Шест забавни факти за Ф.Скот Фицџералд!

Доколку сте љубител на книги, навистина се мали шансите да сте го пропуштиле романот „Големиот Гетсби“, тажната приказна на Ф. Скот Фицџералд за љубовта и трагањето по себеси за време на ерата на џезот. Фицџералд напишал уште неколку навистина значајни дела кои оставија огромен печат во книжевната историја. Во продолжение прочитајте шест забавни факти за големиот книжевник и неговото творештво, кои можеби и не сте ги знаеле претходно.

14a6b4c6-789b-4c32-8eda-7d8fd51604eb-getty-490446210

Ф-то во Ф. Скот Фицџералд

Целосното име на овој голем писател е Френсис Скот Ки Фицџералд. Тој го добил своето име по текстописецот Френсис Скот Ки, кој ги напишал стиховите на песната „The Star-Spangled Banner” додека бил заробен на британски затворенички брод за време на војната во 1812 година. Ки бил (многу) далечен роднина на семејството на Фицџералд во Минесота, но младиот Фицџералд често знаел да се фали со овој податок пред луѓето.

Мајсторот на кратките приказни

Кога се работи за белетристиката, денес романите навистина се продаваат повеќе од кратките збирки раскази, разликата во продажбата е огромна. Но, во раните декади на 20 век, еден писател би можел да има и слава, но и пари, доколку се пробие на сцената како писател на кратки раскази. Фицџералд бил еден од најплатените и најчитаните автори на кратки приказни во дваесеттите години на 20 век, објавувајќи ги во тогашните популарни книжевни журнали и познати книжевни списанија. Фицџералд напишал само пет романи, но затоа напишал 160 кратки раскази, како „Чудниот случај на Бенџамин Батон“, „Дијамантот голем како „Риц““ и други.

Пишувај за она што ти е познато

Прватата книга на Фицџералд, „Оваа страна на рајот“, пост-военото истражување на апатичната младина, доживеала неверојатен комерцијален и критички успех кога била објавена во 1920 година. Наскоро, Фицџералд се оженил со Зелда Сајр, популарна девојка од Југот, девојка која го обожавала џезот и девојка ослободена од општествените норми од тоа време: пиела, пушела, танцувала, но и одлично ѝ одело пишувањето. Нејзината борба со ментални болести, како и алкохолизмот на Фицџералд и како тоа влијаело на нивната врска во голем дел било инспирација за неговата втора книга, „Убави и проколнати“.

zelda-f-scott-fitzgerald-portrait_horiz

Неверојатен хит!

„Убави и проколнати“ најпрво била објавена како серијал во „Метрополитен Магазин“ во 1921 година. Сепак, кога оваа приказна била објавена во вид на роман во март 1922 година, тиражот од 20.000 примероци бил инстантно распродаден… а потоа истото се случило и со тиражот од 50.000 примероци.

Ова ми звучи познато…

Долго пред филмовите да ги воведат „кинематските универзуми“, Фицџералд суптилно ги поврзувал световите во неговите романи. Во „Убави и проколнати“, еден од ликовите се жали и вели: „Каде и да одам, некоја будалеста девојка ме прашува дали сум ја прочитал „Оваа страна на рајот“. Дали на нашите девојки навистина им се допаѓа тоа? Ако навистина личи на животот, а не верувам дека личи, наредната генерација ќе оди по ѓаволите. Преку глава ми е од овој никаков реализам.“ „Големиот Гетсби“ започнува со извадок од поема од Томас Парк Д’Инвиле. Тоа всушност е име на лик од „Оваа страна на рајот“, а Фицџералд понекогаш го користел ова име како псведоним.

Браво за Холивуд

Иако денес се смета за класика, „Големиот Гетсби“ на почетокот добил ужасни критики и романот толку слабо се продавал, што тоа ја уништило способноста на Фицџералд да заработува како писател. Во триесеттите години на 20 век, тој се преселил во Холивуд за да биде таен „доктор за сценарија“, односно поправал и уредувал сценарија (анонимно) за филмови како „Жените“ и „Одвеано со виорот“. Неговото време поминато во Тинселтаун било инспирација за неговата последна книга „Последниот тајкун“, која останала недовршена поради неговата смрт во 1940 година.

Извор. 

Leave a comment