Едно студено утро, во три часот, на 28 октомври 1910 година, Софија Толстој се разбудила слушајќи тропање и чекори. Нејзиниот сопруг Лав Николајевич Толстој, најпознатиот писател во тогашно време, немирно се движел од едниот до другиот крај на соседната соба во нивнот дом во Јаснаја Полјана, на околу осумдесет километри од Москва. Тој ѝ кажал дека пиел некој лек, ја замолил да се врати да спие и ја затворил вратата позади неа. Следниот пат кога се разбудила, нејзиниот сопруг бил веќе заминат. Облечен во груба селска наметка, Толстој и неговиот лекар, доктор Маковецки, се качиле на воз и заминал за да ги проживее своите последни денови.
Зад себе оставил писмо наменето за неговата сопруга, во кое напишал: „Не ме барај. Имам чувство дека морам да се повлечам од маката на живеењето. Постојаните гости, постојаните посети и посетители, постојаните кинематографски оператори, тие ме вознемируваат на Јаснаја Полјана и ми го трујат животот. Тоа им е потребно на мојата душа и на моето тело кои 82 години живеат на оваа Земја.“

Толстој се родил на голем аристократски имот, чие име се преведува како „јасно поле“, но со текот на време истиот станал стапица за него. Набргу по објавувањето на „Ана Каренина“ во 1877 година, Толстој искусил „преобразба“.
Ани Кокобобо, уредничка на журналот „Толстоеви студии“ и авторка на книгата „Мудрец за сексот: Размислувањата на Толстој за родот, идентитетот и сексот“ вели: „Тој е патријарх, тој има имот во руската провинција, во село кое речиси и го поседува и тој од тоа преминува на целосно откажување од богатството. Тој практично доживува криза на средновечни години и бидејќи е Толстој, тој вели: „Јас ќе го решам ова“.“
Во 90-ти години на 19 век, Толстој одново ги преведувал и толкувал Госпелите од „Новиот Завет“ и го отфрлил толкувањето на Руската православна црква. Кокобобо вели: „Тој одлучил дека мора да го живееш животот на начин на кој не си премногу приврзан за телото, индивидуалноста, богатството или сексот.“ Па така, во 1901 година, тој бил екскомунициран.
Иако сѐ уште бил благородник, тој се обидувал да избега од сите стапици на привилегираноста. Се преселил во трошна селска куќичка на неговиот имот, а според написите во „Њујорк Тајмс“ од 13 ноември 1910 година, поврзани со неговото скандалозно заминување, „тој јадел само едноставна селска храна и носел селска облека која се носела во тоа време: груба блуза, широки панталони вовлечени во високи краварски чизми, кожен ремен и крзнена капа.“

Тој формирал јавни кујни и училиште за селските деца што живееле на неговиот имот, одгледувал живина и почнал да преговара да ги издава своите дела без правно да ги заштити. Тој промовирал и сексуална апстиненција, иако не се држел баш строго барем за ова последното, бидејќи во меѓувреме, неговата сопруга, со која бил 48 години во брак и со која имал тринаесет деца, имала други идеи.
Кокобобо вели: „Кога човек ги чита нивните дневници, делува како да живееле во сосема различни светови. Можете да замислите како реагирала неговата жена: „Ало, ние имаме тринаесет деца и сега ти најде да проповедаш против сексот“?“
Толстој со години размислувал за неговата смрт, но на неговиот имот не можел да избега од одговорностите како патријарх и јавна личност. Дури и за време на неговото последно патување со воз, весниците го следеле секој негов чекор, додека го претставувале како лудак.
Тој напрвo се качил на железницата „Каусани“ и патувал до манастирот „Шамардино“, каде неговата сестра Марија била калуѓерка. Кога неговата посета станала јавна информација, тој продолжил понатаму, надевајќи се дека ќе стигне до Кавказ. Но, на 15 ноември, речиси две недели откако си заминал од дома, сериозно се разболел и бил пренесен во железничката станица во малечкото градче Астапово. Неговата сопруга веднаш се упатила таму, но не ѝ било дозволено да го види сѐ до неговите последни моменти, пет дена подоцна. Опкружен со медиуми и ликови што мислеле дека е луд, тоа воопшто не била тивката смрт по која копнеел.

(Железничката станица Астапово, местото каде починал Толстој)
Еден натпис во „Тајмс“ премногу строго го осудувал дури и додека умирал: „Некогаш Толстој беше забележлив уметник во полето на зборовите, писател со чиста визија, извонредни моќи за забележување и јасен стил. Во последно време, тој очигледно беше забеган…. отиде да умре во дивината како диво животно. Очигледните шеги ќе бидат избегнати. Навистина е тажно.“
Кокобобо ја гледа неговата смрт како рационално продолжение на духовната идеологија која ја негувал со декади: „Секако, иронијата е во тоа што Софија се грижела за него, таа била негова партнерка, му го овозможувала животот. Тој ја напуштил неа и неговиот дом, духовно и физички, но не можел да преживее далеку од нив.“ Никој толку интимно не го разбирал, ниту пак толку многу се грижел за него како Софија. Во моментот кога излегол од нејзината сфера, тој умрел.
Доколку ве интересира повеќе за ликот и делото на Толстој, прочитајте ги и овие текстови:
