Кој бил бразилскиот писател кој бил инспирација за Борхес и Маркес?

Кога се зборува за книжевноста од Јужна Америка, најчесто прво ни текнува на Хорхе Луис Борхес, Габриел Гарсија Маркес и Марио Варгас Љоса. Но, книжевноста која доаѓа од Јужна Америка е многу длабока и разновидна, а денес на блогот можете да прочитате еден многу интересен текст на новинарот Мајк Брода кој пишува за порталот Electric Literature.

Тој во својот текст пишува за една многу интересна приказна и еден интересен бразилски писател кој најверојатно влијаел (барем делумно) на познатите јужноамерикански писатели кои ние ги знаеме и сакаме. Во продолжение прочитајте ја статијата на македонски јазик, а најдолу го има и линкот кој ве води кон оригиналната статија на англиски јазик.

1w_pgfcvrvfjsjo5jojgzlq

Пред  неколку месеци, зборував со една колешка од Бразил и паднавме на муабет за книги. Таа ми кажа дека најважната книга напишана на португалски јазик е една приказна напишана во 1881 година. Се работи за книгата „Постхумните мемоари на Брас Кубас“.

Јас ја прашав: „Како човек може да напише постухмен мемоар?“
Таа ми одговори: „Токму така.“

Како читател, понекогаш морам да се потсетувам себеси, дека пишаниот збор постоел во Јужна Америка и пред „Латиноамериканскиот бум“ од 60-тите и 70-тите години на 20 век, ренесансата која ги произведе ремек-делата на Хорхе Амадо, Хорхе Луис Борхес, Габриел Гарсија Маркес и Марио Варгас Љоса, меѓу другите. Тоа е едно влијание и една ера која делува толку голема и монолитна, што модерните писатели од регионот се чувствуваат отфрлени од нејзината големина, а истото може да се каже и за писателите (сега веќе безгласни) кои постоеле претходно: Кои биле писателите кои инспирирале такво неверојатно пишување на територијата на еден континтет? Еден од нив, без никаков сомнеж бил Мачадо де Асис и неговото чудно ремек-дело, кое често се преведува и како „Епитафот на малиот победник“.

Книгата на Мачадо е раскажана од неговиот херој, Брас Кубас, од задгробниот живот, започнувајќи со неговото паѓање во трескав делирум и неговата смрт од пневмонија на 64 години. Дури по неговата смрт, Кубас започнува да се навраќа на остатокот од неговиот живот, раскажувајќи за неговото детство, неговата работа како бирократ, неговите неколку љубови и неколкуте појавувања на смртта која ги зафаќа луѓето кои Брас ги среќава на неговиот животен пат: патник на брод, неговата мајка, црна пеперутка, слугинката на неговата љубовница и многу други. Оваа чудна и хумористична опседнатост со смртта е очигледна уште пред да започнеме со првата страна, почнувајќи со посветата: „За првиот црв кој го јадеше моето месо.“

machado-de-assis

Ако подвигот на Мачадо да напише забавна, апсудрна, креативна животна приказна ви звучи познато, треба да знаете дека сте во право: во воведните реченици, Кубас признава дека „ја преземал слободната форма на Стерн или Хавиер де Мајстр“ повикувајќи се на „Тристрам Шанди“ од Лоренс Стерн и „Патот околу мојата соба“ од де Мајстр. Кубас, слично како Шанди, среде раскажување му се обраќа на читателот, од зборување за посветата до ветувањето дека ќе избрише одредени поглавја и барање прошка од читателот за лошото пишување. Цели страници се полни со цртежи, цели поглавја се оставени празни, сето тоа служи како постојан потсетник дека зборовите кои човек ги чита не се само зборови на мртов човек, туку зборови напишани од човек откако умрел.

Подготвеноста на Мачадо да го разоткрие романот како форма, самото по себе може да биде доволна причина за да се прочита релативно непознат и заборавен бразилски писател и човек може да биде примамен да повлече линија од Брас Кубас до подоцнежните сакани херои од „Латиноамериканскиот бум“. На пример, тука за пример може да се зема објавувањето на смртта на Сантијаго Насар во книгата „Хроники на една најавена смрт“ или ненадејните постхумни разговори и реанимација на Кинкас Беро Д’Агуа во „Двојната смрт на Кинкас Ватер-Бреј“ на Хорхе Амадо. Амадо, кој исто така е од Бразил, секако дека го имал Мачадо на ум додека ја пишувал оваа книга, книга која започнува со тоа што херојот умира од слична смрт и е одличен показател за типот на хумор специфичен за бразилската култура.

livro-memorias-postumas-de-bras-cubas-meu

Но, Мачадо направил Кубас да прави повеќе отколку само да ѝ се смее на смртта. Додека Кубас бил на факултет во Португалија, тој дознава дека неговата мајка умира во Бразил и кога се враќа дома, стигнува токму навреме за да се збогува со неа:

„Наредното утро, присуството на смртта беше неизбежно. Долга беше нејзината агонија, долга и сурова, со ладна и постојана суровост која ме исполни со болка и изгубеност. Тоа беше првпат да видам како некој умира.“

Со целиот свој хумор и посебност, Мачадо успева да го спои тоа со срцекршачка тага и трагедија која доаѓа кога ќе се земе предвид целиот живот и во поглед на ова, животниот век на Кубас делува заобиколувачки и ужасно минлив. Некаде при крајот на неговиот живот и почетокот на неговиот мемоар, Кубас имал трескавичен сон каде што запознава божица налик „Мајка природа“ која се вика Пандора и која му вели: „Знаеш, јас не сум само живот, јас сум и смрт, а ти наскоро ќе му го вратиш она што ти го позајмив“.

Ова е утеха, да се разгради смртта на начин на кој функционира како плима и осека со животот, а тоа е нешто што постојано го гледаме и во делата на Гарсија Маркес. Покрај „Хрониките на една најавена смрт“, почетокот на „Сто години самотија“ се врти околу еден војник кој се сеќава на своето детство додека се соочува со стрелачки одред, а во „Љубов за време на колера“, првата сцена ни прикажува доктор кој разгледува случај на самоубиство.

il_570xn.1485141088_8kyt

Со тоа што го става Кубас во позиција да раскажува од задгробниот живот, Мачадо му дава дефинитивен авторитет и беспрекорна природа која им недостасува на живите наратори:

„Не негирам дека јавното мислење понекогаш гледа на овој начин и нѐ истражува и нѐ суди, но ние, мртвите, не сме многу загрижени за овој суд. Вие, кои сѐ уште живеете, верувајте ми, нема ништо толку монструозно огромно нешто на овој свет како нашата рамнодушност.“

Иако се работи за навидум будалеста и шеговито стилизирана приказна, игривоста е вметната во патосот и визијата на животот и семејството во Бразил, нешто што Кубас во еден момент го опишува како „сладострастието на мизеријата.“ Со едноставната природа на поставеноста, тагата и каењето се вметнати во прекрасните моменти на една постхумна приказна, како врската на Кубас со неговата љубов, Виргилија:

„Некои растенија расцветуваат и бргу никнуваат, други растенија се бавни и никогаш не достигнуваат целосен развој. Нашата љубов беше од првите, цветаше со таков поттик и снага што за кратко време беше најголемото, најрасцветано и најизвонредното суштество во шумата.“

20170308_00_machado-assis

Кој било тип на љубов, победа или убавина која се случува во животот на Кубас е ужасно поврзана со веќе откриената вистина во првите неколку страни, односно неговата пропаст.

Читајќи го романот „Епитафот на малиот победник“, постои огромно искушение да го воздигнете како некаков антрополошки „Луси“ поттикнувајќи ја експлозијата на прекрасно и уникатно пишување која во 20 век се појави во Латинска Америка, но тоа е најверојатно лажно искушение.

Мачадо пишувал на португалски јазик и има едно фрустрирачко откровение, а тоа е дека неговите дела не биле преведени на шпански јазик сѐ до 50-тите години на 20 век, 80 години откако биле напишани, а тоа најверојатно е предоцна за да има монументално влијание какво што заслужува да има на континентот на којшто живеел. Иако задоцнетото пристигнување на делата на Мачадо на шпански јазик е одреден хендикеп, сепак, она што е уште поважно е изолирањето на една брилијантна книга која сѐ уште е изгубена на границите на сопствената култура. Дали една книга може сѐ уште да биде убава и уникатна, дури и ако стои осамена?

Според својот дизајн, раскажувањето на Кубас е кружно: при крајот паѓате во искушение да се вратите на почетокот за да видите како завршува приказната на Кубас, само за повторно да бидете вовлечени во приказната, во бескрајната одисеја за различните начини за средба со смртта. Вртоглавата природа на приказната е самиот обид на Мачадо да ја освои нашата сопствена смртност, човечкиот интерес и приказна која е толку стара која датира уште од Гилгамеш. Иако Гилгамеш бараше таен цвет за да ѝ го однесе на Енкиду, начинот на којшто Манчадо ја разоружува смртта е многу поедноставен: кратко смеење, една насмевка.

Извор.

Leave a comment