Денес излегува збирката раскази „Неми филмови“ на Димитар Димоски!

Во последните години, македонската книжевна сцена е збогатена со многу нови имиња и квалитетни наслови, а македонската читателска публика сѐ почесто посегнува по наслови од македонски автори и ова е навистина одлично.

Па така, токму денес, излегува дебитантската збирка раскази на младиот Димитар Димоски, насловена како „Неми филмови“. Димитар зад себе веќе има признанија за својот талент и има добиени неколку книжевни награди за своите раскази. Изданието на книгата е на „ИЛИ-ИЛИ“ и истото ќе биде достапно во нивната книжарница.

Стилот на Димоски е уникатен и посебен и топло ви ја препорачувам оваа збирка, која не се сомневам дека ќе биде само потврда на неговите досегашни постигнувања.

73014016_769178730212121_3799186997545795584_n

Според она што го најавуваат од „Или-Или“, еве што може да очекуваме од оваа збирка:

„Неми филмови“ е збирка од дванаесет подолги и пократки раскази кои заокружуваат една концептуална целина. Неслучајно, драматургијата на редоследот со кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крај. Оттука, делото започнува со истоимениот расказ „Неми филмови“, кој суптилно ни го наговестува она што понатаму следи, а тоа е дека расказите во оваа збирка, иако содржински различни, се поткрепуваат и надополнуваат во темите кои ги обработуваат.

Филмската уметност е еден од заедничките именители на ова дело: филмот како метафора или како концепт за време. Неретко, приказните го истражуваат односот помеѓу филмското и реалното време, така што, многупати ликовите се впуштаат во некоја интимна, метафизичка борба во која не можат да си го најдат ниту времето, ниту местото. Заедничко за расказите е што тие се случуваат на места ослободени од топоними, но со сите особености на мали, провинциски места.

Ликовите од расказите мечтаат со скромна невиност својствена на оние кои не интелектуализираат. Во потрага по својата осаменост којашто напати е невозможна во малите заедници, ликовите бесцелно се впуштаат во дискусии за филмовите, музиката, фудбалот, па дури и езотеричноста на самиот живот.
Од друга страна, во овој ракопис сеприсутен е и мотивот на семејството, односно мотивот на домот и поимот за дома.

Во секој нареден расказ се чувствува постепена градација во однос на чувствата, описите и внатрешните дилеми, но и на видливата промена на стилот и техниките на наративност. Така, ако љубовта и животот од една комична точка на почетокот преминуваат во апсурд некаде на средина, на крајот заземаат форма на неизмерна тага.

Раскажувајќи во прво лице, се чини како нараторите „секогаш да раскажуваат еден ист расказ“, како што тврди протагонистот од расказот „Величествената убавина“, и „во тој расказ, на крајот секогаш некој умира“.

Затоа, на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме.

Димитар Димоски (1992) е роден во Охрид. Добитник е на наградите: „Нова Македонија“ за расказот „Создавач на светови“ (2014), награда „Живко Чинго“ за расказот „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ (2015) и „Нова Македонија“ за расказот „Неми филмови“ (2016). Член е на литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид. Збирката раскази „Неми филмови“ е негов дебитантски ракопис.

Извор.

Leave a comment