помали и ќе престанат да бидат омилени.

Нема да помине долго време и ќе го видите ова чудо: говорниците со камења ќе бидат избркани од пиедесталот, а слободата на говорот ќе биде задушена од толпи бесни граѓани, кои потајно, во себеси, го мислат истото што и каменуваните говорници, како и претходно, ама не се осмелуваат да кажат дека се на исто мислење.

И тогаш, целиот народ – и оние на пиедесталот и сите останати – ќе го прифатат повикот на војна и ќе викаат додека не зарипнат и ќе јурнат на секој чесен човек, кој ќе се осмели да отвори уста, а наскоро, тие усти ќе престанат да се отвораат.

Потоа, државниците ќе измислат евтини лаги, ќе го обвинат нападнатиот народ и сите ќе бидат восхитени со тие измислици, кои им ја смируваат нечистата совест и вредно ќе ги проучуваат и ќе одбиваат да испитуваат какви било демантирања на тие лаги. И така, малку по малку, ќе го убедат човекот дека војната е праведна и ќе го величат Бог, поради поздравниот сон што ќе го имаат по тоа смешно и бесмислено самозалажување.“

Leave a comment