Јосип Коцев е еден од најпознатите македонски современи поети кој многу лесно успеа да создаде своја читателска публика, благодарејќи на неговите стихови во кои секој може да најде дел од себе. Тој неодамна го доби признанието „Бели мугри“ за млад автор до 35 години и ја издаде својата нова стихозбирка „Музеј на чувствата“. Токму денес читаме македонска поезија, негова песна од новата стихозбирка!
Сѐ што ќе создадам, отсега ќе чекори кон тебе – Јосип Коцев
Секој град во кој ќе паднат мртвите клетки од моето тело,
атом по атом ќе ми ја шие плотта
во градот каде што си ти.
Секое стебло што се простило со своето лисје,
жила по жила ќе разлисти облаци
на небесното дрво под кое си ти.
Секоја самотија што ја поразила ноќта,
душа по душа ќе роди народи
во дните кога траеш ти.
Најнакрај, чекор по чекор
ќе дојдам кај тебе,
ќе дојдеш кај мене.
(Не ќе се знае
кој кај кого пристигнал.)
Ќе се сретнеме
како здив и меурче од сапуница,
двајца ќе сме, а безброј ќе нè има,
краткотрајни
толку ранливи,
а толку чудесни.

