Што читаше Кафе и книги во ноември?

Декември дојде и сѐ побргу се ближи крајот на годината! Ноември беше навистина фантастичен месец во поглед на прочитаните книги, а навистина се надевам дека и декември ќе биде таков месец и дека ќе ја завршам годината со одлични книги! Она што е исклучително ретко и кое само кажува за тоа дека ноември беше одличен месец за книги е фактот што никогаш досега не се случило сите книги на листата да имаат оцена 5/5. Која книга да ја фатите во раце, верувајте ми дека нема да згрешите!

Кери“ – Стивен Кинг

Издавачка куќа: Арс Ламина
Оцена: 5/5 
Осврт: Долго време се подготвував да ја читам оваа култна книга, еден од најстрашните хорори во книжевноста, судејќи според сите критики. И воопшто не бев разочарана – напротив! Јас искрено не сум голем љубител на хорори, но Стивен Кинг некако секогаш успева да ме вовлече во своите приказни.

Приказната е многу подлабока од она што навидум може да се помисли. Главниот лик во приказната е Кери, тивка и повлечена средношколка која живее со мајка која религиозен фундаменталист и која ја запоставува и малтретира Кери, која уште од мали нозе почнува да забележува дека има некои необични моќи кои ја разликуваат од другите. Освен што го носи белегот на „чудак“ делумно заради својата мајка, сепак на Кери не ѝ е лесно и со децата во училиште кои ја малтретираат и исмеваат, а сѐ кулминира со една незгода по часот по физичко. Целата приказна е раскажана преку нарација, најчесто преку сведоштва и „извадоци“ од весници, трудови и анализи. Прекрасно напишана книга и ја препорачувам со цело срце!

И сѐ стана месечина“ – Георги Господинов

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт: Да се напише квалитетен краток расказ е навистина тешко, а Георги Господинов е навистина мајстор. Одлична збирка-раскази во која навистина уживав. Уживав во светот кој Господинов го создава за читателот, со неговата нарација која некако прави да се чувствувате како вие лично да учествувате и да сте внатре во секоја приказна, како да сте сведок на она што се случува и тоа не само преку читањето.

Во книгата има 19 приказни и секоја од нив е прекрасна и секоја од нив ќе ви даде нешто за размислување и од секоја од нив ќе си го земете и ќе си го најдете она што ви е потребно. Има и одредени теми кои сигурно ќе ве поттикнат на размислување или доколку ги дискутирате со некој сигурно ќе се развие интересна дискусија. Една од мислите кои највеќе ми остави впечаток беше оваа: „Апокалипсата не е задолжително оган и сулфур, јавачи, ангели што трубат, глобално разурнување. Понекогаш крајот на светот е нешто многу лично.“ Топла препорака!

13“ – Стив Кавана

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Доколку сте љубител на трилери, ќе се воодушевите од книгава! Одличен трилер, многу интересна и необична приказна, а и начинот на раскажување на приказната е интересен и доловува различни перспективи.

Приказната се врти околу судењето на Боби Соломон, познат холивудски глумец кој е обвинет дека ја убил својата сопруга, која исто така била холивудска ѕвезда. Тој тврди дека е невин, но сите докази покажуваат кон него. Тогаш на сцена настапува познатиот адвокат Еди Флин, кој смета дека успешно разрешување на овој случај може да му реши многу проблеми.

Но, овој случај е многу покомплициран од она што навидум изгледа, особено кога ќе се земе предвид дека убиецот всушност е дел од поротата. Она што ја прави нарацијата уште поинтересна е тоа што ние истовремено ги добиваме двете перспективи, онаа на Еди, но и онаа на убиецот, па голем дел од работите гледаме како паралелно се одвиваат. Одлична приказна, одлично раскажување и креативни пресврти во приказната кои ќе ве натераат да не ја испуштите книгата од рака.

Темјанушки во март“ – Сара Џио

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт: Сара Џио е навистина одлична писателка која одлично знае како да го поврзе минатото и сегашноста, како да ги испрелете на начин на кој крајот секогаш има совршена смисла. Иако „Тајната колиба на плажата“ лично не ми беше фаворит, сепак „Зима со мирис на капини“ е книгата со која ги открив нејзините приказни.

„Темјанушки во март“ е приказна која (за мене) е сосема на нивото на „Зима со мирис на капини“ и во однос на феноменалниот стил на пишување и во однос на самото дејство и приказна. Главниот лик во оваа книга е Емили Вилсон, жена која во еден момент имала сѐ: прекрасен сопруг, неверојатно успешна писателска кариера, одличен живот, но сѐ тоа некако се руши кога открива дека нејзиниот сопруг ја изневерува и ја напушта, а таа треба да се справи со недостатокот на инспирација при пишувањето книги.

Но, таа ја наоѓа инспирацијата на најчудното место од сите: остров Беинбриџ, каде живее нејзината тетка Би и местото каде што имала преубави детски спомени од летните одмори. Таму наоѓа еден мистериозен дневник на една жена која никогаш не ја познавала, но некако се внесува во нејзината приказна и решава да ја дознае целата вистина. Одлична книга, се чита во еден здив и исто така нѐ потсетува на тоа како понекогаш еден момент во животот може да го одреди целиот понатамошен тек.

Покана за пријателство“ – Лора Маршал

Издавачка куќа: ТОПЕР
Оцена: 5/5 
Осврт: Уште еден одличен трилер кој нема да сакате да го испуштите од рака. Љубителите на трилери дефинитивно нема да ја испуштат книгава од рака, а и доколку не сте љубител на трилери, книгава ќе ве заинтригира.

Луиз Вилијамс е самохрана мајка, која се труди да се прилагоди на својот живот и да му биде посветена на својот син и покрај болката од разводот. Освен тоа, таа со години живее со товарот од тајната којашто ја чува, тајна која некако на многу чуден начин почнува да излегува на површина.

Еден ден, сосема наивно, на Фејсбук ѝ стигнува покана за пријателство од Марија Вестон. Ова не би било толку невообичаено, доколку Марија не е исчезната повеќе од 15 години, токму на нивната матурска вечер. Сите овие години сите мислеле дека таа е мртва, иако нејзиното тело никогаш официјално не е пронајдено. А тогаш дознава дека наскоро ќе се организира и собиранка и целиот нејзин клас ќе оди. Но, како е Марија поврзана со сето ова и како е возможно човек кој сите го сметале дека е мртов одеднаш да почне да праќа пораки и покани за пријателство на социјални мрежи?

Одлична книга!

Leave a comment