Би било убаво да се види кои се главните карактеристики на измислените фатални заводнички кои во книжевноста успеваат да ги маѓепсаат главните машки ликови. Ќе се обидеме да ги видиме преку очите на нивните творци и да ги издвоиме најважните карактерни црти…
Ана Каренина – „Ана Каренина“, Лав Толстој

Фактот дека таа е преубава, можеби и најубава жена од високото општество на Петроград и Москва во тоа време е нешто што го признаваат не само мажите, туку и жените. Таа блеска на петроградскиот бал во својот црн фустан и сите ѝ се воодушевуваат. Има прекрасно лице, врат и рамена.
Она што е најкарактеристично во појавата на Ана Каренина, тајната состојка на нејзина појава, се гледа во следниот опис на Толстој, кој потоа, во неколку слични варијанти, повторно се провејува низ романот:
„Во тој краток поглед, Вронски ја забележа воздржаната живост која играше на нејзиното лице и која прелетуваше помеѓу сјајните очи и речиси незабележливата насмевка која трепереше на нејзините румени усни. Како нешто одвишно да го исполнуваше нејзиното битие, нешто што и покрај нејзината волја се појавуваше, де во сјајниот поглед, де во насмевката. Таа намерно ја гасеше светлината во очите, но и против нејзината волја, таа блескаше во насмевката која речиси и не се забележуваше.“
Имено, станува збор за внатрешна и надворешна живост, се работи за некаква дополнителна чувствителност и радост во хероината на Толстој.
Клавдија Шоша – „Магичниот брег“, Томас Ман

Егзотичната појава на госпоѓа Шоша, нејзиниот мачкест чекор, косите очи, прекрасните раце, заедно со манирите како трескање на вратата, правење топчиња од леб, држењето на ‘рбетот, грицкањето нокти… Сите овие работи го фасцинираат младиот Ханс Касторп.
Госпоѓа Шоша го привлекува неговото внимание токму со она што на почетокот го нервира, со она што ниту една пристојна дама од почетокот на 20 век, не би смеела да си го дозволи: трескање на вратите од трпезаријата во санаториумот. И преку останатите манири, животни погледи и привлечноста која госпоѓа Шоша ја има за Ханс Касторп, Томас Ман ја објаснува нејзината немарност и слободата која ѝ ја дава нејзината болест, како таа сама го објаснува своето неконвенционално однесување и својот светоглед.
Оваа убава Русинка има и воспитна улога, таа е една од „учителките“ на Касторп, со нејзина помош тој станува свесен за романтичниот дел од својата природа.
Татјана – „Евгениј Онегин“, Александар Пушкин

Возвишената романтична хероина: осамена, искрена, ненаметлива, тажна, верна, горда. Има смелост прва да се изјасни и мудрост подоцна да одбие.
„Небото е полно со сјајни ѕвезди,
А Москва е полна со убавици.
Но, од сите други чудесни работи,
Посветло е лицето на Месечината.
Така и онаа која не смее
Да се вознемири од звукот на мојата песна,
Како возвишена чиста Месечина
Среде младите жени, таа сама блеска.“
Ема Бовари – „Госпоѓа Бовари“, Гистав Флобер

Убава и образована млада жена, „расипана“ од читањето на романтични и сентиментални романи, незадоволна од своето сиво брачно и провинцијално секојдневие. Ова е познатиот внатрешен монолог на Ема кажан на семејната трпеза:
„Но, најтажното нешто за неа беше времето за ручек, во таа мала трпезарија долу, со шпорет кој чади, со врата која шкрипи, со sидови што се потат, со влажен под; Ѝ се чинеше дека целата горчина на животот ѝ е изнесена на чинијата, а со пареата од зготвеното говедско месо, од нејзината душа како да излегуваше уште еден здив полн со горчина.“
Таа е многу ладна кон мажот кој ја обожава и ладна е кон своето дете. Копнеејќи по романтични авантури како оние за кои читала, да се впушта во љубовни афери со други мажи. Меѓутоа, двете вонбрачни врски завршуваат со тотално фијаско и емотивен колапс.
Ема Бовари не е лик на кој треба да се угледуваме, не е ниту замислена да биде таква. Но, дури и според критериумите на морална селекција (затоа што таа е главната хероина, таа повеќе заслужува да биде предмет на уметничка анализа, за разлика од нејзиното лицемерно опкружување.
Имено, се стекнува впечатокот дека љубовниците на Ема, како и останатите ликови во романот се многу подостојни за презир од неа и дека Флобер намерно ја гради таа рамка, ставајќи ги читателите во позиција самите да ги проценуваат измислените луѓе од француската провинција: Во ред, таа лоша, злобна жена, заведена од лажните фантазии, но какви се другите луѓе?
Целиот текст, во својот оригинален формат, можете да го прочитате на Култивиши се.
