Што читаше Кафе и книги во октомври?

Иако годинава имаме невообичаено топла есен, сепак студените денови се зад аголот. Нема ништо поубаво од тоа човек да седне и удобно да се смести во својот дом, да си направи топла напивка (чај, кафе, топло чоколадо) и да се изгуби во магичниот свет на книгите.

Доколку се двоумите што да читате, овие неколку книги можеби ќе ве инспирираат и поттикнат да ги земете во рака.

Неми филмови“ – Димитар Димовски

Издавачка куќа: „ИЛИ-ИЛИ“
Оцена: 5/5
Осврт: „Неми филмови“ е дебитантската збирка-раскази на младиот Димитар Димовски и е најдобрата книга која ја прочитав овој месец. Секоја приказна постои сама за себе, но сите се дел од еден поинаков универзум кој Димоски го создал, универзум во кој всушност секоја приказна на некој начин живее и во останатите приказни.

Низ целата збирка провејува една прекрасна меланхолична нишка, од оние кои прават да погледнете низ прозорот, да ги гледате случајните минувачи на улицата и да се запрашате каква е нивната приказна, а потоа да размислите и за својата приказна, за животот и за тоа што е всушност времето и во која насока тече. Освен тоа, од книгата извира една чувствителна мекост и топлина која ќе ви ја згрее душата. Она што вреди да се истакне е и тоа дека темата за детството и влијанието на детството врз човекот е многу силно присутна, но сето тоа е изведено на ненаметливо шармантен начин.

Оваа збирка изобилува со прекрасни мисли и реченици кои ќе ве поттикнат да размислите, да се насмевнете, а понекогаш дури и да воздивнете. Книга која ќе допре до вас и која некако ќе ја почувствувате на едно лично ниво. А тоа е она што го прават добрите книги. Од сѐ срце ви ја препорачувам оваа збирка!

„Кој сее ветар“ – Неле Нојхаус

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена 3/5
Осврт: Доколку ви се допаѓаат трилери и крими-романи, а особено ако веќе сте ја читале „Снежана мора да умре“ од истоимената авторка, сигурно ќе ви се допадне оваа книга. За нијанса е послаба од „Снежана мора да умре“ (според мене и мојот вкус), но сепак е интересна книга, особено во овие ладни есенски денови. Супер е за здодевно есенско попладне.

Книгата започнува со мистериозната смрт на еден ноќен чувар во една компанија, а овој случај ѝ е доделен на детективката Пија, која уште од самиот старт претчувствува дека ова нема да биде толку едноставен случај. Од друга страна се испреплетуваат неколку различни приказни, кои откриваат дека многу нешта се вртат токму околу оваа фирма која има план да гради ветерна електроцентрала, план кој не е баш поддржан од сите, напротив има многу жестоки противници кои се спротиставуваат на оваа инвестиција. Многумина имаат различни интереси, но која е вистината?

Костурите на округот Медисон“ – Ведрана Рудан

Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена: 3/5
Осврт: Доколку го имате гледано култниот филм „Мостовите на округот Медисон“ со Мерил Стрип и Клинт Иствуд, сигурно ќе ви се допадне оваа книга, особено што е и регионално блиска, односно се случува во Хрватска. Приказната започнува со писмата на госпоѓа Павица кои се наменети за нејзината ќерка, но откако таа ќе почине. Госпоѓа Павица цел живот е заглавена во несреќен брак и конечно во нејзините „златни години“ дознава што е вистинска љубов.

Таа си префрла што никогаш немала храброст да го напушти несреќниот брак, бидејќи тоа „не се правело во нејзино време“, што е спротивно на она што го направила нејзината ќерка Ана која го остава сопругот и започнува живот со друг човек. Преку терапиите кај популарниот Кинез, ние подлабоко се запознаваме и со приказните на Павица, нејзиниот сопруг, Ана, поранешниот, но и сегашниот сопруг на Ана, како и синот на Ана. Приказна која прикажува дека секој човек е своја приказна и секоја љубов е посебна, поинаква, а односите меѓу луѓето секогаш се комплицирани.

Будалеста, слатка љубов“ – Џил Шелвис

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт: Доколку навистина сте изморени од секојдневните обврски и потребно ви е лесно четиво кое ќе ви го одмори мозокот, ова е добра книга за вас.

Се работи за слатка приказна за Клои и локалниот шериф, кои делуваат како маче и куче – целосно спротивни и постојано се закачаат, но сепак, кога поубаво ќе погледнете, ќе забележите една поврзаност и хемија која не може да се игнорира.

Како и во повеќето љубовни романи, сѐ започнува со нетрпеливост, но со текот на страниците и развојот на приказната, откриваме што е она што ги поврзува и прави да се чувствуваат онака како што се чувствуваат. Ниту еден човек не е она што мислиме дека го гледаме, сите имаме повеќе слоеви и приказни, но и минато од кое не е толку лесно да се избега. Понекогаш треба многу повеќе сила за да се почне одново и да му се даде втора шанса на животот (па и на љубовта).

Leave a comment