Владимир Набоков е еден од најпознатите и најконтроверзните писатели во историјата на книжевноста. Поради својата луцидност, маестрална техника на пишување и живописни јунаци, би можело да се каже дека е и еден од омилените писатели на читателската публика.
За неговите дела се пишувало многу. Се чини дека Набоков до ден денешен е неисцрпен извор на инспирација за критичарите и книжевните теоретичари, т.е се покажува дека тие, но и широката читателска публика, со причина одново и одново му се навраќаат.

Иако темите за анализи ги има на претек, една тема (а не би било погрешно и смело да се каже и единствена тема) која е заедничка за сите негови романи и дела е токму темата за уметноста. Уметноста за Набоков е животна есенција, единствената човекова неопходност и потреба.
„Општествената и економска структура на идеалната држава не ме интересираат многу. Моите желби се скромни. Портретите на главатaрот на владата не би требало да ја надминуваат големината на поштенската марка. Никакви мачења и никакви погубувања. Никаква музика, освен онаа која доаѓа од слушалките или онаа која се свири во театрите. Слобода на говорот, слобода на мислата и слободата на уметноста.“
Пред сѐ се нарекувал себеси уметник и постојано истакнувал колку е силна неговата внатрешна потреба за уметничко изразување.
„Немам никакви желби, освен желбата да се изразам пркосејќи ѝ на немоќта на целиот свет.“
Уметноста истовремено е и засолниште за него, сигурно место каде душата може да побегне и макар за момент да се тргне од суровиот свет. На тој начин и неговиот најпознат лик Хамберт Хамберт ја завршува својата ода кон Лолита, велејќи ѝ дека уметноста е единственото засолниште за нивната „љубов“.
„Размислувам за прабизоните и ангелите, за тајните на трајните пигменти, пророчките сонети, засолништето на уметноста. И ова е единствената вечност која јас и ти можеме да ја делиме, Лолито моја.“

Токму за „Лолита“, својот најуспешен, ако не и еден од неговите најдобри романи, зборувал често, допирајќи ја и улогата на пишаниот збор, а со самото тоа и уметноста во овој свет.
„Постојат нежни души кои би ја прогласиле „Лолита“ за безначајна книга затоа што не ги учи нешто ново. Јас не сум ни читател, ниту пак писател на дидактичка фикција. За мене фиктивното дело постои само онолку колку што ми го допушта она што јас грубо ќе го наречам естетско блаженство, а тоа е чувството дека постоите, некако и некаде, поврзани со други облици на постоење, каде што уметноста (љубопитноста, нежноста, срдечноста и восхитеноста) е норма.“
Токму тој друг облик на постоење е всушност самата уметност – книжевноста и белетристиката како такви се еден вид замислени реалности во кои неговите јунаци честпати доброволно бегаат, избирајќи да живеат во свет кој можеби не е вистинит, но за нив единствено возможен.
„Книжевноста и измислица. Белетристиката е измислица. Да се нарече една приказна вистинита е навреда и за вистината и за уметноста.“

За некој кој не е доволно запознает со творештвото на Набоков, ова можеби би звучело како понижување на она што е измислено и измечтаено. Но, се работи за сосема спротивното. Почнувајќи од „Очајување“ преку „Машењка“, па сѐ до маестралното достигнување во видот на „Блед оган“, Набоков и неговите јунаци не само што ги бришат границите меѓу реалното и измисленото, туку ѝ даваат предност на фантазијата и фикцијата.
„Играјќи на сигурно, попрво би прифатил само еден вид на моќ: моќта на уметноста над ѓубрето, триумфот на магичното над свирепото.“
Неговите јунаци секогаш и пред сѐ се уметници, дури и кога ќе излезе дека не се баш добри луѓе. Можеби најдобар пример за тоа е токму споменатиот Хамберт Хамберт, чии гревови и мани се најочигледни. Но, ист е и случајот со Херман од „Очајување“, кој убива човек за да го преземе неговиот идентитет, како и со Кинбот од „Блед оган“ кој незаслужено ја присвојува песната на својот покоен пријател и прави неверојатно злосторство врз неа, терајќи ја да го порача она што не ѝ било намера да го пренесе како порака.

Сепак, фактот дека сите тие се уметници, не може да биде оспорено ниту од најстрогите читатели кои се згрозени од нивните злосторства. Како и самиот Набоков, сите главни ликови во неговите дела се воедно и естети, а токму убавината е она што ја прави уметноста, барем според него.
Во обидот да ја дефинира уметноста, Набоков ги понудил следните факти:
„Убавината плус тагувањето, тоа е најблиску што можеме да дојдеме до дефиниција за уметноста. Онаму каде што има убавина има и тагување, од проста причина што убавината мора да умре: убавината секогаш умира, манирот умира со материјата, светот умира со поединецот.“
Сепак, сето ова не значи дека уметноста е лесна работа. Уметникот неминовно мора да се соочи со страдањето, но тоа му е неопходно, како и неговата уметност, како што вели Набоков, за да не биде безвредна. Дотолку повеќе што уметникот мора да се пофали и со раскошно знаење доколку сака неговата уметност да има некаква вредност.
„Фантазијата без знаење не води подалеку од задниот двор на примитивната уметност, детските шкрабаници на оградата или пораките на чудакот оставени на пазарот. Уметноста никогаш не е едноставна.“

И покрај сето тоа, уметноста е незаменлива, вели тој, пред сѐ поради чувството кое ни го дава. Книжевноста, пред сите останати уметности, за Набоков е извор на блаженство какво не постои и какво не може да постои во секојдневниот живот.
„Иако читаме со умот, седиштето на уметничкото уживање се наоѓа помеѓу лопатките. Тоа мало треперење низ грбот е речиси највисокиот облик на чувства кои човештвото ги достигнало, развивајќи чиста уметност и чиста наука. Да го обожаваме ‘рбетот и неговото пецкање.“
Сето ова не значи дека Набоков бил ларпурларист (ларпурлартизам е естетска теорија која тврди дека уметноста нема никаква општествена или морална функција и дека единствената цел на уметничкото дело е да биде убаво). И самиот се оградувал од тоа. Уметноста навистина не постои поради сама себе, но сепак е најмоќна и највозвишена сила во животот, барем тој така тврдел.
„Иако не сум баш некој обожавател и поддржувач на слоганот „уметност заради уметност“, нема сомнеж дека она што фиктивното дело го заштитува од ларвите и ‘рѓосувањето, не е неговото општествено значење, туку неговата уметност, само сопствената уметност.“
Книжевноста е вредна во секоја смисла, таа има свое влијание на различни сфери во животот, но она што е најважно во неа, сметал Набоков, е само и исклучиво само уметноста како таква. А уметноста е она што нѐ разликува нас, живите суштества (покрај разумот), од останатите облици на живот.
Затоа, тој во својот роман „Погледни Арлекине!“ ни го порачува следното:
„Играј си! Измисли свет! Измисли стварност!“
