Што читаше Кафе и книги во декември?

Среќна Нова 2020 година! Кафе и книги ви посакува многу љубов, среќа и убавини во оваа нова година, а секако, оваа година да прочитате уште повеќе книги од претходната. Со оглед на тоа дека започнавме нова година и свртевме нов лист, одлично време е и за традиционалната месечна листа со предлози на основа на книгите кои ги прочитав изминатиот месец!

Среќни празници!

Кралство од соништата“ – Џудит МекНот

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова е дефинитивно најдобрата книга која ја прочитав во декември, но и во текот на цела 2019 година. Се работи за една прекрасна книга, со одлично разработена приказна и ликови и ќе бидете потполно внесени во неа. Оваа книга највеќе ќе им се допадне на оние кои сакаат романтични приказни и/или историски драми. Дејството на приказната се одвива во поголемиот дел во Шкотска која е во војна со Англија.

Со години се шират приказни за страшниот Црн Волк (Ројс Вестморленд), кој е еден од најмоќните англиски воини во кого англискиот крал има голема доверба. Еден ден, Џенифер Мерик и нејзината сестра се киднапирани токму од војската на Црниот Волк. Џенифер Мерик припаѓа на многу моќен шкотски клан и тоа е одлична шанса за Црниот Волк да ги подобри своите позиции. Но, Џенифер не е обична „принцеза во неволја“, напротив, таа е бунтовна, тврдоглава и ќе започне да му создава многу проблеми. Одлична книга! Ја препорачувам со цело срце!

Четириесет правила на љубовта“ – Елиф Шафак 

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е магична книга за љубителите на поезијата на Руми, но и на сите љубители на длабоки размислувања за животот, светот и љубовта. Она што е необично и интересно во оваа книга е што всушност ние читаме книга во книга. Најпрво се запознаваме со Ела Рубинстајн, домаќинка заробена во рутината, која никогаш не почувствувала вистинска страст и покрај тоа што со години е во брак.

Таа започнува со хонорарна работа во една издавачка куќа и добива задача да прочита една книга „Слатко безбожништво“ од  Азиз З. Захара. Тогаш и ние како читатели заедно со Ела навлегуваме во необичната и длабока приказна за необичното пријателство помеѓу Руми и ексцентричниот дервиш скитник познат како Шемс од Тебриз. Оттука книгата постојано нѐ внесува во приказната на Руми и Шемс, но и гледаме како оваа книга влијае врз емотивната состојба на Ела. Книгата е преполна со интересни дијалози за љубовта, животот, религијата, луѓето. Голем дел од пораките во оваа книга ќе ве замислат и ќе посакате да ги дискутирате со луѓето околу вас. Дефинитивно ви ја препорачувам оваа книга!

„Скришно место“ – Пола Фокс

Издавачка куќа: АРС СТУДИО
Оцена: 3.5/5
Осврт: Животот на младата Викторија Финч сосема се менува кога нејзиниот татко ненадејно ќе почине и таа и нејзината мајка ќе мораат да се преселат во едно малечко место, каде ќе мора да започне сосема одново: да запознава нови луѓе, да најде нови пријатели и да започне да го разбира животот.

Таа се запознава со Хју Тод, богато дете, кое делува дека е многу интересен и дека има големи животни познавања и ужива во времето кое го поминува со него, но дали е тоа пријателство добро за неа? Ова е интересна приказна од аспект на тоа што на многу едноставен начин ги изложува маките и прашањата кои секој млад човек во пубертет или рано тинејџерство си ги поставува. Дава интересна слика за тие времиња кои можат да бидат одлични, но и многу збунувачки во исто време.

„Неверниот принц“ – Нора Робертс

Издавачка куќа: ТОПЕР
Оцена: 2.5/5
Осврт: Ова е интересна книга за читање доколку немате концентрација за потешка литература или кога сте премногу зафатени и уморни и само сакате некоја „лимонада“ за да ве одмори. Се работи за класична приказна за недопирливиот заводник и мирната девојка која има еден сосема таен живот зад маската на мирна и невина девојка.

Принцот Бенет обожава предизвици во животот, особено кога станува збор за девојките, па така, кога ќе ја сретне тивката и повлечена Хана Ротчајлд, тој решава да ја освои, без воопшто да помисли дека Хана е сѐ освен мирна и досадна девојка без никакви авантури во животот. Ова е книга која нема некоја голема длабочина, ниту е предобро разработена, но ќе заврши работа за време на некое досадно, тмурно и зимско попладне.

Leave a comment