Зошто треба да се опкружите со повеќе книги отколку што можете да прочитате?

Редовното долгогодишно читање ќе ви помогне да бидете посреќни и поздрави. Некои од најпознатите умови на денешницата, од Бил Гејтс до Елон Маск, тврдат дека најдобриот начин за развивање на умот е читањето. Па што прави човек? Оди и купува книги; и тоа многу. Но, животот е полн со обврски и желбите се една работа, а реалноста сосема друга. Наскоро сфаќате дека вашите полици се преполни со наслови кои планирате еден ден да ги прочитате или книги кои сте ги почнале, но не сте ги завршиле. Дали ова значи дека вашиот проект за развивање на умот и станување помудра личност е осуден на пропаст?

young-woman-floor-reading-book

Доколку воопшто не почнете да читате некоја од тие книги – тогаш, одговорот е: да. Во тој случај може да се послужите со трикови или да послушате некои совети за како повеќе да читате. Но, доколку едноставно се работи за тоа дека книгите што ги читате никогаш не можат да ги престигнат книгите кои ги купувате, тогаш имам добри вести за вас (и за мене, бидејќи и јас влегувам во оваа категорија): Вашата преполна библиотека не е знак на неуспех или незнаење, туку е медал на честа.

Зошто ви е потребна „Анти-библиотека“?

Тоа е аргументот на авторот и статистичар Насим Николас Талеб, кој тој го користи во својата книга „Црниот лебед“. Во едно од поглавјата, Талеб зборува за своите ставови и започнува со една анегдота за легендарната библиотека на Умберто Еко, која содржела околу неверојатни 30.000 книги. 

Дали Еко навистина ги прочитал сите тие книги? Секако дека не, но тоа не било поентата на неговото опкружување со толку многу потенцијално, но сепак неостварено знаење. Преку постојаното потсетување на себеси за сите работи кои не ги знае, библиотеката на Еко го одржувала гладен и постојано љубопитен. Истото тоа за вас може да го направи постојаниот куп на книги кој постојано расте, а сѐ уште не е прочитан.

reading

Талеб вели:

„Приватната библиотека не е додаток за кревање на егото, туку алатка за истражување. Прочитаните книги се многу помалку вредни отколку непрочитаните. Библиотеката треба да содржи што е можно повеќе работи кои не ги знаете (се разбира онолку колку што ви дозволуваат финансиските услови). Како што стареете, ќе стекнете повеќе знаење и повеќе книги, а зголемениот број на непрочитани книги заканувачки ќе ве гледаат од ѕидот. И навистина е така, колку повеќе знаете, толку поголеми ќе бидат редовите со непрочитани книги. Ајде да ја наречеме оваа збирка на непрочитани книги – „анти-библиотека“.

Анти-библиотеката е моќен потсетник за нашите ограничувања – огромната количина на работи кои не ги знаеме, работите кои половично ги знаеме или работите за кои еден ден ќе разбереме дека воопшто не сме биле во право. Живеењето со таков дневен потсетник може да ве поттурне кон бидувањето интелектуално приземјен, а тоа ќе ви ја подобри способноста да носите одлуки и ќе ве поттикнува да учите.

getty_598063032_349381

Талеб вели: „Луѓето не одат наоколу со „анти-биографии“ кажувајќи ви што не учеле или во што не се искусни (тоа е работа на нивните ривали), но би било убаво кога би го правеле тоа.“

Зошто? Можеби затоа што добро е познат психолошкиот факт дека најнеспособните луѓе се оние кои се најсамоуверени во своите способности, а најинтелигентните се полни со сомнежи (Навистина, се нарекува „Данинг-Кругер ефект“). Исто така е утврдено дека колку повеќе си подготвен да признаеш дека не знаеш нешто, толку побргу ќе го научиш истото.

Затоа, престанете да се прекорувате себеси затоа што купувате премногу книги или затоа што имате толку многу книги на вашата листа за читање, што ќе ви се потребни три животи за да ја завршите. Сите тие книги кои не сте ги прочитале навистина се показател за вашето незнаење. Но, ако знаете колку не знаете, вие веќе сте понапред од огромното мнозинство луѓе.

Извор.

 

Leave a comment