Зошто Жан-Пол Сартр ја одбил Нобеловата награда за книжевност?

Нобеловата награда за книжевност е најпрестижната награда во светот на книжевноста. Ретко кој ја има привилегијата да биде во такво друштво, а има еден куп прекрасни писатели и писателки кои никогаш не ја добиле оваа награда.

Но, очигледно, не секој мислел дека оваа награда му е потребна. Францускиот писател и филозоф, Жан-Пол Сартр е единствениот писател кој своеволно ја одбил оваа голема чест (и Борис Пастернак, но тој тоа го направил од сосема поинакви причини).

Во соопштение за шведските медиуми, објавено на 22 октомври 1964 година, Сартр дал образложение за оваа своја постапка. Во продолжение, прочитајте го соопштението во целост:

1498693228_f2e67e07e2

„Длабоко жалам за фактот дека овој инцидент стана своевиден скандал: една награда ми била доделена и јас ја одбив. Тоа  се случи само затоа што јас не бев навремено известен за она што било планирано. Кога на 15 октомври, во списанието „Figaro littéraire“, прочитав дека изборот на Шведската Академија е наклонет кон мене, но дека тоа сѐ уште не е потврдено, јас претпоставив дека со тоа што ќе напишам писмо на Академијата, кое го пратив уште следниот ден, ќе ги разјаснам работите и дека нема повеќе да има дискусии околу ова.

Во тоа време не бев свесен за фактот дека Нобеловата награда се доделува без да се земе предвид мислењето на оној којшто ја добива наградата и верував дека има доволно време за да не дојде до ова. Но, сега сфаќам дека кога Шведската Академија носи одлука, не може истата да ја повлече.

Моите причини за одбивање на наградата немаат никаква врска ниту со Академијата, ниту пак со самата Нобелова награда, како што посочив и во моето писмо до Академијата. Во него, јас посочив две причини: лични и објективни.

jean-paul-sartre-image-904x613

Личните причини се овие: моето одбивање не е импулсивен гест, јас секогаш сум ги одбивал официјалните признанија и почести. Во 1945 година, по војната, кога ми ја понудија Легијата на честа, јас ја одбив, иако имав симпатии кон Владата. На сличен начин, никогаш не сакав да влезам во Францускиот колеџ, како што ми предложија моите пријатели.

Овој став се заснова на мојот поглед околу позицијата на писателот. Писателот кој прифаќа политички, општествени или книжевни позиции, мора да дејствува само преку средствата кои се лично негови, односно пишаниот збор. Сите признанија и почести кои би можел да ги добие ги изложува неговите читатели на притисок, кој јас сметам дека не е пожелен. Не е исто ако се потпишам Жан-Пол Сартр и Жан-Пол Сартр, Нобеловецот.

Писателот кој прифаќа признание од овој тип, треба да знае дека е поврзан со него, но и здружението или институцијата која му го дала тоа признание. Моите симпатии кон венецуелските револуционери се само мои, но ако Нобеловецот Жан-Пол Сартр ја го поддржува отпорот во Венецуела, тој со себе ја повлекува и Нобеловата награда како институција.

Затоа писателот не смее да дозволи да биде претворен во институција, дури и ако ова се случува под најчесните околности, како во овој случај.

jean-paul-sartre

Овој став секако дека е целосно мој и воопшто немам намера да ги критикувам оние кои веќе ја примиле оваа награда. Имам голема почит и восхит кон неколку лауреати кои го добиле ова признание.

Моите објективни причини се следните: Во времето во кое живееме, единствената возможна битка на културниот фронт е битката за мирниот соживот на двете култури: источната и западната. Не мислам дека тие мора да се прегрнат, знам дека соочувањето на овие две култури нужно мора да дојде во форма на конфликт, но ова соочување мора да се случи меѓу луѓето и меѓу културите, без интервенцијата на институциите.

Јас сум длабоко погоден од контрадикторноста меѓу двете култури: јас сум создаден од такви контрадикторности. Моите симпатии без никаков сомнеж се насочени кон социјализмот и она што се нарекува Источен блок, но јас сум роден и израснат во буржујска фамилија и буржујска култура. Ова ми дозволува да соработувам со сите оние кои сакаат да пронајдат начин да ги приближат овие две култури. Без оглед на тоа, јас секако дека се надевам дека „најдобриот ќе победи“. И под тоа, мислам на социјализмот.

Ова е причината поради која не можам да прифатам признание од културни авторитети, западните уште повеќе отколку источните, иако имам симпатии кон нивното постоење. Иако моите симпатии се насочени кон социјалистичката страна, јас сепак не би бил во можност да ја примам Лениновата награда, на пример, дури и кога некој би сакал да ми ја даде, што не е случај.

o-jeanpaul-sartre-570_imagefullwide

Знам дека Нобеловата награда сама по себе не е награда на Западниот блок, но сепак сѐ води кон тоа и може да се случат настани кои се надвор од дофатот на членовите на Шведската Академија. Ова е причината, поради која во моменталната ситуација, Нобеловата награда објективно стои како граница, т.е чест резервирана за писателите од Западот или бунтовниците од Истокот. Таа засега не му е доделена на Неруда, на пример, кој е еден од најдобрите јужноамерикански поети. Никогаш не се размислувало да му се додели оваа награда на Луј Арагон, иако дефинитивно ја заслужува. Жално е што наградата му беше дадена на Пастернак, а не на Шолохов и дека единственото советско дело кое доби признание е она коешто е издадено надвор од границите на државата и е забрането во својата сопствена држава.

А своевиден баланс можеше да биде воспоставен со сличен гест, но во друга насока. За време на војната во Алжир, кога ја потпишавме „Декларацијата на 121“, јас со задоволство ќе ја прифатев наградата, затоа што немаше да ми даде признание само на мене, туку и на слободата за којашто се боревме. Но, работите не излегоа така и дури откако таа битка заврши, оваа награда ми беше доделена на мене.

При дискусиите околу мотивите на Шведската Академија, беше спомната слободата, збор кој може да значи многу работи. На Западот, се мисли на општа слобода: јас лично, мислам на поконкретна слобода која се состои од правото човек да има повеќе од еден пар чевли и да јаде повеќе од еден оброк. За мене е помалку опасно да ја одбијам наградата околу да ја прифатам. Ако ја прифатам, тогаш се нудам себеси на нешто што ќе го наречам „објективна рехабилитација“.

11637649_fullsize

Според статијата во „Figaro littéraire“, „контроверзното политичко минато не би било употребено против мене“. Знам дека оваа статија не ги одразува ставовите на Академијата, но јасно покажува како моето прифаќање би било сфатено од одредени десничарски кругови. Јас ова „контроверзно политичко минато“, сѐ уште го сметам за валидно, дури и ако сум прилично подготвен да признаам одредени минати грешки.

Со ова не мислам дека Нобеловата награда е „буржујска“ награда, но такво е буржујското толкување кое несомнено ќе биде прифатено од одредени кругови со кои јас не сум многу запознает.

И последно, доаѓам до прашањето за парите: навистина е тежок товарот кој Академијата го става на лауреатот со тоа што признанието е придружено со огромна сума пари и овој проблем ме измачуваше. Или човек ќе ја прифати наградата и со парите ќе поддржува организации или движења кои смета дека се важни, на пример, јас помислив на Комитетот за Апартхејдот во Лондон. Или човек ќе ја одбие наградата поради благородни принципи и со тоа таквото движење ќе остане без поддршката која толку му е потребна.

Но, сепак верувам дека ова е лажен проблем. Очигледно е дека се откажувам од 250.000 круни, затоа што не сакам да бидам институционализиран ниту од Истокот, ниту од Западот. Но, од друга страна, човек не може, за 250.000 круни, да биде приморан да се откаже од принципи кои не се само негови, туку и се споделени од страна на сите негови соборци.

Ова е причината поради која за мене беше болно и добивањето на признанието, но и одбивањето кое морам да го направам.

Би сакал да ја завршам оваа декларација со една порака за симпатија и позитивни чувства за шведската јавност.“

Извор.

Leave a comment