Што читаше Кафе и книги во септември?

Дојде октомври и веќе сме длабоко навлезени во есента. Есен е совршено време за читање книги, а како и секој месец, така и овој месец можете да најдете инспирација за читање од книгите кои ги прочитав изминатиот месец!

„Мистериозниот странец“ – Марк Твен

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е една од подобрите книги кои ги имам прочитано во последно време. Марк Твен повторно брилијантен и уште еднаш на дело го покажува своето мајсторство. Во едно мало село во Австрија, еден ден се појавува еден мистериозен странец кој сретнува три момчиња и тие веднаш стануваат заинтригирани од него. Тој се претставува себеси како Сатана, внук на оригиналниот Паднат Ангел. Но, дали тој навистина е тоа што се претставува?

Преку овој лик и прекрасните дијалози и начинот на којшто е раскажана приказната, Марк Твен на виделина ги покажува сите несовршености на луѓето и ја покажува површноста и будалаштините на сите припадници на човештвото.

Одлична книга, топло ви ја препорачувам!

Секој полудува на свој начин“ – Стефан Чапалику

Издавачка куќа: АРС Ламина
Оцена: 4.5/5
Осврт: Одлична книга која ни доаѓа од соседна Албанија. Стефан Чапалику, кој е всушност нараторот на приказната, зборува за неговиот роден крај и родно место каде што пораснал и како неговите детски (момчешки) очи го доживуваат периодот на владеењето на Енвер Хоџа.

Се работи за книга која е многу шармантна и која ни го доловува обичниот живот на луѓето во неговото родно место и сите тие се некако поврзани меѓу себе, но истовремено и на многу суптилен начин ни ги прикажува негативните страни на комунистичкото владеење во Албанија во тој период, како и тивкиот непокор и молчалив бунт кој не секогаш е забележлив и можеби не прави некаква разлика, но истовремено и прави. Книга со многу топлина, која на моменти ќе ве натажи, на моменти ќе ве замисли, а на моменти и ќе ви донесе насмевка на лицето.

 „Далеку од вистината“ – Линвуд Баркли 

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 3/5
Осврт: Линвуд Баркли е мајстор за пишување трилери и е навистина популарен кај македонската читателска публика и тоа со право. Неговиот стил на пишување е лесен и интересен и неговите приказни се одлични за бегство од реалноста. И оваа е книга во голема мера ќе го постигне тоа.

Сите патокази, докази, малечки наговестувања ќе ве натераат да се обидете да ги поврзете сите точки, а она што е најинтересно е дека приказната е недовршена, односно продолжува со следната книга, „23“. Во градчето Промис Фолс, кое се појавува и во други негови дела почнуваат да се случуваат некои чудни работи, кои со текот на времето прераснуваат во вистински хорори, а сѐ се врти околу бројот 23. Откако отвореното кино ќе се сруши врз автомобилот на еден постар господин и неговата жена, многумина ќе дознаат дека подрумот на нивната куќа крие многу тајни… Интересна приказна, бргу се чита, иако на оние кои веќе им е познат стилот на Баркли, книгата може да им биде малку предвидлива, да се чувствуваат како да е „веќе видено“, но доколку сте во потрага по трилер, оваа книга воопшто не е лоша идеја.

Leave a comment